Соопштенија
kinsela
Средба на претседателот Иванов со спикерот на Сенатот на Канада, г. Ноел Кинсела - потврдени заложбите за унапредување на билатералните односи
Петок, 06 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, оствари средба со спикерот на Сенатот на Канада, Почесниот Ноел Кинсела, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, за соработката на мултилатерален план, како и за стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската унија. Двајцата соговорници изразија задоволство од континуираното интензивирање на политичкиот дијалог и позитивната динамика во развојот на севкупните односи меѓу Република Македонија и Канада. Во тој контекст претседателот Иванов ја поздрави парламентарната соработка, која бележи позитивен и успешен развој и за што голем придонес има Парламентарната група за пријателство со Македонија формирана во канадскиот парламент.

Претседателот Иванов, изрази задоволство од повторната средба со спикерот на Сенатот на Канада за краток временски период, и воедно се заблагодари за конструктивните и пријателски средби со канадските претставници при неодамнешната негова посета на Канада, кои придонесоа за зајакнување на билатерални контакти меѓу двете земји и конкретизирање на соработката во одредени области од заемен интерес.

kinsela1Во однос на македонското членство во НАТО, претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната поддршка од Канада и го запозна соговорникот за актуелностите поврзани со единствената пречка која стои на патот за полноправно членство во Алијансата, како и за очекувањата во наредниот период.

На средбата беа потврдени заложбите за натамошно унапредување на соработката во областа на одбраната, културата, науката и образованието, при што беше истакната потребата од унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави и што поскоро потпишување на конкретни договори. Во тој контекст, македонскиот претседател изрази очекување за унапредување на економската соработка и зголемување на канадските инвестиции, со оглед на инвестицискиот потенцијал со кој располага Република Македонија и мерките и активностите кои ги презема Владата на Република Македонија за подобрување на инвестициската клима во земјата.

Двајцата соговорници ја истакнаа и значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.

Претседателот Иванов и спикерот на Сенатот на Канада, г. Кинсела ја реафирмираа подготвеноста за натамошна блиска соработка во сите полиња од заемен интерес, како на билатерален, така на мултилатерален план.

kinsela2

3
Претседателот Иванов го честита христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица
Вторник, 27 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, од мое име и од името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да го честитам христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.

Ви посакувам празникот кој го слави денот на радосното преселување на Божјата мајка на небото, да го поминете во спокој и хармонија, опкружени од своите најблиски и исполнети со радост.

Нашиот народ со големо возљубение и почит, отсекогаш ја имал Богородица како своја заштитница, молитвеница и закрилница на сите христијани. Овој голем ден е уште една прилика да ги потврдиме во себе начелата кои го водат нашиот живот и примерите на добро на кои нè упати Пресвета Богородица. Да живееме сакајќи ги нашите најблиски и градејќи почит кон своите родители, и разбирање и љубов кон своите деца.

Нека е честит празникот и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

borce_1
Средба со проф. д-р Борче Давитковски, претседател на ад-хок комисијата за расветлување на настаните пред и на 24 декември
Вторник, 27 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими проф. д-р Борче Давитковски, претседател на ад-хок комисијата за расветлување на настаните пред и на 24 декември, 2012 година.

Претседателот Иванов како иницијатор на комисијата, го поздрави потпишувањето на извештајот и изрази очекување дека препораките од извештајот на комисијата ќе бидат доследно спроведени.

Врз основа на информациите добиени од претседателот на ад-хок комисијата, претседателот Иванов изрази жалење за изгубеното време и начинот на кој се постигна договор околу конечниот извештај. Од друга страна, претседателот Иванов го поздрави државничкото однесување, покажаната зрелост, разумност и направените отстапки, со цел да се заштитат државните интереси и интересите на граѓаните, кои секој пат знаат да препознаат кој работи во нивни интерес.

Македонскиот претседател повикува на национален консензус во однос на стратешките цели и приоритети на Република Македонија. Во таа насока, претседателот Иванов апелира еднаш засекогаш да се престане со деструктивни политики, политиките на ултиматуми и уцени и поставување на тесно-партиските интереси и интересите на поединци, над интересите на државата и граѓаните.

Никој во Република Македонија нема право и не смее за каков било интерес да ги држи во заложништво напредокот и развојот на државата.

klaus1
Средба со д-р Вацлав Клаус, Поранешен претседател на Чешката Република
Недела, 18 Август 2013
cestitkaarm
Честитка по повод 18 Август - Денот на АРМ
Сабота, 17 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија, упати честитки до началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески и до сите припадници на Армијата на Република Македонија.


Почитуван началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија,

Како ваш врховен командант, ми претставува особена чест да ви го честитам 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија. Ден кога пред 21 година беше создадена нашата Армија да го брани територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина Република Македонија.

Како важен столб на нашата независност, Армијата ја отсликува реалната структура на македонското општество и ја чува нашата безбедност и безбедноста на нашите најблиски. Со својата реформска посветеност, професионализам во извршувањето на одговорните задачи и постигнатите резултати во мировните мисии, Армијата на Република Македонија е ценет и посакуван партнер на Алијансата во одбраната на споделените вредности – мирот, безбедноста и демократијата.

На крајот, им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите унапредени и новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија. Ви честитам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност и лојалност кон татковината.

Нека е вечен Денот на Армијата на Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

italijanec
Проштална средба со амбасадорот на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е. г. Фабио Кристијани
Петок, 16 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е. г. Фабио Кристијани.

На средбата, претседателот Иванов изрази благодарност за придонесот на амбасадорот Кристијани во развојот на билатералните односи и интензивирањето на соработката помеѓу двете земји и искажа очекување дека традиционално блиските и пријателски односи со Италијанската Република ќе продолжат и во иднина, со проширување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Македонскиот претседател изрази надеж дека Република Македонија и во наредниот период ќе може да смета на поддршката од Италијанската Република во однос на евроатланските интеграции, додавајќи дека Република Македонија треба да добие можност и самата да придонесе кон позитивниот тренд на Балканот, со тоа што ќе и биде доделен датум за почеток на преговори со Европската унија.

На средбата, двајцата соговорници го реафирмираа интересот за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и соработката на мултилатерален план.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорот Кристијани му посака успех во натамошната работа, и воедно упати поздрави до претседателот на Италијанската Република, г. Џорџо Наполитано, со очекување за скора средба.

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 97 од 175