Соопштенија
PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод празникот Рамазан-бајрам
Недела, 27 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник – Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,

Дозволете ми во мое, лично, име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани, припадници на исламската вероисповед во земјава, да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и завршувањето на рамазанските пости.

На сите верници од исламска вероисповед им посакувам овие денови на празнување да ги минат исполнети со добрина, милосрдие, разбирање и љубов, вредности кои ги зближуваат и ги поврзуваат и луѓето и религиите. Убеден сум дека сите заедно ќе продолжиме да ги унапредуваме меѓусебните односи и меѓусебното разбирање, градејќи благородни дела. Токму затоа традицијата, години наназад, говори за заемната меѓусебна почит и за солидарноста, независно од верската и етничката припадност како завет за идните млади генерации.

Заемното почитување и славењето на празниците на различните верски заедници во земјава се столб на соработка и соживот. Тие се поттик за меѓусебно почитување и разбирање, вредности кон кои се стремиме, но и заеднички треба да ги негуваме.

Честитајќи го големиот исламски празник Рамазан-бајрам, Ви посакувам пријатни празнични денови исполнети со мир и благосостојба.

д-р Ѓорге Иванов

novzeland01
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на Кралството Тајланд
Петок, 25 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. д-р Доналд Тревор Матесон, и на новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија, со седиште во Анкара, Н.Е. г. Тарит Чарунгват.

На средбата со амбасадорот Матесон, претседателот Иванов потенцираше дека односите меѓу Република Македонија и Нов Зеланд се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување.

„Минатата година одбележавме значаен јубилеј во нашата заедничка историја – 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Верувам дека со заеднички ангажман, во наредниот период, ќе придонесеме во нивно значително проширување во многу сфери од заеднички интерес. Постои голем простор за зголемување на активностите и иницијативите во економската сфера и во договорната состојба, за што се надевам за време на Вашиот мандат ќе биде ставен посебен акцент", рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов истакна дека двете земји се географски оддалечени една од друга, но истовремено силно поврзани, што несомнено влијае врз подоброто запознавање и зацврстувањето на билатералните односи. Големиот број државјани на Нов Зеланд со потекло од Република Македонија, играат важна улога на мост меѓу двете земји, што според претседателот Иванов, ќе помогне во остварувањето на заедничките цели.

Амбасадор Матесон изрази надеж дека за време на неговиот мандат ќе придонесе за развојот на билатералните односи, истовремено оценувајќи дека во изминатите две децении Македонија покажала дека е кредибилен партнер во меѓународната заедница и земја која што има важна улога во стабилизирањето на регионот во Југоисточна Европа.

novzeland02„Ваша Екселенцијо, пријателските односи меѓу Македонија и Нов Зеланд ги одбележува континуирана соработка и меѓусебна доверба. Владата на Нов Зеланд со нетрпение ги очекува идните можности за унапредување на нашите билатерални односи, во политичката, економската, трговската и културната сфера", истакна амбасадорот Матесон, додавајќи дека Нов Зеланд и посакува успех на Македонија и во нејзините аспирации да стане земја-членка на Европската унија и на НАТО.

На средбата со амбасадорот Чарунгват, претседателот Иванов му посака добредојде и успех во извршувањето на одговорната должност и истакна дека Република Македонија е заинтересирана за унапредувањето на севкупните односи со Кралството Тајланд.

„Следната година, нашите две земји ќе одбележат десетгодишнина од воспоставувањето на дипломатските односи. Верувам дека овој значаен јубилеј ќе претставува можност да ги трасираме насоките на нашата идна соработка, во сите области од заемен интерес, а особено во доменот на економијата", рече македонскиот претседател.

Амбасадорот Чарунгват изрази волја за натамошно зајакнување на меѓусебните врски, особено на политичко и економско ниво.

tajland01„Во економските односи, доверено ми е да изнајдам начини и средства за зголемување на меѓусебната размена и инвестициите, обезбедувајќи го приватниот сектор на двете страни со можности меѓусебно да ги осознаат потенцијалите, кои што се од клучно значење да се постигне тоа", истакна амбасадорот Чарунгват, додавајќи дека ќе ги охрабрува тајландските инвеститори да ги истражуваат потенцијалите на Република Македонија како 36-та по ред најдобра бизнис дестинација според Forbes, оценета според монетарната и трговската слобода, даночните олеснувања и инвестициската заштеда.

Македонскиот претседател на двајцата амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.

tajland02

mogerini01
Средба со г-ѓа Федерика Могерини, министер за надворешни работи на Италијанската Република
Петок, 25 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими Н.Е. г-ѓа Федерика Могерини, министер за надворешни работи на Италијанската Република.

