Новоименуваните амбасадори на Р. Финска, на Р. Латвија и на Ирска ги предадоа акредитивните писма
Петок, 30 Мај 2014   

01finПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, Република Латвија и Ирска.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Финска, Н.Е. г. Тимо Рајакангас, македонскиот претседател изрази очекување за искористување на потенцијалите меѓу двете земји со цел унапредување на македонско-финските односи. Воедно, посочи дека Република Македонија е подготвена веднаш да ја започне следната фаза во интеграцијата во ЕУ.

„За нас од особено значење беше споделувањето на финските искуства во различни области што беше реализирано во рамките на финската развојна помош и твининг проектите. Се надевам дека и во наредниот значаен период ќе можеме да сметаме на финската поддршка", истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Рајакангас му го честита реизборот на претседателот Иванов и истакна дека Финска ќе продолжи да биде силен поддржувач на политиката на проширување на ЕУ. „Континуирано ги поддржуваме препораките на Европската комисија за почеток на преговори со Република Македонија. Финска има цврст став дека интеграцискиот процес треба да се заснова на заеднички усвоените објективни критериуми. Жалиме што билатералниот спор го попречи напредокот во случајот со вашата земја и ги повикуваме засегнатите страни да сторат секаков напор да се изнајде начин за придвижување напред без натамошно одложување", истакна амбасадорот Рајакангас.

02latНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Латвија, Н.Е. г. Албертс Сарканис, македонскиот претседател изрази задоволство од достигнатото ниво на односите меѓу двете земји, посочувајќи дека за Република Македонија евроатланските интеграции се од клучно значење.

„Би сакал да се заблагодарам за досегашната поддршка од Република Латвија на напорите на мојата земја за интегрирање во европските и евроатлантските структури. Очекувам ваквата поддршка да продолжи и во наредниот значаен период, во пресрет на состанок на Европскиот совет и претстојниот НАТО Самит", порача претседателот Иванов.

„Република Латвија во зависност од можностите и позицијата силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ. Латвија ќе претседава со Советот на ЕУ од 1 јануари 2015 година. Очекуваме главните мотиви на претседателството – развој, вклученост и одржливост, дека ќе бидат охрабрувачки и за Македонија", истакна амбасадорот Сарканис, заложувајќи се за развој и зајакнување на односите меѓу двете земји.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Ирска, Н.Е. г. Џерард Кор, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени поддршката што Ирска во континуитет ја дава во остварувањето на нашите стратешки определби за полноправно членство во НАТО и Европската Унија, и посочи дека македонско – ирските односи се развиваат во духот на пријателство.

„Република Македонија безусловно е посветена на процесот на консолидирање на една просперитетна Европа и градењето на заедничка европска иднина. Наш примарен интерес е стабилноста и безбедноста на Балканот и целосно интегрирање на регионот во Унијата. ", истакна македонскиот претседател.

Амбасадорот Кор посочи дека Ирска ги цени постигнатите достигнувања на Република Македонија во изминатите години како и аспирациите за членство во ЕУ.

„Ирска го споделува ставот на Европската Унија дека перспективите на европската интеграција се моќен сегмент во промоција на стабилноста во Македонија и поширокиот балкански регион", порача ирскиот амбасадор во своето обраќање.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на должноста и изрази очекување дека нивните ангажмани ќе придонесат во унапредување на билатералните односи.

03irl

  Back<<Назад