Народни Канцеларии | |
Како резултат на континуираната заложба на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за непосреден контакт со граѓаните, беше воспоставен проектот Народни канцеларии, кој предвидува отворање подрачни канцеларии во сите поголеми градови во државата. Тие претставуваат место каде што граѓаните можат да ги изложат нивните иницијативи, предлози и сугестии од јавен карактер. Имено, преку овој проект, претседателот на Република Македонија има можност да се запознае со ставовите и мислењата на граѓаните за вкупните состојби во општеството, да има увид во проблемите и предизвиците со кои тие се соочуваат во секојдневниот живот и начинот на кој бараат заштита или остварување на одредени права и интереси, а со тоа и во односот на органите на власта кон граѓаните при постапувањето по нивните барања. Преку Народните канцеларии граѓаните имаат можност да се запознаат со активностите на Претседателот во вршењето на неговите уставни и законски надлежности, но и да даваат свој суд и мислење за истите. Согласно Уставот и Законот за постапување по претставки и предлози, во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија функционира Одделение кое ги разгледува претставките и предлозите доставени од граѓани, а кои се поврзани со заштита и остварување на нивни права и интереси, потоа јавните интереси утврдени со закон, како и заради поведување други иницијативи од јавен интерес.
До денес се отворени вкупно три Народни канцеларии, во Скопје, Тетово и Битола. Нивното досегашното функционирање недвосмислено покажа дека граѓаните сакаат активно преку своите идеи да придонесат во општествените процеси и текови во Република Македонија. ***
Отворањето на првата Народна канцеларија, а со тоа и почетокот на реализацијата на проектот, се случи во Скопје на 30 април 2010 година. Од денот на отворањето, граѓаните имаа можност поблиску да се запознаат со институцијата Претседател и со конкретните активности на Претседателот на Република Македонија, како и да ги изнесат своите барања, визии, согледувања и идеи преку поднесување на претставки и предлози.
Народната канцеларија во Скопје се наоѓа во самиот центар на градот на ул. Димитрије Чуповски бр. 7, и отворена е сите седум дена во седмицата, со цел постојано да биде достапна на граѓаните.
На 20 февруари 2011 година Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, ја отвори втората Народна канцеларија во Тетово. Со отворањето на оваа канцеларија, на граѓаните им се овозможи директен контакт со Кабинетот на Претседателот, а со тоа и можност за истакнување на проблемите со кои се соочуваат. Покрај изнесените претставки, неколку стотици граѓани од тетовскиот регион кои ја посетија канцеларијата, доставуваа и свои предлози за вкупните состојби во оштеството, но и за решавање на некои прашања и проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
Народната канцеларија во Битола се наоѓа на ул. „Иван Милутиновиќ“ бб, локал 3.
Претставки и предлози, освен до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, можат да се доставуваат и до Народните канцеларии, кои потоа ќе бидат разгледувани од страна на Кабинетот на Претседателот. Подносител на претставка, односно предлог, може да биде секое физичко или правно лице, a поднесувањето може да го стори писмено или усно на записник. За претставката, односно предлогот, не се плаќа такса. По анонимна претставка, односно предлог, не се постапува, освен ако се работи за прашање од јавен интерес утврден со закон. Одделението за претставки и предлози во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија со особено внимание ја разгледува секоја претставка и предлог согласно Законот за постапување по претставки и предлози, и доколку утврди дека се покренуваат прашања што се од негова надлежност, се постапува по истите, односно се преземаат мерки за нивно решавање, а ако за тоа е надлежен друг орган истите се доставуваат до надлежениот орган. За преземените мерки се извесува подносителот, согласно законски утврдените рокови.
|