Соопштенија
Vujanovic
Средба со претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ
Сабота, 10 Август 2013
ramazan
Претседателот Иванов го честита големиот муслимански празник Рамазан-бајрам
Среда, 07 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник – Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,

Дозволете ми во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани припадници на исламската вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам еден од најсветите исламски празници Рамазан-бајрам, и завршувањето на рамазанските пости.

Долгата традиција на празнување на исламските празници во Република Македонија отсекогаш била повод за меѓусебна почит и заедничка прослава на нашите граѓани, но и доказ дека во нашето општество се негуваат и почитуваат високи хуманистички традиции на кои можеме да бидеме горди. Лично бев почестен од поканите што ги примив за присуство на неколку срдечни, заеднички одбележувања на овој светол период. Заемното почитување и уважување на празниците на различните верски заедници во Република Македонија се стожерна вредност на меѓусебниот соживот во нашето општество, во што придонес има и Исламската верска зедница.

Испраќајќи Ви најискрени честитки, ја изразувам својата увереност дека како и досега, така и во иднина, во духот на меѓусебното разбирање и толеранција, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за проспертитена иднина, напредок и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, и изградба на модерна и силна Република Македонија.

Уште еднаш, Ви го честитам големиот празник и Ви посакувам многу здравје, среќа, радост и духовен мир. Овие празнични денови нека ги зацврстат мостовите на пријателство и блискост, како кон Вашите најблиски, така и кон Вашите соседи, пријатели и сограѓани, а духовниот мир нека Ви донесе успех во сите полиња и дејности на Вашите животи.

Со почит,

Д-р Ѓорге Иванов

Penderecki1
Претседателот Иванов го прими полскиот композитор и диригент Кшиштоф Пендерецки
Четврток, 01 Август 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими маестро Кшиштоф Пендерецки, полски композитор и диригент.

Претседателот Иванов му посака добредојде на полскиот диригент и успешен настап на авторскиот концерт, кој маестро Пендерецки треба да го одржи во рамки на полската вечер на 53-то издание на Охридско лето на 03 август во сабота во предворјето на Црквата „Света Софија" во Охрид.

Македонскиот претседател го поздрави учеството на полскиот композитор на една од нашите најзначајни културни манифестации и изрази очекување дека неговиот настап ќе даде посебен белег на ова издание на Охридско лето. Претседателот Иванов, потенцирајќи дека фестивалот Охридско лето повеќе од половина век ја слави креативната духовна уметност преку музиката и театарот, изрази задоволство што македонската публика ќе има можност да проследи настап на светски значаен уметник. Настап што истовремено е од особено значење и за афирмација на Република Македонија на светската културна мапа, дотолку што концертот на маестро Пендерцеки во Охрид се одржува во годината кога низ целиот свет се реализираат концерти токму по повод јубилејните 80 години од неговото раѓање.

Маестро Пендерецки се заблагодари за гостопримството и изрази задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател, кој традиционално е покровител на фестивалот Охридско лето. Полскиот композитор и диригент ја поздрави поддршката која претседателот Иванов во континуитет ја дава на културните манифестации и изјави дека се чувствува особено среќен и почестен што ќе настапи пред македонската публика во Охрид.

Penderecki2

NATOkanc
Посета на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија
Вторник, 30 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.

За време на посетата, претседателот Иванов се сретна со полковник Александар Александров, началник на Канцеларијата за врски на НАТО. Македонскиот претседател беше информиран за активностите и работата на канцеларијата за врски.

Претседателот Иванов и полковникот Александров разговараа за нивото на соработка меѓу Република Македонија и НАТО, при што беше оценето дека односите се на исклучително високо ниво. Особено е истакнат придонесот што Република Македонија го дава во рамки на мировните мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан.

За време на средбата, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија останува посветена на аспирациите за членство во НАТО, за што веќе се исполнети сите објективни критериуми. Македонскиот претседател порача дека Република Македонија ќе продолжи да го дава својот придонес за стабилноста на регионот и пошироко, преку учество во меѓународните мирновни мисии.

napolitano1
Писмо со сочувство до Претседателот на Италијанската Република, Н.Е. г. Џорџо Наполитано
Понеделник, 29 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо со сочувство до Претседателот на Италијанската Република, Н.Е. г. Џорџо Наполитано, по повод трагичната автобуска несреќа што синоќа се случи во јужниот дел на Италија.


Почитуван господине Претседателе,

Со големо жалење и тага ја примив веста за трагичната автобуска несреќа која се случи синоќа во јужниот дел на Италија, и длабоко жалам за загубените животи и за бројните повредени во оваа голема трагедија.

Во овие тажни мигови за Вас и Вашата земја, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое име, да Ви упатам изрази на најдлабоко сочувство.

Ве молам, господине Претседателе, на семејствата на настраданите да им пренесете длабоко сочувство за нивната загуба, а на повредените да им пренесете желби за брзо закрепнување.

Со изрази на длабока почит,


д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 98 од 175