Соопштенија
PRM_web
Честитки од претседателот Иванов по повод Велигден до папата Франциск, вселенскиот патријарх Вартоломеј и рускиот патријарх г.г.Кирил
Понеделник, 21 Април 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитки до поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост папата Франциск, до Неговата Светост вселенскиот патријарх Вартоломеј, како и до поглаварот на Руската православна црква, Неговата Светост патријархот г.г. Кирил.

„Имајќи ја предвид нашата заедничка силна посветеност во одбраната на универзалните вредности за кои се залагаме, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот, толеранцијата и меѓусебната почит, посакувам и овој голем празник да донесе верба во градењето на просперитетна иднина за сите христијани низ светот", стои во честитката упатена до папата Франциск.

Во честитката до вселенскиот патријарх Вартоломеј, претседателот Иванов порачува: „Да го следиме патот на светлината кој Синот Божји го поплочи за нас, да ги даруваме и да ги опсипуваме нашите ближни со љубов и грижа, да ги почитуваме и да ги сакаме сите околу нас".

„Велигден претставува можност, поткрепени од Божјата милост, да работиме на нашата духовност, грижа и љубов за другите. Христовата жртва за човештвото нека биде наш, и на сите, патоказ за добродетелство, меѓусебно помагање и споделување. Празникот Воскресение Христово ни дава голема радост и надеж, нè поттикнува на добри дела, на љубов кон ближните, на соживот и почит кон различните од нас", стои во честитката до поглаварот на Руската православна црква, Неговата Светост, патријархот г. г. Кирил.

Во писмата по повод Велигден, претседателот Иванов упатува срдечни и топли поздрави од Република Македонија, посакувајќи сите христијански верници големиот празник да го поминат во мир, добро здравје, радост и благосостојба.

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов до сите христијански верници во Република Македонија по повод Велигден
Сабота, 19 Април 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите христијански верници во Република Македонија.

Дозволете ми на сите христијански верници да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Славејќи го денот кога Исус Христос воскреснал, го славиме нашето духовно раѓање и ја потврдуваме вербата во вредноста на покајанието и на прочистувањето. За христијаните, Велигден е празник на љубовта и мирот и симбол на триумфот на животот над смртта.

Христијанството нè поучува на почитување на духовните вредности, но и на човекољубие и милосрдие, посочувајќи дека сите сме исти пред Бога и дека љубовта, почитувањето на различните, семејните вредности и човечката добрина секогаш се возвраќаат.

Водени од оваа верба треба да ги продолжиме воспоставените вредности во Република Македонија на почитување на верските различности и на религиозните посебности, афирмирајќи ги човечноста и христијанските начела за мир и за заедништво.

Честитајќи ви го најголемиот празник над сите празници, Велигден, ви посакувам добро здравје, духовен мир и спокој, додека на членовите на Синодот и на верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам среќа, благослов и нека срцата на сите нас ни бидат исполнети со љубов и добрина.

Христос воскресна!



evrei
Честитка од претседателот Иванов до припадниците на Еврејската заедница по повод празникот Песах
Вторник, 15 Април 2014

Претседaтелот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот празник Песах, упати честитка до г-ѓа Берта Романо Николиќ, претседател на Еврејска заедница во Република Македонија, и до членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Николиќ,

Ми претставува чест и задоволство на сите припадници на Еврејската заедница во нашата земја да ви упатам искрени честитки по повод одбележувањето на празникот Песах, денот кој ја прославува слободата на еврејскиот народ.

Празникот Песах го слави ослободувањето на Евреите од ропство. Гледајќи наназад и низ историјата слободата секогаш била водилка и идеал за нови предизвици и победи. Затоа не можам а да не ги споменам страдањата, саможртвите и искушенијата низ кои поминале припадниците на Еврејската заедница, но и победите кои биле порив за подобар живот и слобода.

