Туризам

Македонија е земја во која на секој чекор доминира чувството на преплетување на вековите, на античкото и модерното, на цивилизациските наследства низ епохите. На посетителите им се нуди можноста да уживаат во богато мултикултурно искуство со посетата на средновековните манастири, цркви, џамии, виновите лозја и фасцинантната природа, чаршиите и модерните трговски центри. Умерената медитеранска клима извршила влијание врз животните стилови на луѓето во Македонија, кои разговорливо и радосно, со срдечно добредојде ги пресретнуваат туристите и посетителите, вклопувајќи ги во својот животен ритам со спонтаност и непосредност.

 

Kokino-turizamМакедонските музеи изобилуваат со артефакти и сведоштва за преку 3000 години историја и култура. Археолошките локалитети, богатото културно-историско наследство, националните паркови, езерата и раскошната природа, пределите и селата со сочувана автентичност и колорит, сончевите долини - отворија простор во Република Македонија да се развива езерски туризам, културен и манастирски туризам, вински туризам, бањски туризам, еко и планински туризам, селски и агро-туризам.

 

На влезот во земјата од нејзината северна граница се наоѓа едно од најголемите чуда создадени од човекот – Кокино, четвртата мегалитска опсерваторија регистрирана од НАСА. Оттаму почнува авантурата низ земјата на Сонцето. Во Скопје ве пречекува следната импозатна глетка - Тврдината на големиот римски император Јустинијан, а спроти неа најбележитиот споменик на градот, Камениот мост преку Вардар кој води од централниот градски реон кон пополчените улици на Старата скопска чаршија. Главниот град е обиколен со кањонот Матка и прекрасните манастири и цркви кои сведочат за животот во средниот век на овие простори. Скопје е познат и како градот во кој е родена Мајка Тереза, чија Спомен куќа го раскажува живот и достигнувањата на големата хуманитарка.

 vino

Приказната продолжува кон плантажите со лозја во централна Македонија, регионот традиционално познат по високо-квалитетното вино и врвните винарии. Патот на виното во Македонија овозможува уникатно доживување и совршен спој на традиционалната македонска храна, столетно вино, музика и култура. Сонцето во оваа земја ги благослови југоисточните полиња со богато производство на зеленчук и овошје. Тоа е регионот на плодна земја и здрава храна, но и недопрена природа, водопади, бањи, локалитети и споменици.

 

Ohrid_tvrdinaФантастична природа, национални паркови, вештачки и природни езера и чуда на природата и историјата ве пресретнуваат на секој чекор на патот кон Западна Македонија. Еден од најатрактивните и најубави региони во Република Македонија, познат по пријатните климатски услови, природните убавини и, особено, културно-историските вредности е секако регионот на градот Охрид. Градот вброен во светскто наследство на УНЕСКО, поставен на брегот на едно од најстарите езера во светот, плени не само со впечатливата и уникатна старо-градска архитектура, бројните цркви и манастири, туку и со чистите плажи, модерните локали и сместувачки капацитети. Охрид е местото каде беше создадено Кирилското писмо и словенската писменост, и каде е основан еден од најстарите универзитети во Европа. Над стариот град се издигнува една од највпечатливите тврдини која потекнува од античкиот период. Охридското езеро, најдлабокото во Европа, е дом на многу ендемични видови, од кои најпозната е охридската пастрмка. (http://www.ohrid.com.mk/)

 

Низ територијата на Македонија, по масивните планински предели се распространети и неколку развиени регионални скијачки центри.

 

И тоа е само еден мал дел од она што љубопитното око може да го најде во оваа земја. Популарниот американски весник Њујорк Тајмс ја постави Македонија на 21-то место од 31 локација во светот, претставени од како најатрактивни туристички понуди за 2010 година - "The 31 Places To Go in 2010"

 

Во срцето на Балканот, на крстопат и во средиште на најголемите светски цивилизации чии остатоци забележливо ве внесуваат во магичен свет на богата археологија, уметност, култура и беспрекорна природа и убавина, ќе ја најдете уникатната светска приказна – Македонија.


Ohrid_lake

 

Дел од најпознатите македонски туристички атракции

  • • Скопската стара чаршија

    • Манастирот Св. Пантелејмон – Скопје

    • Скопската тврдина

    • Кањонот Матка и манастирот Пресвета Богородица - Скопје

    • Охридската чаршија

    • Манастрискиот комплекс Св. Наум – Охрид

    • Свети Климентовиот манастир – Св. Пантелејмон – Охрид

    • Национален парк Галичица – Охрид

    • Црквата Св. Јован Канео – Охрид

    • Безистенот и старата турска чаршија – Битола

    • Саат кулата во Битола

    • Археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис – Битола

    • Националниот парк и скијачки центар Пелистер – Битола

    • Широк сокак – Битола

    • Јени џамија - Битола

    • Археолошкиот локалитет Стоби – Велес

    • Винарските визби – Демир Капија и Кавадарци

    • Селото Галичник – Дебар

    • Тврдината Исар – Штип

    • Црквата Св. Архангел Михаил - Штип

    • Црквата Св. Кирил и Методиј – Тетово

    • Дервишкиот манастир Aрабати Баба Теќе – Тетово

    • Шарената џамија во Тетово

    • Џамијата Беј Махала – Гостивар

    • Музејот на Илинденското востание и Крушевската република – Крушево

    • Камените столбови во Куклица – Кратово

    • Колешинските водопади – Струмица

    • Мегалитска опсерваторија Кокино – Старо Нагоричане

 

За повеќе информации за Македонија и незјината богата туристичка понуда:

Exploring Macedonia

Macedonia Timeless

Travel 2 Macedonia

Туристичка комора на Македонија