Претприемништво | |
Во суштина, претприемништвото се заснова на иновативноста, која може да претставува нов производ или услуга, но и иновативен бизнис процес. Успешниот претприемач е подготвен да презема ризици, мотивиран е за постигнување успех, не е обесхрабрен од неуспехот, и е цврсто определен да биде чекор понапред од конкуренцијата. Моторот на економскиот раст е приватниот сектор, додека столб и двигател на приватниот сектор се претприемачите. Но, за да имаме одржлив економски раст, потребно е да создадеме иновативно и претприемачко општество. Претприемачкото општество се заснова на креативност, иновативност и преземање ризик, кој води кон имплементација на нови и храбри идеи. Имплементацијата на овие идеи ќе отвори патишта за нови индустрии, ќе ја зголеми технолошката продуктивност, и со тоа ќе генерира одржлив и долгорочен економски раст. За Република Македонија е особено важно да вложува во развојот на претприемништвото, како и во развојот на претприемачка култура кај младите, со оглед на фактот што малите и средни претпријатија имаат значајно учество во бруто домашниот производ (БДП) и надворешната трговија, и вработуваат голем процент од работната сила во државата. Малите и средни претпријатија се од витално значење за успешноста на економијата на една земја, пред сè затоа што одговараат на локалните потреби, но и развиваат успешни приказни за иднината, значително придонесувајќи кон намалување на процентот на невработеност. Во оваа насока се реализира проектот „Претприемништво“, кој предвидува покровителство и поддршка од страна на претседателот Иванов на настани и иницијативи за поттикнување на претприемачкиот дух кај младите, за вмрежување на голем број мали и средни бизниси во покрупни синџири на производство и промет, втемелени врз единствени стандарди, силен маркетинг и управување со квалитет. Навремено препознаените и поддржани иновативни претприемачки идеи се битен предуслов за зголемување на конкурентноста на македонските компании и нивно рамноправно учество на регионалните, европските и светските пазари. Активности
„Во бизнисот најважен не е ниту капиталот, ниту искуството. Најважни се идеите до кои се доаѓа само со отворен ум. Затоа, сметам дека нашиот најголем ресурс се нашите граѓани со нивната работливост, иновативност, креативност и посветеност. А наша најголема одговорност е преку образованието да го култивираме духот на отвореност, инвентивност, решителност,“ истакна претседателот Иванов пред учесниците на Меѓународната конференција за претприемништво, иновации и регионален развој што под негово покровителство се одржа во Охрид. Меѓународната конференција за претприемништво на тема „Од претприемачко учење до иновации и регионален развој“, ја организираше Националниот центар за иновации и претприемачко учење. На Конференцијата присуствува претставници на Европска комисија, Светска банка, Европска академија на науки и уметности, МАНУ, повеќе универзитети меѓу кои и еминентните од Кембриџ, Оксфорд, Рим, Берлин, Виена, Вашингтон, Катар, Белград, Загреб, Љубљана, Грац, Солун, Софија, како и регионални агенции, бизнисмени од земјата и од странство.
Под покровителство на претседателот Иванов во ноември 2011 година се одржа и конференцијата „Претприемништвото во образовниот систем во Република Македонија“, организирана во рамки на прославата на Европската недела на мали и средни претпријатија, со примарен фокус на значењето од интегрирање на претприемништвото во образовниот процес. „Време е да ги подготвиме младите за да бидат способни да се соочат со трите предизвици на претприемништвото: соочување со ризикот, стресот и сопственото его. Време е да подготвиме самоуверени лидери, со јасна визија за иднината и способни да се соочат со конкуренцијата, да се успешни во бизнис-претприемништвото. Само со една ваква образована младина може да се сочува динамиката на општеството, чиј извор се претприемачите и претприемништвото,“ истакна претседателот Иванов на отворањето на конференцијата.
Во март 2012 година, Претседателот присуствуваше на изложбата на современ накит од млади креативци, дел од практичната примена на Стратегијата за развој на креативни индустрии, која пред три години ја изработија еминентни професори, меѓу кои и претседателот д-р Ѓорге Иванов. Спроведувањето на оваа Стратегија ќе овозможи нови вработувања, мобилност во економската размена и афирмација на претприемачкиот дух, но и културна промоција на нашата земја. По повод освоеното второ место од страна на тимот на гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“ – Скопје, на Глобалниот виртуелен натпревар во претприемништво за 2012 година, организиран од Британскиот совет, претседателот Иванов го посети нивниот Бизнис центар. Четворицата средношколци, добитници на наградата, ја презентираа пред Претседателот својата идеја за воспоставување Етно-села, во хипотетичка ситуација на одржување на Олимписките и Параолимписките игри во Македонија. „Видов многу инвентивност и креативност во оваа гимназија и тоа е за почит. Наставниците и учениците создаваат нешто што е препознатливо и на глобален план. Не само што како држава инвестираме во образованието и им создаваме услови за иднината на овие генерации, туку преку овој пример видовме дека создаваме и млади за иднината,“ истакна претседателот Иванов.
Највредното нешто што можете да го направите е да згрешите – не може ништо да се научи од совршенството. – Адам Озборн |