Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на Кралството Тајланд
Петок, 25 Јули 2014   

novzeland01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. д-р Доналд Тревор Матесон, и на новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија, со седиште во Анкара, Н.Е. г. Тарит Чарунгват.

На средбата со амбасадорот Матесон, претседателот Иванов потенцираше дека односите меѓу Република Македонија и Нов Зеланд се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување.

„Минатата година одбележавме значаен јубилеј во нашата заедничка историја – 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Верувам дека со заеднички ангажман, во наредниот период, ќе придонесеме во нивно значително проширување во многу сфери од заеднички интерес. Постои голем простор за зголемување на активностите и иницијативите во економската сфера и во договорната состојба, за што се надевам за време на Вашиот мандат ќе биде ставен посебен акцент", рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов истакна дека двете земји се географски оддалечени една од друга, но истовремено силно поврзани, што несомнено влијае врз подоброто запознавање и зацврстувањето на билатералните односи. Големиот број државјани на Нов Зеланд со потекло од Република Македонија, играат важна улога на мост меѓу двете земји, што според претседателот Иванов, ќе помогне во остварувањето на заедничките цели.

Амбасадор Матесон изрази надеж дека за време на неговиот мандат ќе придонесе за развојот на билатералните односи, истовремено оценувајќи дека во изминатите две децении Македонија покажала дека е кредибилен партнер во меѓународната заедница и земја која што има важна улога во стабилизирањето на регионот во Југоисточна Европа.

novzeland02„Ваша Екселенцијо, пријателските односи меѓу Македонија и Нов Зеланд ги одбележува континуирана соработка и меѓусебна доверба. Владата на Нов Зеланд со нетрпение ги очекува идните можности за унапредување на нашите билатерални односи, во политичката, економската, трговската и културната сфера", истакна амбасадорот Матесон, додавајќи дека Нов Зеланд и посакува успех на Македонија и во нејзините аспирации да стане земја-членка на Европската унија и на НАТО.

На средбата со амбасадорот Чарунгват, претседателот Иванов му посака добредојде и успех во извршувањето на одговорната должност и истакна дека Република Македонија е заинтересирана за унапредувањето на севкупните односи со Кралството Тајланд.

„Следната година, нашите две земји ќе одбележат десетгодишнина од воспоставувањето на дипломатските односи. Верувам дека овој значаен јубилеј ќе претставува можност да ги трасираме насоките на нашата идна соработка, во сите области од заемен интерес, а особено во доменот на економијата", рече македонскиот претседател.

Амбасадорот Чарунгват изрази волја за натамошно зајакнување на меѓусебните врски, особено на политичко и економско ниво.

tajland01„Во економските односи, доверено ми е да изнајдам начини и средства за зголемување на меѓусебната размена и инвестициите, обезбедувајќи го приватниот сектор на двете страни со можности меѓусебно да ги осознаат потенцијалите, кои што се од клучно значење да се постигне тоа", истакна амбасадорот Чарунгват, додавајќи дека ќе ги охрабрува тајландските инвеститори да ги истражуваат потенцијалите на Република Македонија како 36-та по ред најдобра бизнис дестинација според Forbes, оценета според монетарната и трговската слобода, даночните олеснувања и инвестициската заштеда.

Македонскиот претседател на двајцата амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.

tajland02

  Back<<Назад