Средба со г-ѓа Федерика Могерини, министер за надворешни работи на Италијанската Република
Петок, 25 Јули 2014   

mogerini01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими Н.Е. г-ѓа Федерика Могерини, министер за надворешни работи на Италијанската Република.

На средбата беа разменети мислења за билатералните односи помеѓу Република Македонија и Италијанската Република, политичката и економската соработка, како и за состојбите во врска со интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

Претседателот Иванов, посакувајќи успешно претседавање на Италијанската Република со Европската унија, се заблагодари за досегашната италијанска поддршка за интегрирањето на Република Македонија во европските и евро-атлантските структури, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина. Во тој контекст, италијанската министерка беше запознаена со статус-кво состојбата на Република Македонија, која е блокирана и во ЕУ и во НАТО, и за разговорите за разликата околу името, како и за проактивниот и конструктивен пристап на нашата земја во унапредувањето на добрососедските односи.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски, и во таа насока очекува поддршка од Италија и од земјите – членки на ЕУ, кои воедно се и членки на НАТО, дополнувајќи дека е потребно и во нашиот случај да се применат позитивните примери од регионот, на паралелно движење на преговорите со надминувањето на билатералната разлика.

Во однос на јакнењето на регионалната соработка, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија од Италијанската Република очекува поддршка и во настојувањата за членство во Јадранско-јонската иницијатива.

Министерката Могерини, истакна дека Италијанската Република како претседавач со Европската унија дава целосна поддршка по однос на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, додавајќи дека проширувањето останува високо на агендата на италијанското претседателство. Таа ја истакна подготвеноста на Италијанската Република да помогне во интеграцијата на земјите од регионот во Европската унија и во НАТО и изрази надеж дека за време на шестмесечното претседателство ќе биде направен чекор напред во интеграцијата на Република Македонија.

На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба, и беше изразена заедничката определба за постојано унапредување и интензивирање на политичкиот дијалог и понатамошно динамизирање и унапредување на билатералната и економската соработка.

mogerini02

  Back<<Назад