Честитки до претседателот Иванов по повод реизборот на функцијата Претседател на Република Македонија (дополнување)
Четврток, 05 Јуни 2014   

in2По повод инаугурацијата и реизборот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, писма со честитки упатија Генералниот секретар на Обединетите Нации, г. Бан Ки-мун, претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама, претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, претседателот на Француската Република г. Франсоа Оланд, претседателот на Италијанската Република, г. Џорџо Наполитано, кралот на Шпанија, Н.В. Хуан Карлос, претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер, претседателот на Романија, г. Трајан Басеску, претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј, претседателот на Република Грција, г. Каролос Папуљас, претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани, императорот на Јапонија Н.В. Акихито, претседателот на Швајцарската Конфедерација г. Дидир Буркхалтер, претседателот на Република Индија, г. Пранаб Мукхерјее, претседателот на Белорусија, г. Александар Лукашенко, кралот на Јордан, Абдула ибн Ал-Хуссеин, кралот на Мароко, Н.В. Мохамед Шести, претседателот на Исламската Република Пакистан, г. Мамноон Хуссаин, како и претседателот на Монголија г. Цахиагијн Елбегдорж.

Во честитката од Генералниот секретар на ООН, г. Бан пишува: „Охрабрен сум од визијата за Вашата земја која ја изнесовте во Вашето инаугуративно обраќање како земја која се темели на демократијата, владеењето на правото, човековите права и граѓанските слободи, социјалната правда и солидарноста, како и на почитувањето на различностите и соживотот. Исто така, охрабрен сум од Вашата постојана заложба за добрососедски односи и градење на мостови на пријателство и соработка во регионот. Тие се суштински елементи за создавање на просперитетна и стабилна иднина на Вашата држава и на Вашиот народ на патот кон Европската унија". „И понатаму сметам на Вашата силна поддршка за нашата Организација, и би сакал да Ве уверам дека тимот на Обединетите нации во Вашата земја директно, но и мојот личен претставник, ќе продолжат да работат заедно со Вас и со Владата на прашања од заеднички интерес за Вашата држава и за Обединетите нации", стои во честитката упатена од Генералниот секретар на ООН.

Во честитката од претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Обама се вели: „Ви посакувам сè најдобро на самиот почеток на Вашиот втор мандат како Претседател на Македонија. Соединетите Американски Држави и Македонија имаат воспоставено тесна соработка за низа билатерални и мултилатерални прашања. Го поздравувам продолжувањето на нашето партнерство и особено го ценам придонесот на Македонија во Авганистан. Вашиот нареден мандат дава можност за зајакнување на напорите на Македонија во делот на спроведувањето на реформите кои се неопходни за евро-атлантските интеграции".

Во писмото претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, изразува срдечни честитки по повод резиборот на претседателот Иванов и изразува надеж за нови успеси на оваа одговорна функција. „Традиционалните пријателски односи меѓу Кина и Македонија се продлабочуваат. Последниве години односите често се развиваат на високо ниво и политичката взаемна доверба се зголемува, постојано има богато достигнување за соработка во економска, трговска, културна област итн. Подготвен сум да вложиме заеднички сили со Вашата Екселенција да ги туркаме кинеско-македонските односи на повисоко ниво", стои во честитката од претседателот Џинпинг.

Претседателот на Француската Република г. Франсоа Оланд упатувајќи честитки за реизборот на претседателот Иванов на највисоката функција во Република Македонија, му посакува успех во спроведувањето на задачата во служба на земјата и нејзината европска перспектива. „Бидете убеден дека Франција е на ваша страна за да Ви помогне во таа задача. Сакам да Ви ја потврдам и мојата желба за продолжување на продлабочувањето на пријателските односи кои ги поврзуваат нашите земји, во духот на дијалогот кој го отпочнавме минатато лето во Брдо", се вели во писмото на францускиот претседател Оланд.

Претседателот на Италијанската Република, г. Џорџо Наполитано, упатувајќи честитки за просперитет на Република Македонија, истакнува дека Италија ќе продолжи да ја поддржува европската перспектива на Република Македонија и на Западниот Балкан, како основна цел за стабилност и развој на регионот. „Уверен сум дека следејќи ги охрабрувачките резултати постигнати досега, за време на вашиот втор мандат ќе имате дополнителен прогрес во вашиот пат кон евроатланските институции", стои во честитката од претседателот Наполитано.

Кралот на Шпанија, Н.В. Хуан Карлос во писмото до претседателот Иванов посакува успех во вршење на големата мисија, и упатува желби за просперитет, мир и благосостојба на македонскиот народ.

