Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 јули – Денот на независноста, упати честитка до Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама.
Почитуван господине Претседателе,
По повод 4 јули - Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и големо задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и срдечни желби за просперитет на Вашата ценета држава, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ.
Односите со Соединетите Американски Држави ги ценам за исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување од посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Соединетите Американски Држави даваат силна и континуирана поддршка на напорите за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешнополитички цели на Република Македонија.
Одамна заслуженото полноправно членство на нашата држава во НАТО, како и натамошната интеграција во Европската унија, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, регионалната соработка и градењето добрососедски односи, остануваат наши највисоки надворешно- политички приоритети, но истовремено и предизвици со кои нашата држава се соочува. Во насока на што поскора реализација на овие значајни цели, ја очекуваме Вашата натамошна, уште позасилена поддршка во претстојниот период, особено во пресрет на следниот Самит на Алијансата во септември оваа година.
На крајот би сакал да ја пренесам подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со Соединетите Американски Држави во сите области од заемен интерес, како заеднички придонес кон просперитетот на регионот на Југоисточна Европа, но и воопшто, во глобални рамки, како стратешка определба на нашите држави.
Со такво убедување, како и во очекување на можноста за лична размена на мислења по сите прашања од заемен интерес, дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов