Соопштенија
narodnaknc
Оглас за волонтирање во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје
Среда, 18 Јуни 2014

Со цел приближување на работата на Претседателот на Република Македонија до младите, а воедно и укажување на можност за стекнување на работно искуство со кое би можеле полесно да конкурираат на пазарот на трудот, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија овозможува волонтирање на заинтересираните, во Народната канцеларија во Скопје.

Правата и обврските на лицата ангажирани во работата на Народната канцеларија ќе се регулираат согласно Законот за волонтерство („Службен весник на Република Македонија" бр.85/07 и 161/08).

По завршување на волонтирањето, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија не превзема обврска за вработување на волонтерите.

Заинтересираните кандидати треба да достават:
• писмо за интерес;
• кратка биографија;
• доказ за завршено образование.

Документите да се достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 25.06.2014 година, на адреса:

Кабинет на Претседателот на Република Македонија
(Комисија за „Народни канцеларии")

„Вила Водно"
Ул. Ацо Караманов Бр.33A
1000 Скопје, Република Македонија

in2
Честитки до претседателот Иванов по повод реизборот на функцијата Претседател на Република Македонија (дополнување)
Четврток, 05 Јуни 2014

По повод инаугурацијата и реизборот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, писма со честитки упатија Генералниот секретар на Обединетите Нации, г. Бан Ки-мун, претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама, претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, претседателот на Француската Република г. Франсоа Оланд, претседателот на Италијанската Република, г. Џорџо Наполитано, кралот на Шпанија, Н.В. Хуан Карлос, претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер, претседателот на Романија, г. Трајан Басеску, претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј, претседателот на Република Грција, г. Каролос Папуљас, претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани, императорот на Јапонија Н.В. Акихито, претседателот на Швајцарската Конфедерација г. Дидир Буркхалтер, претседателот на Република Индија, г. Пранаб Мукхерјее, претседателот на Белорусија, г. Александар Лукашенко, кралот на Јордан, Абдула ибн Ал-Хуссеин, кралот на Мароко, Н.В. Мохамед Шести, претседателот на Исламската Република Пакистан, г. Мамноон Хуссаин, како и претседателот на Монголија г. Цахиагијн Елбегдорж.

Во честитката од Генералниот секретар на ООН, г. Бан пишува: „Охрабрен сум од визијата за Вашата земја која ја изнесовте во Вашето инаугуративно обраќање како земја која се темели на демократијата, владеењето на правото, човековите права и граѓанските слободи, социјалната правда и солидарноста, како и на почитувањето на различностите и соживотот. Исто така, охрабрен сум од Вашата постојана заложба за добрососедски односи и градење на мостови на пријателство и соработка во регионот. Тие се суштински елементи за создавање на просперитетна и стабилна иднина на Вашата држава и на Вашиот народ на патот кон Европската унија". „И понатаму сметам на Вашата силна поддршка за нашата Организација, и би сакал да Ве уверам дека тимот на Обединетите нации во Вашата земја директно, но и мојот личен претставник, ќе продолжат да работат заедно со Вас и со Владата на прашања од заеднички интерес за Вашата држава и за Обединетите нации", стои во честитката упатена од Генералниот секретар на ООН.

Во честитката од претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Обама се вели: „Ви посакувам сè најдобро на самиот почеток на Вашиот втор мандат како Претседател на Македонија. Соединетите Американски Држави и Македонија имаат воспоставено тесна соработка за низа билатерални и мултилатерални прашања. Го поздравувам продолжувањето на нашето партнерство и особено го ценам придонесот на Македонија во Авганистан. Вашиот нареден мандат дава можност за зајакнување на напорите на Македонија во делот на спроведувањето на реформите кои се неопходни за евро-атлантските интеграции".

Во писмото претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, изразува срдечни честитки по повод резиборот на претседателот Иванов и изразува надеж за нови успеси на оваа одговорна функција. „Традиционалните пријателски односи меѓу Кина и Македонија се продлабочуваат. Последниве години односите често се развиваат на високо ниво и политичката взаемна доверба се зголемува, постојано има богато достигнување за соработка во економска, трговска, културна област итн. Подготвен сум да вложиме заеднички сили со Вашата Екселенција да ги туркаме кинеско-македонските односи на повисоко ниво", стои во честитката од претседателот Џинпинг.

Претседателот на Француската Република г. Франсоа Оланд упатувајќи честитки за реизборот на претседателот Иванов на највисоката функција во Република Македонија, му посакува успех во спроведувањето на задачата во служба на земјата и нејзината европска перспектива. „Бидете убеден дека Франција е на ваша страна за да Ви помогне во таа задача. Сакам да Ви ја потврдам и мојата желба за продолжување на продлабочувањето на пријателските односи кои ги поврзуваат нашите земји, во духот на дијалогот кој го отпочнавме минатато лето во Брдо", се вели во писмото на францускиот претседател Оланд.