Во писмото од претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер изразува искрено уверување за натамошно продлабочување на блиските односи и соработката меѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво. „Во тој контекст ве уверувам дека Австрија ќе продолжи да ги застапува европските перспективи на вашата земја", стои во честитката од претседателот Фишер.

Во писмото, претседателот на Романија г. Трајан Басеску упатува честитки и успех во извршувањето на новиот мандат на претседателот Иванов, доверен од македонскиот народ. „ Сакам да Ве уверам во цврстата поддршка на Романија во процесот на европска интеграција на Република Македонија и да ја повторам расположливоста да продолжи да Ви ја нуди нашата поддршка за да Вашата земја ги започне преговорите за влез во Европската Унија и да ги финализира во еден временски близок хоризонт. Истовремено, сакам да го изразам уверувањето дека односите помеѓу нашите држави ќе го продолжат развојот, како на билатерално така и на мултилатерално ниво, преку отворен и конструктивен дијалог", се вели во писмото од романскиот претседател Басеску.

Во писмото, претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј на претседателот Иванов му посакува успех во вториот мандат. „Ви го честитам Вашиот повторен избор за претседател на 27 април и Вашата инаугурација во Скопје на 12 мај. Ви посакувам успешен втор мандат и да постигнете реален и суштински напредок за Вашата земја и за сите нејзини граѓани", се вели во писмото од претседателот на ЕС, Ван Ромпуј.

Претседателот на Република Грција, г. Каролос Папуљас во упатеното писмо, во име на грчкиот народ, го честита реизборот на претседателот Иванов и му посакува успех во новиот мандат.

Во писмото од претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани во име на албанскиот народ го честита реизборот на претседателот Иванов и му посакува успех. "Верувам дека нашиот заеднички придонес во промоција на мирот и стабилноста на регионот ќе биде зајакнат и дека билатералната соработка во иднина ќе продолжиме да ја градиме на принципите на добрососедство и заедничките аспирации за европските интеграции", стои во писмото од претседателот Нишани.

Императорот на Јапонија во своето писмо со честитки по повод вториот мандат, упатува желби за личен успех и среќа на претседателот Иванов и посакува просперитет на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, г. Дидир Буркхалтер во честитката до претседателот Иванов му посакува успех во вториот мандат, лична благосостојба и натамошен просперитет на државата. „Убеден сум дека постојните одлични односи меѓу двете земји ќе продолжат да се продлабочуваат во текот на вашиот мандат", стои во писмото од претседателот Буркхалтер.

Во писмото до претседателот Иванов, претседателот на Република Индија, г. Мукхерјее изразува желби за натамошен прогрес и просперитет на пријателскиот народ на Македонија. „Односите меѓу Индија и Македонија се топли и пријателски и се базирани на цврсти историски основи. Уверен сум дека овие пријателски врски ќе продолжат натаму да се прошируваат и да се збогатуваат во нови области во годините што претстојат, во заедничка корист на народите на нашите две земји", се вели во писмото на индискиот претседател г. Мукхерјее.

Во честитката упатена од претседателот на Белорусија, г. Александар Лукашенко се изразува уверување дека заедничката соработка меѓу Република Македонија и Белорусија ќе продолжи да се развива во сите области.

Кралот на Јордан, Абдула ибн Ал-Хуссеин во писмото до претседателот Иванов упатува честитки по повод реизборот на функцијата Претседател на Република Македонија, и изразува желби за пријателство и соработка помеѓу двете држави во интерес на народите на двете држави.

Кралот на Мароко, во упатената честитка до претседателот Иванов изразува задоволство од степенот на пријателство и соработка меѓу двете земји и очекување за продлабочување на односите. „Вашиот реизбор ја одразува довербата на македонскиот народ во вас и нивните очекувања за продолжување на вашите заложби за развој, напредок и просперитет на државата", стои во писмото од кралот Мохамед Шести.

Во писмото од претседателот на Исламската Република Пакистан, г. Мамноон Хуссаин се вели: „Вашиот реизбор ја потврди довербата што Македонците ја имаат во вашата способност да ги водите кон прогрес, просперитет и подобра иднина".

По повод победата на претседателските избори и реизборот на претседателот Иванов, писма со честитки упатија претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоахим Гаук, претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул, претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев, претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски, претседателот на Република Чешка, г. Милош Земан, претседателот на Словачката Република, г. Иван Гашпарович, претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, претседателот на Република Литванија, г-ѓа Далија Грубаускаите, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ, претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ, претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, како и поранешниот чешки претседател, г. Вацлав Клаус.

  Back<<Назад