Соопштенија
PRM_web
Писмо до претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин
Вторник, 28 Јануари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација, упати писмо до претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин.

Почитуван господине Претседател,

Дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви упатам изрази на висока почит.

Господине Претседателe, Ви се обраќам во пресрет на еден многу значаен датум за историјата на односите меѓу нашите две пријателски држави. Имено, 31 јануари е денот на кој, пред точно 20 години, беа воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Од тогаш, сведоци сме на континуирани заложби во градењето на државните односи во сите области од заемен интерес и во зајакнувањето на пријателството меѓу нашите граѓани.

Во изминативе дваесет години, можам да констатирам дека вкупните односи и соработката меѓу двете пријателски земји достигнаа ниво од кое можеме да бидеме задоволни. Во основата на цврстите билатерални односи лежи високиот степен на политички дијалог на сите нивоа. И во оваа пригода сакам да Ве уверам дека во духот на воспоставеното пријателство, меѓусебното разбирање и заемното почитување, во согласност со долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, како и економските интереси кои претставуваат заеднички императив, Република Македонија, како и досега на развојот на односите со Руската Федерација ќе придава највисоко внимание.

Подготвен сум заедно со Вас, преку размена на посети, средби и личен пример, и понатаму да даваме заеднички придонес и поттик за соработка како на политичко ниво, така и во областа на економијата, енергетиката, трговската размена, инвестициите, културата, туризмот, образованието и сите останати области. Тоа се воедно сфери на соработка во кои постои сè уште недоволно искористен потенцијал, и сфери во кои ценам дека можеме да бидеме партнери, едноставно сфери кои треба да ги одбележат следните декади во нашите билатерални односи. Приклучувањето на Република Македонија кон Јужен тек, претстојната гасификација на земјата, а кое е резултат токму на заложбите и посветеноста на властите од двете земји, претставува добра основа во таа насока.

д-р Ѓорге Иванов

zamenikusa
Потврден интересот за интензивирање на стратешкото партнерство со САД – средба со Хојт Брајан Ји, заменик помошникот на државниот секретар на САД
Понеделник, 27 Јануари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со г. Хојт Брајан Ји, заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.

На средбата беа разменети мислења околу севкупниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски држави, како и за состојбите во врска со европската и евроатланската перспектива на Република Македонија.

Во однос на стратешките приоритети на Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека земјава останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската Унија и изрази очекување за американска поддршка и ангажман пред следниот НАТО самит во Велика Британија.

„Постојат два начина Република Македонија да го заземе заслуженото место во Алијансата, што ќе биде од корист за целиот регион. Првиот е преку безусловно почитување на Времената спогодба и пресудата од Хаг, и вториот е изнаоѓање на заемно прифатливо решение за наметнатиот спор во согласност со рамката во која се води процесот. За деблокада на нашите стратешки цели неопходна ни е поддршката и ангажманот на САД", рече претседателот Иванов на средбата.

Во однос на разговорите околу прашањето за името претседателот Иванов укажa дека јужниот сосед продолжува со неодговорно однесување, избегнување на контакти и непочитување на рамката на разговорите. "Непридржувањето до рамката во која се води процесот во Обединетите нации, непочитувањето на пресудата од Хаг, не не придвижува кон постигнување на заемно прифатливо решение. Затоа очекуваме од нашите сојузници, пред се од САД, во име на поширокиот интерес да побараат разумно однесување од страна на Грција", истакна претседателот Иванов.

На средбата со заменик помошникот на државниот секретар на САД, беше потврден интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатералната соработка.

Во тој контекст, македонскиот претседател изрази задоволство од интересот во САД за инвестициските можности во Република Македонија, како и очекување за продлабочување на економската соработка и унапредување на динамиката на политичкиот дијалог на сите нивоа.

На средбата беа разменети мислења и информации и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа.

svetisava
Претседателот Иванов го честитка празникот Свети Сава на припадниците на српската заедница
Понеделник, 27 Јануари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми, во мое и во името на сите граѓани во Република Македонија, да ви го честитам големиот празник Свети Сава.
Денешниот празник е посветен на една од најзначајните личности на српската историја и црква. Денот на свети Сава претставува еден од најзначајните верски и национални празници на српскиот народ, насекаде во светот. Српската, како и другите етнички заедници во Република Македонија, преку негување на традицијата и наследството од старите генерации гради цврсти односи на заемно почитување, разбирање и унапредување на општествениот и целокупниот развој на земјава.
Одбележувањето на денот на свети Сава, српскиот светец, просветител и државник, значи прославување на неговата мисла и дело, но и почит кон припадниците на српската заедница во земјава, кои учествуваат во создавањето и во зајакнувањето на Република Македонија на економски и општествен план.
Славејќи го денот на првиот српски aрхиепископ ја потврдуваме заедничката определба за соживот, меѓусебно разбирање и доверба. Во духот на неговото живеење и учење да ги потврдиме заложбите за негување и за почитување на заедничките вредности, да се обединиме во заедништво за да создадеме подобра иднина и поубав живот за сите наши граѓани.
Ви посакувам добро расположение, среќа и благослов.
За многу години празникот.