Претседателот на Италијанската Република, г. Џорџо Наполитано, упатувајќи честитки за просперитет на Република Македонија, истакнува дека Италија ќе продолжи да ја поддржува европската перспектива на Република Македонија и на Западниот Балкан, како основна цел за стабилност и развој на регионот. „Уверен сум дека следејќи ги охрабрувачките резултати постигнати досега, за време на вашиот втор мандат ќе имате дополнителен прогрес во вашиот пат кон евроатланските институции", стои во честитката од претседателот Наполитано.

Кралот на Шпанија, Н.В. Хуан Карлос во писмото до претседателот Иванов посакува успех во вршење на големата мисија, и упатува желби за просперитет, мир и благосостојба на македонскиот народ.

Во писмото од претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер изразува искрено уверување за натамошно продлабочување на блиските односи и соработката меѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво. „Во тој контекст ве уверувам дека Австрија ќе продолжи да ги застапува европските перспективи на вашата земја", стои во честитката од претседателот Фишер.

Во писмото, претседателот на Романија г. Трајан Басеску упатува честитки и успех во извршувањето на новиот мандат на претседателот Иванов, доверен од македонскиот народ. „ Сакам да Ве уверам во цврстата поддршка на Романија во процесот на европска интеграција на Република Македонија и да ја повторам расположливоста да продолжи да Ви ја нуди нашата поддршка за да Вашата земја ги започне преговорите за влез во Европската Унија и да ги финализира во еден временски близок хоризонт. Истовремено, сакам да го изразам уверувањето дека односите помеѓу нашите држави ќе го продолжат развојот, како на билатерално така и на мултилатерално ниво, преку отворен и конструктивен дијалог", се вели во писмото од романскиот претседател Басеску.

Во писмото, претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј на претседателот Иванов му посакува успех во вториот мандат. „Ви го честитам Вашиот повторен избор за претседател на 27 април и Вашата инаугурација во Скопје на 12 мај. Ви посакувам успешен втор мандат и да постигнете реален и суштински напредок за Вашата земја и за сите нејзини граѓани", се вели во писмото од претседателот на ЕС, Ван Ромпуј.

Претседателот на Република Грција, г. Каролос Папуљас во упатеното писмо, во име на грчкиот народ, го честита реизборот на претседателот Иванов и му посакува успех во новиот мандат.

Во писмото од претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани во име на албанскиот народ го честита реизборот на претседателот Иванов и му посакува успех. "Верувам дека нашиот заеднички придонес во промоција на мирот и стабилноста на регионот ќе биде зајакнат и дека билатералната соработка во иднина ќе продолжиме да ја градиме на принципите на добрососедство и заедничките аспирации за европските интеграции", стои во писмото од претседателот Нишани.

Императорот на Јапонија во своето писмо со честитки по повод вториот мандат, упатува желби за личен успех и среќа на претседателот Иванов и посакува просперитет на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, г. Дидир Буркхалтер во честитката до претседателот Иванов му посакува успех во вториот мандат, лична благосостојба и натамошен просперитет на државата. „Убеден сум дека постојните одлични односи меѓу двете земји ќе продолжат да се продлабочуваат во текот на вашиот мандат", стои во писмото од претседателот Буркхалтер.

Во писмото до претседателот Иванов, претседателот на Република Индија, г. Мукхерјее изразува желби за натамошен прогрес и просперитет на пријателскиот народ на Македонија. „Односите меѓу Индија и Македонија се топли и пријателски и се базирани на цврсти историски основи. Уверен сум дека овие пријателски врски ќе продолжат натаму да се прошируваат и да се збогатуваат во нови области во годините што претстојат, во заедничка корист на народите на нашите две земји", се вели во писмото на индискиот претседател г. Мукхерјее.

Во честитката упатена од претседателот на Белорусија, г. Александар Лукашенко се изразува уверување дека заедничката соработка меѓу Република Македонија и Белорусија ќе продолжи да се развива во сите области.

Кралот на Јордан, Абдула ибн Ал-Хуссеин во писмото до претседателот Иванов упатува честитки по повод реизборот на функцијата Претседател на Република Македонија, и изразува желби за пријателство и соработка помеѓу двете држави во интерес на народите на двете држави.

Кралот на Мароко, во упатената честитка до претседателот Иванов изразува задоволство од степенот на пријателство и соработка меѓу двете земји и очекување за продлабочување на односите. „Вашиот реизбор ја одразува довербата на македонскиот народ во вас и нивните очекувања за продолжување на вашите заложби за развој, напредок и просперитет на државата", стои во писмото од кралот Мохамед Шести.

