Соопштенија
konkurs
Отворен конкурсот за учество на Школата за млади лидери под покровителство на претседателот Иванов за 2014 година
Сабота, 24 Мај 2014

Од 24 мај 2014 до 05 јуни 2014 е отворен Конкурсот за учество во Обуката на млади лидери, која по петти пат ќе се одржи во Охрид од 18 до 28 август 2014.

Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Програмата опфаќа предавања од лидерството и менаџментот со еминентни предавачи и гости од земјата и странство, менаџмент симулации и практични вежби. Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик.

Право на учество имаат сите млади од Република Македонија и деца на наши иселеници што живеат во странство. Трошоците за сместување со полн пансион ќе бидат покриени од страна на Претседателот на Република Македонија, како покровител на оваа програма.

Идејата за основање на летна школа за млади лидери потекнува од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, чија визија е да им овозможи на младите луѓе да се запознаат со нови содржини и практики, да ги усовршуваат своите знаења и вештини и да станат идната водечка сила на општеството и на Република Македонија. Или како што и самиот вели: „Општеството е како брод и во секое време треба да постојат луѓе што ќе бидат подготвени да го преземат кормилото... За идните кормилари да бидат подготвени да го преземат кормилото мора постојано да се инвестира во нивниот развој и наобразба".

Услови за конкурирање:

- Одлично познавање на англиски јазик

- Просек од високо образование (додипломски) да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно според македонскиот систем за оценување доколку се работи за диплома од странство).

- Работно искуство од една до пет години како и магистратура од соодветната област ќе се смета за предност.

Потребни документи за апликација:

- Две препораки од вашата организација, компанија или факултет.

- Потврда за одлично познавање на англиски јазик.

- Копија од Уверение за положени испити.

- Биографија

- Кратко мотивациско писмо

Комплетната апликација да се испрати по пошта најдоцна до 05 Јуни 2014 год. на адреса:

Кабинет на Претседателот на Република Македонија

(Комисија за избор „Иванов Школа за лидери - Меѓународна")

„Вила Водно"

Ацо Караманов 33А

1000 Скопје

prm2
Честитка по повод 24 Mај - Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј
Петок, 23 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник, 24 Mај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

Почитувани граѓани,

Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, и да ви посакам најискрени желби за добро здравје, благосостојба и радосни празнични мигови.

24 Мај е голем празник бидејќи ги слави светите браќа Кирил и Методиј, кои својот живот го посветија на ширењето на христијанската вера на нашите простори преку својата мисионерска, учителска и просветителска улога. Преку својот ангажман како основоположници на словенската писменост и култура, тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени.

И оваа година македонската држава им оддава признание и почит на апостолите на Словените, славејќи го делото кое претставува мост за зближување, соработка и поврзување. Она во што тие веруваа и се залагаа, претставува дополнителен поттик да продолжиме и понатаму да даваме свој придонес за развој и промоција на образованието и науката. Големото дело на светите Кирил и Методиј нè задолжува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста.

Потсетувајќи на историската и епохална мисија на солунските браќа, остануваме доследни на нивниот пример за верба и истрајност, промовирајќи ја пораката за почитување на човековите права, слобода, достоинство, правото на идентитет, писменост и култура.

Нека ни е за многу години големиот државен празник!

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка до припадниците на Влашката заедница по повод 23 мај - Националниот ден на Власите
Четврток, 22 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 мај - Националниот ден на Власите.

Овој светол празник е потсетување на вековниот стремеж на Власите за зачувување, негување и промовирање на сопствениот јазик, култура и идентитет. Признавањето на Власите како посебен народ во далечната 1905 година беше соочување со фактот на многувековното постоење, присуство и придонес на Власите на овие простори.

Влашката заедница, со својата трудољубивост, богата култура и посветеност кон доброто за заедничката татковина, претставува нераскинлив дел од историјата на постоењето на нашата држава. Од Илинденската епопеја и Крушевската Република, преку Народноослободителната борба и АСНОМ-ска Македонија, па сè до третиот Илинден и до прогласувањето на македонската независност и сувереност.

Почит кон предците, но и обврска кон потомците е да се зачуваат влашкиот јазик, културата и традицијата. Затоа, водена од македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, Република Македонија создава услови за остварување на право на самоидентификација на Власите, како основа на човековите права и правото на човечко достоинство. Единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име.

Сеќавајќи се со особена почит на достигнувањата од минатото, погледите на оваа генерација треба да бидат недвосмислено вперени кон иднината и кон создавање соодветни услови за идните генерации. Заеднички, да продолжиме во создавањето европска и евроатлантска Република Македонија, отворена кон соседите и светот, економски силна и развиена, во која секој ќе има услови за личен и колективен напредок.