Ваквите празници не потсетуваат на вредностите кои треба да ги негуваме, но и на почитувањето на религиските и културните посебности кои даваат придонес во севкупниот развој на Република Македонија. Еврејската заедница во земјава има особен придонес во градењето и почитувањето на општествените вредности. За нашата заемна и добра соработка сведочат и добрите пријателски односи кои Република Македонија го има со Државата Израел.

Честитајќи Ви го уште еднаш празникот на слободата и поклонението, примете ги моите желби за мир, духовен спокој и меѓусебна доверба и пријателство.

д-р Ѓорге Иванов

prmromi
Честитка од претседателот Иванов по повод 8 април – Меѓународниот ден на Ромите
Вторник, 08 Април 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 8 април – Меѓународниот ден на Ромите.

Почитувани сограѓани,

Упатувајќи честитки до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите, сакам да нагласам дека Република Македонија има право да се гордее поради условите кои ги создава за Ромите, и како заедница и како поединци, да придонесуваат за развојот на нашата држава во секоја сфера од општествениот живот. Со степенот на права кои ги уживаат припадниците на ромската заедница, Република Македонија претставува пример за целиот свет.

Ромската заедница е нераскинлив дел од нашето македонско повеќеетничко општество, кое постојано создава услови за негување на ромскиот етнички и културен идентитет, и претставува пример за еднаквите можности и права. Нашиот модел на соживот, на почитување на различностите е најголемата сила на Македонија.

Процесот на натамошно подобрување на социјалната, економската и севкупната положба на Ромите, бара секојдневни активности и максимален ангажман. Само така, само со вклученост, со солидарност, и како држава и како општество, ќе се соочиме и ќе ги надминеме предизвиците со кои се соочува оваа етничка заедница. Сакам да знаете дека во мене, лично, и во институцијата Претседател секогаш сте имале и ќе имате посветен и верен поддржувач на овој процес.

д-р Ѓорге Иванов

ivon
Проштална средба со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. г. Кристофер Ивон
Среда, 26 Март 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Н.Е. г. Кристофер Ивон.

Претседателот Иванов изрази благодарност за досегашниот придонес на амбасадорот Ивон во унапредување на билатералните односи и интензивирање на соработката меѓу двете земји, и искажа очекување дека Република Македонија и Обединетото Кралство и во иднина ќе го продлабочaт политичкиот дијалог и ќе продолжат со соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Македонскиот претседател заблагодарувајќи се за досегашната, изрази очекување дека и во наредниот период ќе продолжи поддршката од Обединетото Кралство во однос на европските и евроатланските интеграции.

Амбасадорот Ивон изрази задоволство од вршењето на дипломатската функција во земјава и искажа благодарност за поддршката од сите институциите во Република Македонија.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорот Ивон му посака успех во натамошната работа.

arens1
Средба со г. Герт Хајнрох Аренс, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојните претседателски и парламентарни избори
Среда, 19 Март 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со г. Герт Хајнрох Аренс, шеф на делегацијата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојните претседателски и парламентарни избори во Република Македонија.

На средбата, претседателот Иванов искажа увереност дека Република Македонија, и во претстојниот период ќе покажа капацитет за спроведување на изборите и изборниот процес во согласност со европските стандарди.

„Очекувам, како и секогаш досега, изборниот процес да помине во најдобар ред и во демократска атмосфера, но морам да истакнам дека сите учесници во изборниот процес носат политичка одговорност и должност да ги почитуваат изборните правила и закони", истакна претседателот Иванов.

На средбата беше изразено задоволство што најголем дел од досегашните препораките на ОБСЕ/ОДИХР се прифатени, и истите ќе бидат имплементирани. Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија го цени присуството на набљудувачката мисија на ОБСЕ, како и нивните предлозите со цел подобрување на изборното законодавство во земјава.

Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ го запозна претседателот Иванов со нивните претстојни активности поврзани со изборниот процес и разменија мислења околу улогата на одделни сегменти и чинители во изборниот процес.

Македонскиот претседател изрази уверување дека мисијата на ОБСЕ, како и досега, професионално ќе ја извршува својата задача во рамките на својот строго утврден мандат.

arens2

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 88 од 175