Во писмото од претседателот на Исламската Република Пакистан, г. Мамноон Хуссаин се вели: „Вашиот реизбор ја потврди довербата што Македонците ја имаат во вашата способност да ги водите кон прогрес, просперитет и подобра иднина".

По повод победата на претседателските избори и реизборот на претседателот Иванов, писма со честитки упатија претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоахим Гаук, претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул, претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев, претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски, претседателот на Република Чешка, г. Милош Земан, претседателот на Словачката Република, г. Иван Гашпарович, претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, претседателот на Република Литванија, г-ѓа Далија Грубаускаите, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ, претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ, претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, како и поранешниот чешки претседател, г. Вацлав Клаус.

01fin
Новоименуваните амбасадори на Р. Финска, на Р. Латвија и на Ирска ги предадоа акредитивните писма
Петок, 30 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, Република Латвија и Ирска.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Финска, Н.Е. г. Тимо Рајакангас, македонскиот претседател изрази очекување за искористување на потенцијалите меѓу двете земји со цел унапредување на македонско-финските односи. Воедно, посочи дека Република Македонија е подготвена веднаш да ја започне следната фаза во интеграцијата во ЕУ.

„За нас од особено значење беше споделувањето на финските искуства во различни области што беше реализирано во рамките на финската развојна помош и твининг проектите. Се надевам дека и во наредниот значаен период ќе можеме да сметаме на финската поддршка", истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Рајакангас му го честита реизборот на претседателот Иванов и истакна дека Финска ќе продолжи да биде силен поддржувач на политиката на проширување на ЕУ. „Континуирано ги поддржуваме препораките на Европската комисија за почеток на преговори со Република Македонија. Финска има цврст став дека интеграцискиот процес треба да се заснова на заеднички усвоените објективни критериуми. Жалиме што билатералниот спор го попречи напредокот во случајот со вашата земја и ги повикуваме засегнатите страни да сторат секаков напор да се изнајде начин за придвижување напред без натамошно одложување", истакна амбасадорот Рајакангас.

02latНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Латвија, Н.Е. г. Албертс Сарканис, македонскиот претседател изрази задоволство од достигнатото ниво на односите меѓу двете земји, посочувајќи дека за Република Македонија евроатланските интеграции се од клучно значење.

„Би сакал да се заблагодарам за досегашната поддршка од Република Латвија на напорите на мојата земја за интегрирање во европските и евроатлантските структури. Очекувам ваквата поддршка да продолжи и во наредниот значаен период, во пресрет на состанок на Европскиот совет и претстојниот НАТО Самит", порача претседателот Иванов.

„Република Латвија во зависност од можностите и позицијата силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ. Латвија ќе претседава со Советот на ЕУ од 1 јануари 2015 година. Очекуваме главните мотиви на претседателството – развој, вклученост и одржливост, дека ќе бидат охрабрувачки и за Македонија", истакна амбасадорот Сарканис, заложувајќи се за развој и зајакнување на односите меѓу двете земји.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Ирска, Н.Е. г. Џерард Кор, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени поддршката што Ирска во континуитет ја дава во остварувањето на нашите стратешки определби за полноправно членство во НАТО и Европската Унија, и посочи дека македонско – ирските односи се развиваат во духот на пријателство.

„Република Македонија безусловно е посветена на процесот на консолидирање на една просперитетна Европа и градењето на заедничка европска иднина. Наш примарен интерес е стабилноста и безбедноста на Балканот и целосно интегрирање на регионот во Унијата. ", истакна македонскиот претседател.

Амбасадорот Кор посочи дека Ирска ги цени постигнатите достигнувања на Република Македонија во изминатите години како и аспирациите за членство во ЕУ.

„Ирска го споделува ставот на Европската Унија дека перспективите на европската интеграција се моќен сегмент во промоција на стабилноста во Македонија и поширокиот балкански регион", порача ирскиот амбасадор во своето обраќање.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на должноста и изрази очекување дека нивните ангажмани ќе придонесат во унапредување на билатералните односи.

03irl

polska
Новоименуваните амбасадори на Р. Полска, Обединетото Кралство, Н.Р. Кина и Р. Албанија ги предадоа акредитивните писма
Четврток, 29 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Полска, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Народна Република Кина и Република Албанија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Полска во Република Македонија, Н.Е. г. Јацек Стефан Мултановски, беше изразено задоволство од политичкиот дијалог и севкупните односи меѓу двете земји, како и очекување за натамошно јакнење на соработката во сферата на економијата.

Претседателот Иванов во поздравното обраќање се заблагодари за досегашната поддршка од Република Полска на планот на европските и евроатланските интеграциите и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот, за нас исклучително важен период. „Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај", порача претседателот Иванов.