д-р Ѓорге Иванов

PRM
Честитка по повод христијанскиот празник Богојавление (Водици)
Недела, 19 Јануари 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление (Водици), упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници:

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Богојавление (Водици).

Одбележувајќи го денот кога свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан го славиме нашето духовно раѓање. Радувајќи се на Христовото крштевање и осветувајќи ги македонските води ја продолжуваме традицијата на нашите предци и ја потврдуваме вербата во вредностите на покајанието и прочистувањето, како и споделувањето на добрина и љубов.

Македонската православна црква, негувајќи ја традицијата, религиозните и културните посебности, ни дава верба за да ги издржиме секојдневните предизвици и искушенија, залагајќи се за почитување на верските и духовните вредности. Прочистувањето на човековата душа значи празнување на убавите мисли и дела, човекољубие и милосрдие. Симболиката на чистината ја зацврстува нашата верба да продолжиме да ги почитуваме верските различности и религиозните посебности според христијанските начела за мир, заедништво и слога.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го празникот Богојавление (Водици), Ви посакувам добро здравје, духовен мир и спокој. На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам мир, спокој и почитување на вистинските вредности.

д-р Ѓорге Иванов

isler1
Средба со заменик-претседателот на Владата на Република Турција, д-р Емрула Ишлер
Сабота, 18 Јануари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Дојран оствари средба со заменик-претседателот на Владата на Република Турција, д-р Емрула Ишлер.

На средбата, на која присуствуваше и претседателот на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА, д-р Сердар Чам, претседателот Иванов и заменик-претседателот на турската влада Ишлер, разменија мислење околу севкупната соработка меѓу Република Македонија и Република Турција.

Соговорниците констатираа дека продолжува нагорниот тренд на успешни билатерални односи меѓу двете земји.

Во однос на економската соработка, претседателот Иванов ги реафирмираше очекувањата за нејзино интензивирање.

Во контекст на интеграцијата на Република Македонија во Европската унија, претседателот Иванов посочи дека отворањето на пристапните преговори со ЕУ останува примарна цел за земјата. Истовремено, претседателот Иванов изрази очекување да продолжи поддршката на Република Турција за влез на Република Македонија во НАТО.

На средбата претседателот Иванов и вицепремиерот Ишлер разговараа за соработката меѓу двете земји и во останатите општествени сфери.

PRM
Претседателот Иванов го честита големиот христијански празник раѓањето Христово - Божиќ
Понеделник, 06 Јануари 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, на сите верници од православна вероисповед, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви го честитам големиот празник на Рождеството Христово – Божиќ.

Славејќи го најголемиот ден од сите денови, денот кога се роди Синот Божји, се присетуваме на сè што е важно и што нè прави луѓе. Ја славиме желбата – љубовта, мирот и милосрдието да бидат нашите водилки за да станеме подобри луѓе и подобри христијани. Овој празник нè потсетува дека треба да ги негуваме семејните и традиционалните вредности, да шириме добрина и милосрдие, но пред сè да се обединиме во заедништво за да создадеме подобра иднина и поубав живот за сите наши граѓани.

Македонската православна црква преку своето соборно единство, славејќи го денот кога се роди Синот Божји, денот кога започна животот и историјата на христијанската црква нè поучува на солидарност, добрина и заемно разбирање. Црквата години наназад стои исправена пред предизвиците на современото општество, заштитувајќи и негувајќи ја традицијата, религиозните и културните посебности на Република Македонија. Таа нè учи на човекољубие и милосрдие, посочувајќи дека сите сме исти пред Бога и дека љубовта, толеранцијата, семејните вредности и човечката добрина секогаш се возвраќаат.

Водени од оваа верба треба да ги продолжиме воспоставените вредности на почитување на верските различности и на религиозните посебности, афирмирајќи ги човечноста и христијанските начела за мир и за заедништво.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот православен празник, Ви посакувам добро здравје, духовен мир и спокој, додека на членовите на Синодот и на верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам среќа, благослов и нека срцата на сите нас ни бидат исполнети со љубов и добрина.

Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 90 од 175