Соопштенија
naumovski
д-р Васко Наумовски поставен на должноста специјален пратеник на претседателот во разговорите за разликата околу името
Вторник, 22 Јули 2014
prostalnagermanija
Проштална средба со амбасадорот на Сојузна Република Германија, Н.Е. г-ѓа Гудрун Штајнакер
Петок, 18 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Гудрун Штајнакер.

Претседателот Иванов, изрази благодарност за досегашниот личен ангажман и придонес на амбасадорката г-ѓа Штајнакер, во унапредување на билатералните односи и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

На средбата беше изразено взаемно задоволство од севкупниот досегашен развој на билатерален план, кој континуирано бележи позитивен тренд, како на економско поле така и во општествено политичките сфери.

„Германија, како водечка европска држава и како еден од најзначајните економски партнери на Република Македонија, е исклучително важен пријател и партнер на нашата земја и ние високо ја цениме улогата на Германија во нашите интегративни процеси", рече претседателот Иванов на средбата.

Македонскиот претседател ја истакна потребата за натамошно интензивирање на добрата соработка со Сојузна Република Германија, позитивно оценувајќи ја пораката на германската канцеларка г-ѓа Ангела Меркел дадена во Дубровник, што е уште една потврда за поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија во однос на нашите евроатлантски аспирации.

Амбасадорката г-ѓа Штајнакер, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на нејзиниот мандат, и изрази задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорката г-ѓа Штајнакер и посака успех во натамошната работа.

gauk_germany
Честитка до германскиот претседател, г. Јоахим Гаук, по повод освојувањето на титулата светски фудбалски првак
Понеделник, 14 Јули 2014

Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особено задоволство во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име да Ви го честитам освојувањето на титулата светски првак, по четврти пат во богатата фудбалска историја на Германија. Освојувањето на светската фудбалска круна е доказ за врвниот квалитет, сплотеноста и прекрасната атмосфера што владее во репрезентацијата. Впрочем, јас и пред почетокот на првенството сметав дека Германија е фаворит, поради односот кон фудбалот, посветеноста, упорноста и дисциплината. Се надевам дека не е далеку денот кога нашите две репрезентации ќе се сретнат на едно Европско или Светско првенство, што е желба на огромен број на фудбалски вљубеници во Република Македонија.

Испраќајќи уште еднаш искрени честитки до Вас и до пријателскиот германски народ, Ве молам да ги примите изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

nuland1
Средба со г-ѓа Викторија Нуланд, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД
Понеделник, 14 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со г-ѓа Викторија Нуланд, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.

На средбата беа разменети мислења околу севкупниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски држави, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Во насока на реализација на стратешките цели на Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека земјава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори со Европската Унија и реализирање на поканата за членството во НАТО, и изрази очекување од американска поддршка и ангажман по однос на истите. "Евроатланските интеграции имаат голема кохезивна сила во нашето мултиетничко општество, и не случајно уживаат огромна политичка, етничка и социјална поддршка. Предолгиот статус кво во интеграциите не помагаат во унапредувањето на македонскиот модел на соживот, и од тој аспект за Република Македонија е исклучително значајна натамошна уште позасилена поддршка од Соединетите Американски Држави", истакна македонскиот претседател.

Република Македонија како и досега така и во наредниот период може да смета на силна поддршка од САД во реализацијата на поставените стратешки цели, истакна г-ѓа Нуланд, нагласувајќи ја подготвеноста за натамошна блиска соработка со лидерите на Република Македонија, и апелираше сите политички лидери во земјата да работат на натамошно јакнење на довербата.

На средбата со помошникот државен секретар на САД, беше потврден интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатералната соработка.
usa_4

oland
Честитка до францускиот претседател г.Франсоа Оланд, по повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република
Понеделник, 14 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република упати честитка до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд.

Почитуван господине Претседателе,

По повод Денот на Бастиља, националниот празник на Француската Република, го имам задоволството, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најискрени честитки и желби за просперитет на пријателска Франција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам високо уважување за зацврстувањето на односите меѓу Република Македонија и Француската Република. Нашата средба во Брдо, минатата година, во рамки на Состанокот на лидерите на процесот Брдо, беше уште една потврда за високиот степен на заемно пријателство и истата несомнено даде силен поттик во понатамошното интензивирање на политичкиот дијалог меѓу нашите две земји.

За Република Македонија од особено значење e француската поддршка на нашите цели, членството во НАТО и во Европската унија. Улогата на Франција како искрен поддржувач на перспективите за евроатлантска интеграција на мојата земја, како и досега, и во иднина за нас ќе биде од стратегиско значење.

Честитајќи Ви го уште еднаш националниот празник, Ве молам, господине Претседателе, да ги примете изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

leto_1
Средба со организаторите и уметниците кои ќе го отворат фестивалот „Охридско лето“
Петок, 11 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид ги прими организаторите на фестивалот „Охридско лето", како и светски познатиот сопран, оперската ѕвезда од Италија, г-ѓа Барбара Фритоли, италијанскиот баритон г. Лео Нучи и аргентинскиот диригент г. Луис Горелик, со чии настапи свечено ќе биде отворено годинешното 54 –то издание на фестивалот.

Во пресрет на утрешното отворање на „Охридско лето", македонскиот претседател изрази задоволство од годинешната програма, посочувајќи дека фестивалот дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот, како и на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика.

Претседателот Иванов им посака добредојде на светски познатата оперската ѕвезда од Италија, г-ѓа Барбара Фритоли и на останатите уметници, и посака успешен настап на утрешното отворање на фестивалот. Претседателот Иванов поздравувајќи го учеството на уметниците на една од нашите најзначајни културни манифестации, изрази очекување дека нивниот настап ќе даде посебен белег на ова издание на „Охридско лето".

Г-ѓа Барбара Фритоли се заблагодари за гостопримството и изрази задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател, дополнувајќи дека првичните импресии од фестивалот и организаторите се исклучително позитивни и дека прекрасно се чувствува во Охрид и Македонија.

На средбата, организаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за досегашниот тек на подготовките со надеж дека овогодинешниот фестивалот „Охридско Лето" ќе биде успешен културен настан, со учество на голем број странски уметници од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид.

Годинешново 54-то издание на културната манифестација Охридско лето ќе се отвори утре, со гала концерт посветен на Џузепе Верди на кој ќе настапат Барбара Фритоли – сопран од Италија, Лео Нучи – баритон од Италија и Македонската Филхармонија под диригентство на Луис Горелик од Аргентина.
leto_2

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 83 од 175