Со такво уверување, на сите припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честитам овој светол празник.

д-р Ѓорге Иванов

nikolic
Писмо со благодарност од српскиот претседател Томислав Николиќ
Понеделник, 19 Мај 2014

Ваша екселенцијо,

Во име на граѓаните на Србија и во свое име, Ви ги упатувам најискрените благодарности за несебичната, правовремена човечка и професионална помош која Република Македонија ја упати до мојата земја, погодена од природна катастрофа со несогледливи размери.

Ви благодарам на хуманоста и солидарноста, помошта во луѓе и опрема, без кои бројот на жртви би бил далеку поголем. Слободно можам да Ве замолам на мојата опустошена земја да и помогнете во седмиците и годините кои следат. Не чека борба за обезбедување храна, сместување и лекување за десетици илјади луѓе, особено деца. Мораме на разурнатините, на чистините да ги подигнеме градовите кои со векови биле подигани, а кои беа уништени за три дена. Пред нас е тежок период и скоро невозможна работа за обнова на земјата. Помогнете ни колку можете. Народот на Србија знае да ја цени и памети Вашата помош. Србија на која ќе и помогнете во обновата ќе биде споменик на добротата и племенитоста на Вашиот народ и држава.

Почитуван господин претседател, примете ја уште еднаш мојата лична благодарност. Ве уверувам дека народот на Србија високо ја цени и секогаш ја памети пријателската и човечка помош на Вашата земја и народ.

Претседател на Република Србија
Томислав Николиќ

gul
Телеграма со сочувство до претседателот Ѓул по повод големата рударска несреќа во Турција
Четврток, 15 Мај 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати телеграма со сочувство до претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул, а по повод големата рударска несреќа во западна Турција.

Почитуван господине Претседателe,

Со длабоко жалење ја примив веста за тешката рударска несреќа во западна Турција, покрај местото Маниса, и длабоко жалам за изгубените животи и настраданите во оваа голема трагедија.
Во овие мигови на жалост, кога нема соодветни зборови што ќе ја намалат Вашата и тагата на пријателскиот турски народ, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, упатувам изрази на најдлабоко и искрено сочувство. Нашите молитви се со Вас и со семејствата на настраданите.
Ве молам, господине Претседателe, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите во оваа тешка несреќа.

д-р Ѓорге Иванов

cestitki1
Честитки до претседателот Иванов по повод реизборот на функцијата Претседател на Република Македонија
Вторник, 13 Мај 2014

По повод победата на претседателските избори и реизборот на д-р Ѓорге Иванов за Претседател на Република Македонија, голем број шефови на држави упатија писма со честитки до претседателот Иванов. Ги пренесуваме пораките добиени до овој момент, додека новопристигнатите честитки ќе ги објавиме дополнително.

По повод реизборот на претседателот Иванов, писмо со честитка во име на Европската комисија и во лично име упати претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. „Како земја – кандидат, постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и спроведување на натамошни реформи. Воедно, од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократски процеси. Добрососедските односи, вклучувајќи ги и преговорите за заеднички прифатливо решение за спорот со името, остануваат од суштинско значење. Ви посакувам успеси како Претседател во справување со предизвиците и исполнување на европските аспирации на Вашата земја, а во интерес на сите граѓани", стои во писмото од Баросо.

Честитки за реизборот на претседателот Иванов со желби за успех во вршењето на одговорната функција упати и Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин. „Резултатите од гласањето потврдуваат Ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија", стои во писмото упатено од претседателот Путин.

Честитки до претседателот Иванов упати претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоахим Гаук. „Цврсто сум убеден дека патот кон правната држава внатре во земјата и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот правилен пат, кој на Вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и понатаму ќе ве придружува на овој пат", стои во честитката од претседателот Гаук.

Честитки до претседателот Иванов во лично име и во име на турскиот народ упати и претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул. „ Поради Вашиот удел прикажан во односите со Турција за време на Вашиот прв мандат како Претседател, нашата соработка чија што сила доаѓа од историската, човечката и културната врска има достигнато голем напредок", стои во писмото од претседателот Ѓул, кој воедно изрази очекување за натамошно продлабочување на меѓусебните односи.

Писмо со честитка по повод реизборот на претседателот Иванов упати и претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев. „Република Бугарија во Република Македонија гледа близок сосед и партнер, чијашто иднина е во заедничкото европско семејство. Се надевам дека под ваше раководство ќе биде даден нов импулс на напорите за интегрирање на Вашата земја во европските и евро-атлантските структури. Убеден сум дека односите на нашите две земји треба да се развиваат врз основите на европските вредности и стандарди за добрососедство и соработка", пишува претседателот Плевнелиев.

