Како претседател бев и ќе бидам гласот на граѓаните - инаугуративно обраќање на претседателот Иванов
12 мај 2014, Скопје, Собрание на Република Македонија
Почитувани граѓани на Република Македонија, Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија, Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, Почитувани пратеници, Почитувани членови на Владата, Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија, Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија, Претставници на медиумите, Ценети екселенции, Дами и господа,
На самиот почеток би сакал да им искажам огромна благодарност на граѓаните на Република Македонија кои придонесоа да се одржат мирни, фер и демократски избори. Избори на кои победи демократијата, победија граѓаните, победи Македонија.
Исто така и честитам на Државната изборна комисија што ефикасно ги спроведе изборите. Со тоа го подигна стандардот за демократските избори во Република Македонија.
Им благодарам на домашните и на меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР за непристрасноста во следењето на изборниот процес во Македонија. Оценките за изборите што ги даде меѓународната заедница за нас претставуваат охрабрување, но и поттик за постојано унапредување на демократијата.
Прв пат во историјата на Република Македонија, претседателските избори минаа без ниту еден приговор до Државната изборна комисија. Убеден сум дека сите наредни избори во Македонија ќе го задржат, па дури и ќе го надминат, стандардот што го поставија избирачите и институциите.
Живееме во период на постојани трансформации на меѓународниот поредок.
Кога пред 5 години дадов свечена изјава, светот се наоѓаше во глобална економска и финансиска криза, а Европа навлегуваше во голема должничка криза. Кризите полека се надминуваат, економиите закрепнуваат, но глобалните предизвици и промени остануваат. Тие денес се дури и поинтензивни и понепредвидливи. А светот е поврзан и меѓузависен, како никогаш досега.
Во вакви сложени меѓународни услови, неопходно е Република Македонија успешно да ги брани своите интереси, интересите на своите граѓани.
Кога станува збор за државните интереси, неопходно е Република Македонија да настапува со еден глас и со јасен став, за да биде препознаена како стабилна држава, почитувана како одговорен партнер и сојузник.
Тоа е обврска и одговорност за секој што го добил мандатот од граѓаните.
Тоа е гласот на граѓаните, тоа е гласот со кој избраа претседател, со кој им ја дадоа довербата на пратениците во Собранието, кое ја избира Владата.
Овие избори одредија кој ќе биде претседател, кој ќе биде пратеник, кој ќе ја составува Владата, кој ќе управува со државата во наредните години.
Од избраните сега се бара посветеност и одговорна работа. Сериозност и промисленост. Станува збор за интересите на граѓаните, за нивниот повисок животен стандард, за подобра сегашност и посветла иднина. Секој што добил мандат мора да е свесен и одговорен за ова.
Токму тој мандат, токму таа доверба денес некои опозициски партии ја доведуваат во прашање, одбивајќи да ги признаат резултатите од претседателските и предвремените парламентарни избори.
Како претседател на Република Македонија, загрижен сум за тие реакции и постапки, бидејќи сум и нивен претседател.
Денес, од ова место, јасно ќе кажам:
Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата претседател на Република Македонија, всушност ги бојкотираат граѓаните, кои гласале на претседателските избори.
Оние што го бојкотираат Собранието на Република Македонија за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните кои гласале и за нив.
Бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и бојкот на волјата на граѓаните. Бојкотот е потценување на демократската зрелост на македонските избирачи.
Дами и господа,
Во согласност со Уставот на Република Македонија, како претседател, добивам легитимитет директно од граѓаните.
Во согласност со Уставот на Република Македонија, гласовите што ги добив за да ја извршувам функцијата претседател на Република Македонија немаат, ниту етнички, ниту религиски предзнак. Претседателот на Република Македонија го избираат граѓани, а не заедници. Во демократијата гласовите се бројат, не се мерат.
Бев и ќе останам претседател на сите граѓани, независно од тоа за кого гласале. Бидејќи Уставот ме обврзува да ја претставувам Република Македонија како суверена и самостојна држава. Да ги претставувам сите граѓани на Република Македонија.
Бев и ќе останам еден за сите, да ги бранам заедничките државни интереси, интересите на секој граѓанин, интересите на Македонија. За сите, за Македонците, за Албанците, за Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други.
Работев и ќе работам за државата, за народот. Како претседател бев и ќе бидам гласот на граѓаните.
Денес, од ова место, во името на граѓаните повикувам!
Да се надминат тесно-партиските и личните интереси!
Ја повикувам опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности.
Демократијата функционира кога се почитуваат правилата на играта. Кога се почитуваат Уставот и законите.
Демократијата подразбира реализирање на ветеното и давање отчет за сработеното.
