Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со сочувство до Претседателот на Република Чиле г-ѓа Мишел Бачеле, по повод катастрофалниот земјотрес.
Почитувана госпоѓо Претседател,
Со длабоко жалење ја примив веста за големата трагедија која ја погоди Вашата земја. Жалам за изгубените животи, за големите и ненадоместливи штети предизвикани од оваа природна катастрофа.
Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и сиот хуман свет, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко сочувство.
Ваша Екселенцијо, верувам дека меѓународната солидарност и хуманост ќе помогнат да се ублажат последиците од оваа невидена трагедија.
Ве молам, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан.