Духовни дијалози | |
Во услови на глобализирани општествени, политички, религиозни и културни текови, сè поприсутни стануваат феномените на социјална алиенација, недостаток на толеранција, национализам, религиозен фундаментализам. Истовремено, многу општества се наоѓаат во длабока криза, која одамна веќе не се сведува само на потребата за ревидирање на институциите, туку е криза на моралните вредности и ориентациите на соживот. Религијата е еден од основните морални корективи на човековата природа. Религијата и меѓурелигискиот дијалог имаат суштинска улога за надминување на предрасудите, за зближување, разбирање, мир и толеранција меѓу луѓето. Разновидноста на верските и културни заедници е уникатно богатство на нашата земја, вековно наследство кое претставува духовна вертикала за граѓаните на Република Македонија. Традицијата несомнено покажува дека во нашето општество опстојува почитта и вреднувањето на заедничкиот живот и пријателството, при што припадниците на различните верски заедници со заемна срдечност ги уважуваат меѓусебните празници. Во оваа насока Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ги постави темелите на Духовните дијалози – иницијатива која преку серија активности има за цел да придонесе кон зајакнување и унапредување на односите меѓу верските заедници, истакнувајќи ја важноста и потребата од постојана комуникација и соработка меѓу верските заедници и нивните лидери. Веднаш по превземањето на функцијата, уште на првиот работен ден, претседателот Иванов оствари средба со лидерите на петте верски заедници во државата - Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Еврејската заедница и Евангелско-методистичката црква. Претседателот и неговите соговорници се согласија дека во општеството треба да се води искрен граѓански дијалог околу сите прашања, при што сите учесници во дијалогот треба да го имаат предвид достоинството на носителите на различните мислења. Редовноста на овие средби се преточи во традиција.
Претседателот Иванов е посветен православен верник, но со длабока почит и космополитски однос кон верскиот плурализам во државата. Негувајќи ги семејните традиции, Претседателот и неговото семејство без исклучок присуствуваат на свечените литургии и одбележувања по повод големите христијански празници: Божиќ, Велигден, Св. Климент, Богојавление - Водици, Успение на Пресвета Богородица, и сите празнични денови кои го слават мирот и почитувањето, разбирањето и заедништвото, дарувањето и помагањето. Овие празници се прилика кога Претседателот упатува порака до сите граѓани да ги почитуваат и практикуваат хуманите вредности, да го прифатат другиот – од себе различниот, да ги потврдат заедничките заложби за негување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на нашето општество и целиот цивилизиран свет, да ја негуваат љубовта кон своите сограѓани и татковината, вложувајќи во поубава и посветла заедничка иднина. На Бадник, пак, семејството Иванови ги отвора портите од својот дом за оние на кои најмногу им е потребна топлина, радост и љубов, како децата од домот без родители, или претставниците на Специјалната олимпијада на Македонија. Претседателот Иванов е првиот претседател на Република Македонија кој изрази желба во текот на светиот муслимански месец Рамазан да присуствува на традиционалните заеднички вечери – ифтар, во различни градови од државата (Гостивар, Дебар, Тетово...), заедно со претставниците на Исламската верска заедница, на тој начин покажувајќи длабоко почитување на Рамазанот и верниците од муслиманска вероисповед. Секоја година за ифтар, следејќи ги обичаите, Претседателот лично ги почестува неговите домаќини со баклава. Со овој негов искрен гест, претседателот Иванов ја испрати најсилната порака за соживот, верска и етничка толеранција. Граѓаните Македонци, Албанци, Турци, од неколку општини, како и претставниците на исламската и православната верска заедница, сите собрани на едно место, највредната ноќ од едномесечниот рамазански пост, ифтарската вечер, ја минаа заедно со таткото на нацијата. Претседателот Ѓорге Иванов секоја година упатува честитка до сите Христијани кои ги прославуваат Божик и Велигден според Грегоријанскиот календар, со желби за добро здравје, радост и среќа во празничните денови. На одбележувањето на 150-годишнината од Кукушката унија, Претседателот присуствуваше на Света божествена литургија која се одржа во катедралната црква „Успение на Света Богородица“ во Струмица, а со која чиноначалствуваше загрепскиот кардинал Јосип Бузаниќ, во својство на личен пратеник на папата Бенедикт XVI. На божествената литургија присуствуваа и претставници на католичките цркви од Италија, Хрватска, Грција, Бугарија, Србија, Албанија и од Косово. Во мај 2011 година Претседателот присуствуваше на церемонијата на беатификација на Папата Јован Павле II, која се одржа на плоштадот Свети