Новиот амбасадор на Република Полска го реафирмираше интересот за развој на економската соработка и изрази уверување дека негова главна цел ќе биде интензивирање на односите во сите области. „Мојата земја активно ја застапува политиката на проширување. Република Македонија може да смета на полската поддршка во ЕУ и евроатланскиот интеграцискиот процес", порача амбасадорот Мултановски.

britanijaНа предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. г. Чарлс Едмонд Гарет, претседателот Иванов изрази очекуање за натамошно интензивирање на соработката и поддршка на патот кон ЕУ и НАТО.

„Република Македонија е решителна и одлучна во исполнувањето на поставените стратешки цели, членството во НАТО и во Европската унија. Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата и е подготвена веднаш, неодложно да ја започне следната фаза во интеграцијата во ЕУ. Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај. Република Македонија истовремено бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски. Членството на Република Македонија во НАТО не е придобивка само за нас, туку и за Алијансата и за нашиот регион. Искрено очекувам и се надевам дека Обединетото Кралство ќе ги има предвид нашите аргументи, нашите постигнувања, и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот исклучително значаен период", порача македонскиот претседател во поздравното обраќање.

Новоименуваниот британски амбасадор ја потврди поддршката од Обединетото Кралство за македонските аспирации за приклучување кон ЕУ и НАТО. „Би сакал да ја видам Република Македонија во рамки на евро-атлантското семејство на народи. Посветеноста на Република Македонија и придонесот кон одржувањето на меѓународната безбедност и градење на мирот е добро позната. Ја користам оваа прилика да ја искажам почитта кон придонесот на Македонија во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и вашата амбиција да продолжите со тој придонес", истакна во обраќањето амбасадорот Гарет.

chinaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Н.Е. г. Вен Џеншун, двајцата соговорници изразија подготвеноста за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.

„Со заемен ангажман постигнавме многу, и сметам дека можеме да бидеме задоволни од нивото на пријателски односи и од степенот на развој на соработката кои ги постигнавме. Затоа со задоволство можам да ја повторам констатацијата од неодамнешна средба со мојот колега Неговата Екселенција г-дин Си Џинпинг – дека денес односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се на историски највисоко ниво", истакна претседателот Иванов посочувајќи ја досегашната успешна соработка во економијата, инвестициите, инфраструктурата, образованието.

Во своето обраќање новиот кинески амбасадор го поздрави постигнатиот напредок во Република Македонија и позитивната улога во промовирање на регионалната стабилност и соработка. „Кина придава значење на унапредување на односите со Македонија. Подготвени сме да заеднички да ги зацврстиме политичките односи, да ги искористиме сите можности за соработка меѓу Кина и земјите од централна и источна Европа, и да ја прошириме соработката во сите сфери од заеднички интерес со цел унапредување на нашите пријателски односи", порача амбасадорот Џеншун.

На средбата со новиот амбасадор на Република Албанија, Н.Е Петрит Бушати, двајцата соговорници го потврдија интересот за натамошно развивање на добрососедството, билатералната соработка и остварување на заедничката стратешка определба - членството во ЕУ.

„Добрососедските односи и соработка се еден од приоритетите на Република Македонија, и целосно сме подготвени за блиска соработка и реализирање на заеднички проекти насочени кон севкупно подобрување на односите и поврзаноста на нашите општества. Подеднакво важно е и да креираме амбиент и услови, во кои бизнис заедниците од двете земји ќе можат поуспешно да соработуваат", порача претседателот Иванов.

„Албанија е подготвена да го подржи членството на Република Македонија во НАТО, верувајќи дека тоа ќе придонесе за зголемување на стабилноста и мирот во регионот", истакна амбасадорот Бушати во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

albania

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов до г. Петро Порошенко, по повод изборот на функцијата Претседател на Украина
Четврток, 29 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Украина, упати писмо до г. Петро Порошенко, Избран претседател на Украина

Почитуван господине Порошенко,

Ми претставува особена чест и задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Украина, со искрени желби за успешно извршување на оваа висока и одговорна функција.

Ја користам оваа пригода да ја повторам мојата лична увереност дека во периодот што следи, со заемен ангажман можеме да придонесеме за јакнење на традиционално пријателските односи и за уште поплодна соработка, како на билатерален така и на мултилатерален план.

Ваша Екселенцијо, имајќи ја предвид актуелната ситуација во Украина, сакам да ве уверам дека Република Македонија ги поддржува сите обиди, кои можат да донесат мир и стабилност во вашата земја. Убеден сум дека пријателска Украина преку дијалог, со политички и дипломатски средства ќе успее да се справи со предизвиците и ќе продолжи по патот на обезбедување просперитетна иднина на своите граѓани.

Со најискрени честитки и желби за Ваша успешна работа, Ви ги упатувам, изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

gjul
Писмо со благодарност од турскиот претседател Абдула Ѓул
Среда, 28 Мај 2014
 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 86 од 175