Соопштенија
gul_chicago
Проштално писмо од поранешниот претседател на Република Турција, Н.Е. Абдулах Ѓул
Понеделник, 18 Август 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, прими проштално писмо од поранешниот претседател на Република Турција Н.Е. Абдулах Ѓул, во кое се наведува дека во неговиот седумгодишен претседателски мандат со задоволство го следел зацврстувањето на пријателските односи меѓу двата народа.

„Целосно сум убеден во тоа дека нашите блиски односи кои што својата сила ја црпат од историските и културните врски, во наредниот период ќе се развиваат со засилено темпо во заемна корист на двата народа. Посакувам Македонија да продолжи со успешните чекори во демократскиот и економскиот развој, како и во насока на сплотување со Европа и Евро-Атлантските институции, истакна поранешниот турски претседател Ѓул, изразувајќи задоволство од подготвеноста на Република Македонија за интензивирање на добрите односи со Република Турција на сите полиња.

erdogan
Честитка до г. Реџеп Таип Ердоган, новоизбраниот претседател на Република Турција
Понеделник, 11 Август 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Република Турција, упати честитка до г. Реџеп Таип Ердоган, новоизбраниот претседател на Република Турција.

Почитуван господине Ердоган,

Со големо задоволство ја примив веста дека турските граѓани Ви ја дадоа довербата и Ве избраа за Претседател на Република Турција. Во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, Ви упатувам срдечни честитки за изборот и искрени желби за успешно извршување на одговорната функција.

Дозволете ми, почитуван Претседателе, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително високиот степен на традиционални пријателски односи и соработка меѓу нашите земји. Уверен сум дека во наредниот период соработката не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира во сите области од заемен интерес, за што сакам да ја повторам мојата и на Република Македонија целосна подготвеност. Би сакал да искажам благодарност за безрезервната поддршка која Република Турција и ја дава на Република Македонија на патот на евроатлантската интеграција, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

ilinden_chestitki
Честитки дo претседателот Иванов по повод Националниот празник на Република Македонија - 2 Август
Петок, 08 Август 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Република Македонија - 2 Август прими честитки од повеќе државници.

Просперитет на Република Македонија со желби за благосостојба во својата честитка посака претседателот на Италијанската Република, Џорџо Наполитано, истакнувајќи дека Италија е цврсто убедена дека процесот на евроатлантсата интеграција е суштествен за стабилноста на Западен Балкан.

„Сакам да ја потврдам нашата континуирана заложба за поддршка во процесот на приближувањето на Скопје кон евроатлантските структури, свесни дека таа перспектива ќе може дополнително да ја зајакне нашата веќе одлична соработка, истакна претседателот на Италијанската Република Наполитано.

Во честитката од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, се наведува дека двете земји и двата народа ги поврзуваат историски, културни и духовни врски, традиции на заемно почитување и доверба.

„Подготвени сме за активна заедничка работа во функција на унапредување на контактите на различни нивоа, интензивирање на заемно полезните релации во трговско- економската, научно-образовната, хуманитарната и во другите сфери, за доброто на рускиот и на македонскиот народ, а во интерес на зацврстување на стабилноста и просперитетот на Балканскиот полуостров", се вели во честитката од рускиот претседател Путин.

Во честитката која што македонскиот претседател ја прими од претседателот на Република Австрија, Хајнц Фишер, се вели: „По повод Националниот празник на Република Македонија, со големо задоволство ви ги пренесувам моите најискрени честитки. Ја користам оваа прилика да упатам најискрени желби за Ваша лична благосостојба, како и за среќна иднина на македонските граѓани".

Во името на полскиот народ и во негово лично име желби за успех и просперитет упати претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски кој изрази увереност дека сеопфатната соработка меѓу двете земји и натаму ќе се развива.

„Полска продолжува да ги поддржува европските и евроатлантските аспирации на Македонија. Го поздравуваме придонесот на Македонија кон стабилизацијата и развојот на регионот на Западен Балкан", рече претседателот на Република Полска Бронислав Коморовски.