На средбата беа разменети мислења за билатералните односи помеѓу Република Македонија и Италијанската Република, политичката и економската соработка, како и за состојбите во врска со интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

Претседателот Иванов, посакувајќи успешно претседавање на Италијанската Република со Европската унија, се заблагодари за досегашната италијанска поддршка за интегрирањето на Република Македонија во европските и евро-атлантските структури, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина. Во тој контекст, италијанската министерка беше запознаена со статус-кво состојбата на Република Македонија, која е блокирана и во ЕУ и во НАТО, и за разговорите за разликата околу името, како и за проактивниот и конструктивен пристап на нашата земја во унапредувањето на добрососедските односи.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски, и во таа насока очекува поддршка од Италија и од земјите – членки на ЕУ, кои воедно се и членки на НАТО, дополнувајќи дека е потребно и во нашиот случај да се применат позитивните примери од регионот, на паралелно движење на преговорите со надминувањето на билатералната разлика.

Во однос на јакнењето на регионалната соработка, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија од Италијанската Република очекува поддршка и во настојувањата за членство во Јадранско-јонската иницијатива.

Министерката Могерини, истакна дека Италијанската Република како претседавач со Европската унија дава целосна поддршка по однос на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, додавајќи дека проширувањето останува високо на агендата на италијанското претседателство. Таа ја истакна подготвеноста на Италијанската Република да помогне во интеграцијата на земјите од регионот во Европската унија и во НАТО и изрази надеж дека за време на шестмесечното претседателство ќе биде направен чекор напред во интеграцијата на Република Македонија.

На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба, и беше изразена заедничката определба за постојано унапредување и интензивирање на политичкиот дијалог и понатамошно динамизирање и унапредување на билатералната и економската соработка.

mogerini02

akreditivi_vatikan1
Новоименуваниот aпостолски нунциј на Светиот Престол ги предададе акредитивните писма
Четврток, 24 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот aпостолски нунциј за Република Македонија, Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари.

На средбата, претседателот Иванов му посака добредојде на новоименуваниот aпостолски нунциј во Република Македонија и успешно извршување на одговорната должност, упатувајќи поздрави и до Неговата Светост, папата Франциск, со желби за неговата натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје.

„Историските врски меѓу двете земји навлегуваат длабоко во корените на глобалната духовност и универзалните христијански традиции, а важните личности и настани од заедничкото минато како што се светото дело на скопјанката Мајка Тереза и бесценетото наследство на светите апостоли Кирил и Методиј, претставуваат столбови на културниот образец на Европа", истакна македонскиот претседател, оценувајќи дека сè уште постои неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката меѓу двете земји.

akreditivi_vatikan_2Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари, изрази благодарност за можноста да му ги предаде акредитивните писма на македонскиот претседател, истовремено пренесувајќи ги импресиите на папата Франциск, од неодамнешната посета на Македонската делегација во Ватикан и во Рим, предводена од претседателот Иванов.

„Како aпостолски нунциј би сакал да ве уверам Ваша Екселенцијо во мојата целосна посветеност во поддршката и одржувањето на општото добро на оваа прекрасна нација, преку помагање на Католичката црква, но и на сите граѓански и верски заедници", истакна Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари. Новоименуваниот апостолски нунциј додаде дека Светиот Престол и во иднина ќе продолжи со активното и динамично присуство во Република Македонија во насока на зајакнување на меѓусебната соработка.

Република Македонија, како што посочи Претседателот, е земја со мултиетничко и мултиконфесионално општество во која религиската различност се чува како богатство и фундамент на човековите слободи. Различните верски чувства се суштински дел на заедничката коегзистенција и на меѓусебната почит во ткивото на македонското општество. Република Македонија и Светиот Престол споделуваат заеднички духовни, културни и цивилизациски вредности, кои претставуваат цврсти мостови меѓу двете земји.
akreditivi_vatikan3

ambasadori2
Средба со амбасадорите на САД, ЕУ, ОБСЕ и претставникот на НАТО
Среда, 23 Јули 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими Н.Е. г. Пол Волерс, амбасадор на Соединетите Американски Држави, Н.Е. г. Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија, Н.Е. г-a Мариан Берц, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ и претставникот на Канцеларијата за врски на НАТО, потполковник Маријан Ивануша.

На средбата беа разменети мислења и информации околу состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, добрососедските односи и регионалните прашања, како и за актуелните внатрешно политички случувања во државата.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо го цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО и изрази благодарност до соговорниците за нивниот ангажман и придонес во унапредувањето на односите и интензивирањето на соработката.

Македонскиот претседател, потенцирајќи го почитувањето на меѓународните договори и спроведувањето на меѓународните обврски, порача дека е потребно надминување на статус кво состојбата на евроатланските интеграциите на Република Македонија, час поскоро, со што би се придонело кон надминување на предизвиците во државата и регионот.

На средбата се разменија мислења во однос на последните настани поврзани со протестите поради случајот „Монструм", при што соговорниците се согласија дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не може да се толерира. Заклучија дека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист. Исто така беше констатирано дека настаните што се случија се и можност за отворен дијалог и зацврстување на односите меѓу граѓаните од различна етничка и религиозна припадност.

Соговорниците ги поздравија преземените напори на претседателот Иванов во насока за надминување на предизвиците произлезени од актуелните внатрешно политички случувања во Република Македонија.
ambasadori1

naumovski-jolevski
Средба со д-р Зоран Јолевски и д-р Васко Наумовски, досегашниот и идниот пратеник во разговорите за надминување на разликата околу името
Среда, 23 Јули 2014
 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 82 од 175