Повторното преземање на функцијата Претседател од страна на претседателот Иванов го честиташе и претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски, кој изрази задоволство од односите меѓу двете земји. „Би сакал да ја истакнам полската поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Македонија. Се надевам на успешна соработка меѓу нашите држави и интензивирање на економската соработка", стои во писмото на полскиот претседател.

Искрени честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Чешка, г. Милош Земан, посочувајќи дека според него реизборот претставува израз на доверба која македонскиот народ ја има кон претседателот Иванов. „Цврсто верувам дека и понатаму ќе успеваме да продолжиме со нашето традиционално пријателство и дека ние двајца од своите функции ќе придонесуваме за исполнувањето на потенцијалот на заемна соработка на нашите земји. Затоа, примете го моето уверување за постојана поддршка од Република Чешка за македонското членство во Европската Унија и Северноатланската алијанса", стои во писмото од чешкиот претседател.

Реизборот на претседателот Иванов го честиташе и претседателот на Словачката Република, г. Иван Гашпарович. „Верувам дека пријателските односи меѓу Словачката Република и Република Македонија ќе продолжат да се развиваат во сите сфери од заемен интерес", стои во честитката од претседателот Гашпарович.

Писмо со честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, во кое изразува задоволство од воспоставеното пријателство и политичките и економски односи меѓу двете земји. "Ве уверувам дека Унгарија на меѓународните форуми и во престојните години активно и со искрено убедување ќе ги поддржува напорите на Македонија за европска интеграција и за членство во НАТО. Искрено се надевам дека пречките во поглед на вашето придружување ќе бидат надминати што е можно поскоро и вашите напори ќе доведат до успех", стои во писмото од претседателот Адер.

Претседателот на Република Литванија, г-ѓа Далија Грубаускаите во својата порака му посака на претседателот Иванов со волја и мудрост да продолжи да ги извршува одговорните должности работејќи за општото добро и безбедноста на граѓаните на Република Македонија. „Литванија секогаш стоеше на страната на Република Македонија на патот на спроведувањето на реформите и обезбедување на мир, стабилност и просперитет за своите граѓани. Цврсто верувам дека Литванија ќе остане доследен поддржувач на вашата земја и нејзините напори за интеграција во евро-атлантските структури", стои во честитката од претседателот на Република Литванија.

Победата на претседателот Иванов му ја честиташе и претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор посочувајќи дека Република Словенија и Република Македонија како пријателски држави во изминатите години достигнаа значајни резултати. „Големи заслуги за тоа ви припаѓаат вам. Сигурен сум дека ќе се продлабочи нашиот дијалог и соработката на нашите народи кои ќе дадат придонес за унапредување на пријателскиот и партнерски однос меѓу државите. Повторно би сакал да ја искажам поддршката на Република Словенија за напорите на Република Македонија на патот кон членство во НАТО и ЕУ", пишува словенечкиот претседател Пахор во честитката до претседателот Иванов.

Честитки за вториот мандат на претседателот Иванов упати и претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ. „Убеден сум дека со Вашиот реизбор ќе придонесете за уште посилни односи и уште посодржајна соработка особено на полињата на културата и економијата меѓу нашите народи и држави. Искрено се надевам на продолжување на нашата соработка и пријателство", стои во писмото од хрватскиот претседател.

Писмо со честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ. „Унапредувањето на добрососедските односи меѓу нашите две земји ќе претставува дополнителен поттик на натамошното јакнење на соработката, стабилноста и просперитетот во регионот, како и продолжување на процесите на европска интеграција", пишува претседателот Николиќ.

Повторната победа на претседателските избори на претседателот Иванов, во телефонски разговор му ја честиташе и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ. Претседателот Вујановиќ изрази задоволство од традиционално блиските односи меѓу двете држави, како на политички така и на економски план, и изрази уверување дека во иднина соработката меѓу двете земји ќе се продлабочува во сите области од заемен интерес.

Претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ во лично име и во име на граѓаните на БиХ упати срдечни честитки и желби за успех во натамошната работа на претседателот Иванов. „Уверен сум дека, како и до сега, ќе продолжите да давате силен поттик за натамошен развој на пријателството и соработката на нашите две земји, како на билатерален, така и на регионален и меѓународен план", пишува во честитката од Претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина.

Добиениот втор мандат на претседателот Иванов го честиташе и поранешниот чешки претседател, г. Вацлав Клаус, во чие писмо стои дека Република Чешка и Република Македонија имаат долга историја на пријателство и соработка, за која важен придонес има и претседателот Иванов.

 
Почеток < Пред 81 82 83 84 85 86 87 88 89 90 Следно > Крај
Страница 87 од 175