Демократијата подразбира почитување на слободно изразената волја на избирачите на изборите, каков и да е резултатот.
Демократијата подразбира не само слободи и права, туку и одговорност за секој граѓанин, независно од етничката, верската или која било друга припадност.
Демократијата, конечно подразбира дијалог, соработка, разбирање и меѓусебно почитување во демократски избраните институции преку кои граѓаните ја остваруваат својата власт.
Секогаш, кога се јавува проблем, разлика или недоразбирање, ако започнеме со дијалог, ќе завршиме со решение. Не случајно дијалогот во институциите е вграден во темелот на демократијата.
Затоа, ќе правам сè што е во рамките на моите надлежности, да ги унапредувам дијалогот и соработката внатре во институциите на државата. Дијалогот мора да се води тука, во овој дом на демократијата.
Како што на Македонија и е потребен ангажман од секој нејзин граѓанин, така и во македонската демократија е неопходна ангажирана опозиција, со свежи идеи, издржани предлози и конструктивни критики.
Реков и повторно ќе речам, дека по изборите нема победници и поразени, туку дека сите треба да работат за просперитет и за успех на Република Македонија. За напредок на личниот и заедничкиот живот во Македонија, за сите нас.
Почитувани,
По втор пат ја преземам функцијата претседател на Република Македонија, со должност и обврска да бидам еден за сите. Да дадам сè од себе за државните интереси, за интересите на сите македонски граѓани.
Должност пред народот и обврска пред самиот себе е да го исполнам дадениот збор. Да го исполнам она што е напишано во изборната програма. Да ги остварам јасните цели и заедничката визија на сите граѓани. Визија за тоа во каква Македонија сакаме да живееме и каква Македонија сакаме да им оставиме на нашите потомци.
Политиката отсекогаш била стремеж за заедничко општо добро, за подобро утре на народот. Секој живее во надеж дека ќе се живее подобро и подобро.
Како граѓани на Република Македонија мора да знаеме: Таа надеж и тој стремеж ги наследивме од нашите предци. И кога беа поробени, тие се стремеа кон слобода. И кога беа обесправени, тие се стремеа кон правда. И кога други им ја кроеја судбината, носејќи одлуки за нас без нас, тие не ја изгубија надежта дека еден ден нивните потомци сами ќе носат одлуки за својата сегашност и за својата иднина.
Денес, кога сме свои на своето, можеме со сигурност да кажеме дека нивната надеж за која се бореа и се изборија е наша реалност. Имаме суверена и независна држава - Република Македонија која нè обврзува да ја сакаме, почитуваме, чуваме и унапредуваме.
Денес дадов свечена изјава и заклетва пред граѓаните дека ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Македонија.
Уставот врз кој се заколнав ме обврзува да ја гарантирам унитарноста на државата. Да бидам претседател на една, единствена, неделива, суверена, самостојна, демократска Република Македонија.
Дел од раководството на една политичка партија, пред и за време на претседателските избори, инсистираше на некаков си консензуален претседател на Република Македонија. Категорија, која ниту постои во Уставот и законите, ниту се навестува во Охридскиот договор.
Дадената свечена изјава ме обврзува јавно да укажам и да се спротивставам на идеи и концепти што се спротивни на Уставот и на законите на Република Македонија.
Дадената свечена изјава и по втор пат добиената доверба на граѓаните ме обврзуваат да се спротивставам на сите уцени и на посегањето по државните интереси на Република Македонија.
Едно е академска дебата и научна расправа за иднината на демократијата, основите и предусловите, нејзините можности и граници, а сосем друго е функционирањето на државата и почитувањето на воспоставениот демократски процес. Процес, кој подразбира политичка и општествена коегзистенција со почитување на принципите на легитимна разноликост и недискриминирачка конкуренција. Процес кој нè обврзува на соработка и дијалог со заемна почит и разбирање, како во демократските институции, така и надвор од нив.
Во такви услови, постигнувањето на компромиси, без уцени и ултиматуми, го унапредува мирот и доведува до незаострување на спротивставени и непомирливи позиции. Притоа, без да му се одземе можноста на политичкото малцинство да стане политичко мнозинство.
Уставот врз кој се заколнав, исто така, ме обврзува да го бранам уставното име на нашата држава. Затоа, нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име – Република Македонија.
Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.
Нашата заедничка визија се темели врз довербата меѓу државата и секој нејзин граѓанин. Верба дека државата ќе ги штити и ќе ги унапредува интересите на граѓаните, нивните права и нивните слободи. Верба дека Македонија може да успее и дека во Македонија може да се успее.
Веруваме во безбедна и стабилна, европска и евроатлантска Македонија, отворена кон соседите и кон светот. Македонија како самостојна и суверена држава во која се воспоставува и се гарантира владеењето на правото, во која се гарантираат човековите права и граѓанските слободи. Македонија во која се обезбедува мир и соживот, социјална правда, солидарност и напредок на личниот и заедничкиот живот. Македонија во која се негува вековната традиција на соживот и на прифаќање и почитување на различноста. Македонија економски силна и развиена, во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство.
Ни треба стабилна и безбедна држава во која се почитува уставниот поредок. Држава која гради мир, која со мировните мисии придонесува за мирот во светот и чекори кон Европската унија како мировен проект.
Тоа значи дека, како врховен командант ќе се грижам за Армијата на Република Македонија, која е гарант на мирот и безбедноста, но и наш најголем влог во остварувањето на нашите стратегиски цели.
Во надворешната политика, остануваме доследни на нашиот европски и евроатлантски пат.
Свесни сме дека светот во кој пред повеќе од 23 години ја стекнавме нашата независност, денес се менува пред нашите очи. Светот се менува, но едно нешто останува – потребата на државите и на граѓаните за помала неизвесност и нестабилност, а поголема предвидливост и стабилност.
Во таков свет, неопходно е да функционира меѓународното право. И големите и малите, и богатите и сиромашните, и развиените земји и земјите во развој, неопходно е да ги почитуваат меѓународните обврски и да ги спроведуваат меѓународните договори.
Во овој непредвидлив свет сите споделени предизвици треба да ги решаваме заедно, како Обединети нации. Тоа е смислата на меѓународното право, за да можеме да ја одредуваме заедничката иднина.
Затоа, кршење на меѓународното право денес е поткопување на проектот за нации, кои се обединети за доброто на сите.
Единствено долгорочно решение е земјите-членки на Европската унија и на НАТО да останат доследни поборници за почитување на меѓународните договори и за спроведување на меѓународните обврски.
И во наредниот период ќе продолжиме да инсистираме на почитување на преземените обврски и на ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Тоа е наша должност кон македонските граѓани и придонес кон стабилноста на меѓународниот правен поредок.
Заслуженото членството на Република Македонија во НАТО е тест за посветеноста на Алијансата кон меѓународните договори и обврски.
Почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија е тест за кредибилноста на процесот на проширување на Унијата.
Македонија го положи тестот за членство во НАТО. Македонија го положи тестот за почеток на преговори за членство во Европската унија.
Како што Македонија останува доследна на својот европски и евроатлантски пат, така очекуваме и Европската унија и НАТО да останат доследни на сопствените принципи: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човечкото достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата интеграција.
Република Македонија и македонските граѓани се придобивка за Унијата само доколку влезат рамноправни во мозаикот на различностите на Европската унија, со својот идентитет и со своето достоинство.
Почитувани сограѓани,
Посветени на нашиот европски и евроатлантски пат, продолжуваме нашата автентична македонска надворешна политика да ја водиме според принципот на отвореност кон сите.
Остануваме отворени кон оние што ни се најблиски – соседите. Македонија води политика на добар сосед. И како добар сосед, ќе продолжиме во нашите напори да градиме мостови на пријателство и соработка. Како добар сосед, продолжуваме да градиме коридори на поврзување со сите наши соседи. Инфраструктурни и енергетски, економски и трговски, политички и културни коридори.
По тие коридори што сега ги градиме, низ вратите на соработка што ги отвораме, еден ден ќе минуваат нашите деца и децата на нашите соседи. Тие ќе ја живеат иднината на регионот што сега ја создаваме. Сакаме да им оставиме обединет европски регион во кој ќе бидат избришани границите на поделбите и предрасудите од минатото.
Ќе иницираме нова етапа во регионалната соработка. Конкретни проекти и конкретни резултати за доброто на граѓаните, а не само декларативно залагање, добри намери и убави желби.
Приоритет ќе има меѓусебното поврзување на постојните инфраструктурни коридори. Тоа поврзување ќе ја смени географијата на регионот, ќе ги брише границите, предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради иднината на сите држави во регионот заедно.
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Република Македонија нема да се ограничува на регионот и Европа. Како држава и економија покажавме дека можеме успешно да се натпреваруваме на глобалниот пазар.
Како и досега, секоја моја надворешнополитичка активност ќе има и економска димензија. Оваа политика треба да носи нови странски инвеститори во Македонија, да отвора нови можности за македонската економија и нови пазари за пласман на македонските производи.
На Македонија и требаат нови работни места, за економијата уште повеќе да расте. Ќе продолжам да ги поддржувам иницијативите и проектите за вработување на младите и за самовработување. Ќе ги поддржувам сите проекти што носат напредок, просперитет и успех. Проекти што носат подобар живот за секој граѓанин.
Таква Македонија им треба на младите. Држава што ќе им обезбеди иднина тука, во Македонија. Држава што ќе им обезбеди услови за квалитетно образование, работа и исполнет живот.
Драги сограѓани,
Република Македонија останува доследна на своите вековни традиции и вредности. Традиции на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Вредности споделени од сите македонски граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци. христијани, муслимани, Евреи и атеисти.
Традиции и вредности вградени во сите документи на македонската државност, од Крушевскиот манифест и асномската Декларација за човекови права, преку граѓанскиот и демократски карактер на независна Република Македонија, во рамките на Охридскиот договор, и конечно во нашиот Устав.
Пред точно пет години, од ова исто место, реков дека единството и виталноста на македонското општество не се потпираат врз владеење на посилниот или побројниот, туку на учеството на сите граѓани и на сите заедници во функционирањето на државата и во развојот на општеството.
Не секој за себе, туку сите заедно. Тоа е суштината на нашиот модел.
Сите сме заедно, под едно знаме, под едно сонце. Сите сме заедно во нашата заедничка татковина Република Македонија, која мора да ја градиме како дом на благосостојба за сите.
Пред нас е период на напорна работа, во сложени меѓународни политички и економски услови, да обезбедиме поголема сплотеност. За да ги оствариме државните интереси.
Самоуверено, со самодоверба продолжуваме по патот што го одбраа граѓаните. По патот на заедничката визија, континуитет на реформи и остварување на зацртаните цели и проекти.
Да живее Република Македонија!

___________________________________________________________________________________________________
Претседателот на Република Македонија е глас на демократијата, единството и патриотизмот
12 мај 2009, Скопје, Собрание на Република Македонија
„Пред нас е исправен уште еден голем предизвик. Предизвик кој најсилно и најјасно ќе ја потврди нашата историска мудрост, нашите национални стремежи и нашето место во светот. Овој предизвик се вика европска Македонија,“ порача д-р Ѓорге Иванов, четвртиот по ред Претседател на Република Македонија, во своето инаугуративно обраќање во Собранието на 12 мај 2009 година, веднаш по давањето свечена изјава со која стапи на должност.
„Функцијата Претседател на Република Македонија за мене е пред сè должност и свечена заклетва пред мојот народ, дека ќе дадам сè од себе, ќе го вложам целиот свој капацитет и кредибилитет за добросостојбата на нашата држава и нејзините граѓани. Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики. Претседателот на Република Македонија е глас на секој македонски граѓанин, тој е и ќе остане глас на демократијата, единството и патриотизмот,“ нагласи Претседателот Иванов.
Во своето прво обраќање пред пратениците и присутните гости тој ja изложи својата визија за Македонија, ветувајќи дека неговата политичка агенда е јасна и недвосмислена - Македонија, членка на НАТО и Европската Унија, силна и почитувана, а нејзините граѓани горди, богати и среќни.
„Република Македонија веќе осумнаесет години го живее својот сон на слободна, независна и демократска држава. Историски сон и реалност на денешнината, каде старата и богата македонска култура се претопи во млада, но витална и силна држава на политичката карта на современа Европа,“ посочи д-р Ѓорге Иванов потсетувајќи дека на тој пат Република Македонија се издигна во светол пример на отворено и мултикултурно општество, храбро се соочи со предизвиците на балканското минато и создаде сопствен функционален модел, кој ги обединува граѓаните и обезбедува заедничка и просперитетна иднина.
Евро-атлантската припадност и политиката на отвореност кон сите, Претседателот Иванов ги потцрта како водечки во надворешно-политичката стратегија на земјата, нагласувајќи дека посветено ќе работи на јакнење и продлабочување на заемната доверба и пријателство со земјите од сите страни на светот, особено во економската и во културната сфера.
Уште еден аспект на македонската надворешна политика, на кој Претседателот Иванов стави акцент, е развивањето на добрососедските односи и придонесот на Македонија кон стабилноста и просперитетот на регионот. Тој се заложи за цврсто опстојување на Република Македонија на патот на регионалната соработка, заснована врз начелото на рамноправност. Претседателот Иванов нагласи дека особено внимание ќе посвети на односите со Грција со која, како што рече, отсекогаш сме биле и ќе бидеме соседи.
Официјалната церемонија ја следеа четворица странски државници, хрватскиот претседател Стипе Месиќ, српскиот Борис Тадиќ, албанскиот Бамир Топи и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ. Во собраниската сала покрај пратениците беа присутни и претставници на дипломатскиот кор, како и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Киро Глигоров.
По инаугурацијата новиот македонски претседател ги оствари своите први билатерални средби со државниците од регионот.
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија (12.05.2009)
|