Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на 21 декември, Денот на наставата на турски јазик, денеска прими претставници на Сојузот на турски невладини организации - МАТУСИТЕБ.
На средбата, на која присуствуваа г. Тахсин Ибрахим, претседател на МАТУСИТЕБ, и членовите на управниот одбор на организацијата, г. Шенол Тахир, г. Хушреф Емин и г. Хајати Шабан, беа разменети мислења за положбата на турската заедница во Република Македонија.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо го цени придонесот што припадниците на турската заедница го даваат за целокупниот развој на државата и изрази надеж дека ќе продолжат да ја негуваат својата традиција и да придонесуваат за просперитетна иднина на сите граѓани на Република Македонија, како и за продлабочување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Турција.
Соговорниците го запознаа претседателот Иванов со тековните активности на МАТУСИТЕБ, како и со состојбите и предизвиците во процесот на образование и наставата на турски јазик. Воедно, беше поздравено значењето кое Република Македонија му го придава на правото на настава на мајчин јазик, како и континуираните заложби на Претседателот за рамноправен статус на припадниците на сите етнички заедници во државата и за заштита на нивната култура и традиција.
По повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик - 21 декември, претседателот Иванов упати и честитка до претставниците на турската заедница во Република Македонија.
Почитувани сограѓани,
Дозволете ми по повод Денот на наставата на турски јазик до сите претставници на турската заедница во Република Македонија да им го честитам Денот на наставата на турски јазик.
Јазикот на еден народ ја претставува душата на една нација. Преку него се изразуваат националните и културните особености, идентитетот и духовното богатство на земјата. Различностите, сплетот на култури и религии нè прави посебни, додека нашето меѓусебно почитување и доверба ни даваат за право да кажеме дека создадовме цврст мост за меѓусебна соработка и партнерство. Показател за тоа е добрата соработка меѓу Република Македонија и Република Турција за што сведочат и многубројните заеднички реализирани проекти. Нашиот адут е традицијата која нè поврзува и истовремено нè обврзува заеднички да ги промовираме интересите и културните вредности како дел од нашата заедничка иднина.
Можноста која ја имаат турската, и другите заедници во Република Македонија, да се образуваат и да говорат на својот мајчин јазик, говори доволно за универзалните вредности за кои се залагаме и за демократската особеност која ја создаваме со векови наназад.
Честитајќи ви го Денот на наставата на турски јазик сакам да истакнам дека и во иднина, како и досега, ќе се залагаме за унапредување на општествените процеси за негување и за промовирање на културните особености и традиција на турската заедница во Македонија.
д-р Ѓорге Иванов