Во честитката од претседателот на Република Бугарија, Росен Плевнелиев се вели: „Убеден сум дека местото на вашата Држава е во европското и евроатлантското семејство. Постигнувањето на добрососедски односи со Република Бугарија несомнено ќе помогнат за поголем напредок во оваа насока, како и во зближувањето на граѓаните на двете држави".

„Република Словенија и Република Македонија воспоставија блиски пријателски односи кои што ветуваат идна успешна соработка", се вели во честитката на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, кој изразува увереност дека взаемната почит и доверба ќе помогнат да се достигнат нови резултати кои што позитивно ќе се одразат како за двете земји, така и за регионот.

„Верувам дека Република Македонија ќе продолжи успешно да ги исполнува очекувањата на Европската Унија и Нато, што ќе придонесе за развојот на вашата држава. Дозволете ми да ве уверам дека во оваа насока Република Македонија ја има поддршката и помошта на Словенија", стои во соопштението на претседателот на Република Македонија Борут Пахор.

„Ја користам оваа можност, претседателе, да ги пренесам желбите за личен успех, и за благосостојба и просперитет на овој пријателски народ", се наведува во честитката која што претседателот Иванов ја прими од Кралот на Шпанија, Фелипе VI.

„Ваша Екселенцијо ја користам оваа можност да ви посакам многу здравје и среќа, а на пријателскиот македонски народ понатамошен развој и просперитет", се вели во честитката на Емирот од Катар, Тамим бин Хамад Ал-тани, кој додава дека врските на пријателство меѓу двете земји во иднина дополнително ќе се заврстуваат.

По повод Националниот празник на Република Македонија - 2 Август, претседателот Иванов прими честитки и од премиерот на Катар Абдула бин Насер бин Калифа Ал-тани, како и од поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск.

rej_mabus
Средба со г. Реј Мабус, секретар на морнарицата на Соединетите Американски Држави
Недела, 03 Август 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими,г. Реј Мабус, секретар на морнарицата на Соединетите Американски Држави.

На средбата беа разгледани билатералните односи меѓу Република Македонија и САД, во контекст на соработката во сферата на одбраната, како и состојбите во врска со членството на Република Македонија во НАТО.

Претседателот Иванов истакна дека нашата држава останува цврсто посветена на промовирање на мирот, стабилноста и безбедностa во нашиот регион, но и надвор од него, и изрази задоволство од соработката во областа на одбраната меѓу Република Македонија и САД, пред се во ИСАФ мисијата, и успешната соработка на АРМ со Националната гарда на Вермонт.

Македонскиот претседател подвлече дека Република Македонија ги исполнува сите услови и критериуми, и со учеството во мировните мисии, де факто се однесува како членка на северно атлантската организација, при што изрази очекување за натамошна поинтензивна американска поддршка, за Македонија да си го заземе заслуженото членство во НАТО.

„Влезот на Република Македонија во НАТО ќе придонесе за натамошна стабилност на Балканот и за заокружување на безбедносната рамка на Алијансата во регионот", рече претседателот Иванов на средбата.

Г. Мабус, изрази благодарност за досегашниот ангажман на македонските војници во меѓународните мировни мисии, и додаде дека САД како и досега ќе продолжи да биде поддржувач на стратешката определба на Република Македонија за целосна интеграција во евроатлантските структури.
rej_mabus_1

nimic01
Средба со амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за разликата околу името
Вторник, 29 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за разликата околу името.

На средбата беше разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.

Поздравувајќи го ангажманот на амбасадорот Нимиц, претседателот Иванов ја реафирмираше државната позиција на Република Македонија и посветеноста за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за разликата околу името.

„Како и досега, и натаму Република Македонија активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение за разликата околу името", рече претседателот Иванов.

На средбата, на која присуствува министерот за надворешни работи, м-р Никола Попоски, и новиот пратеник во разговорите за надминување на разликата околу името, д-р Васко Наумовски, претседателот Иванов ја истакна подготвеноста на македонската страна за средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот.

Македонскиот претседател истакна дека до решение може да се дојде само со конструктивност од двете страни и придржување до рамката во која се водат разговорите - резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во тој контекст, претседателот Иванов повика на почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

nimic02

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 81 од 175