Петар во Ватикан, во присуство на голем број угледни политички и општествени личности од целиот свет, верски челници од други конфесии и околу милион верници. Претседателот Иванов оствари средба со Папата Бенедикт XVI, од која произлезе заедничкиот заклучок дека Република Македонија и Светиот Престол негуваат односи исполнети со заемно разбирање и поддршка, како и дека споделуваат исти надворешно-политички ориентации и залагањата на меѓународен план, афирмирајќи ги врвните морални вредности. Република Македонија, како што посочи Претседателот, е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава каде дијалогот, толеранцијата и почитувањето на различноста се вековна традиција. Во рамките на чествувањето на Св. Кирил и Методиј и традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“, претседателот Иванов присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил во Рим, по кој следеше повторна аудиенција кај Папата Бенедикт XVI. По повод еврејскиот Празник на светлината – Ханука, претседателот Иванов присуствуваше на вечерната служба за Ханука во синагогата Бет Јаков во Скопје. Придружувајќи се на прославата заедно со припадниците на Еврејската заедница на Македонија, на Претседателот му беше укажана честа да ја запали првата свеќа на ханукијата во дворот на заедницата. Ханука е пред сè семеен празник, кој се слави во чест на еврејската самосвесност и верска посебност, при што свеќниците во кругот на семејството се палат секоја вечер во текот на осум дена, се читаат посебни благослови и се пеат псалми. Во март 2011 година, претседателот Иванов своето длабоко почитување кон еврејскиот народ и нивните страдања, го одбележа и со обраќањето на централниот Комеморијален собир во сеќавање на трагедијата на 7148-те Евреи од Македонија кои во 1943 година беа депортирани и убиени во концентрациониот логор Треблинка. Дел од иницијативата Духовни дијалози е и поддршката и покровителството на меѓурелигиски форуми и конференции, кои имаат за цел да го зајакнат меѓуконфесионалниот дијалог, размената и соработката во регионални и глобални рамки. Република Македонија е активен член на групата пријатели на Алијансата на цивилизациите, глобална иницијатива во рамките на Обединетите нации, иницирана од Турција и Шпанија. Како еден од главните говорници на четвртиот Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации во Доха, Катар, како и на конференцијата во Париз, претседателот Иванов го изрази своето уверување дека само со дијалог луѓето повторно ќе го откријат богатството на различностите, на културната размена и на соработката, потсетувајќи дека токму културната и религиската разновидност на Република Македонија, претставува извор на голем креативен потенцијал и мост кон заемното разбирање, почит и соживот. Република Македонија во 2003 година беше иницијатор на Самитот посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите, одржан во нашата духовна престолнина, Охрид. Во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа, овој Самит се одржува во различни земји во регионот, на кои претседателот Иванов од почетокот на неговиот мандат зема активно учество, пренесувајќи ги македонските искуства и придобивки на тој план. Не е случајно што во Република Македонија се одржаа и две Светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, што претставува несомнена потврда за постигнатиот успех на ова поле, како и конкретниот придонес кој земјата го дава во овие глобални и регионални иницијативи. Преку размена на мислења и искуства на учесниците, претставници на различни религии и култури, беа промовирани религијата и културата како фактори на мирот. Воедно, беше подвлечен фактот дека почитувањето на верските права и на културната разновидност е темел на мирот и просперитетот. Како што нагласи претседателот Иванов на отворањето на Втората светска конференција во Охрид: „Во Македонија, дваесеттина етнички, религиски, јазични и национални заедници ги уживаат сите универзални права и слободи кои ни се познати денес. Македонскиот модел е модел на иднината, модел кој во својата суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различните културни матрици. Овој модел е најсилната легитимација на Република Македонија во меѓународната заедница. Тоа е и една од причините за одржувањето на оваа конференција токму тука, во Охрид, во Македонија“. Претседателот Иванов беше, исто така, покровител и на Меѓународниот конгрес - “Исламска цивилизација на Балканот“, која има за цел да им овозможи на исламските верски заедници меѓусебно запознавање со активностите на регионално ниво. Во сите овие прилики претседателот Иванов ја промовира својата цврста заложба регионалните и глобалните собири и иницијативи да почнат да продуцираат конкретни акции и проекти, кои ќе придонесат кон напорите да се пресретнат предизвиците со кои се соочува денешната цивилизација. |