Честитка до припадниците на Влашката заедница по повод 23 мај - Националниот ден на Власите
Четврток, 22 Мај 2014   

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 мај - Националниот ден на Власите.

Овој светол празник е потсетување на вековниот стремеж на Власите за зачувување, негување и промовирање на сопствениот јазик, култура и идентитет. Признавањето на Власите како посебен народ во далечната 1905 година беше соочување со фактот на многувековното постоење, присуство и придонес на Власите на овие простори.

Влашката заедница, со својата трудољубивост, богата култура и посветеност кон доброто за заедничката татковина, претставува нераскинлив дел од историјата на постоењето на нашата држава. Од Илинденската епопеја и Крушевската Република, преку Народноослободителната борба и АСНОМ-ска Македонија, па сè до третиот Илинден и до прогласувањето на македонската независност и сувереност.

Почит кон предците, но и обврска кон потомците е да се зачуваат влашкиот јазик, културата и традицијата. Затоа, водена од македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, Република Македонија создава услови за остварување на право на самоидентификација на Власите, како основа на човековите права и правото на човечко достоинство. Единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име.

Сеќавајќи се со особена почит на достигнувањата од минатото, погледите на оваа генерација треба да бидат недвосмислено вперени кон иднината и кон создавање соодветни услови за идните генерации. Заеднички, да продолжиме во создавањето европска и евроатлантска Република Македонија, отворена кон соседите и светот, економски силна и развиена, во која секој ќе има услови за личен и колективен напредок.

Со такво уверување, на сите припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честитам овој светол празник.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад