Соопштенија
kina
Писмо по повод 20–годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина
Сабота, 12 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 20–годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, упати писмо до претседателот на Народна Република Кина, Н.Е Си Џинпинг.

Почитуван господине Претседател,

По повод 20–годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две држави, дозволете ми, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да изразам особено задоволство од достигнатото високо ниво на пријателство и соработка која успеавме да ја оствариме во изминатиот период.

Бевме сведоци на континуирано јакнење на традиционалното пријателство меѓу нашите држави и народи, како и на исклучително успешна и плодна соработка што несомнено отвора перспектива за натамошен развој на односите меѓу Народна Република Кина и Република Македонија. Сакам да знаете дека високо го цениме континуираниот конструктивен политички дијалог и целосно сме подготвени да продолжиме заедно да работиме за натамошно продлабочување на меѓусебната доверба, јакнење на пријателските чувства меѓу двете земји и народи, како и за збогатување на соработката со нови форми и содржини.

Имајќи го предвид докажаното пријателство на Народна Република Кина кон мојата земја, како и трајно определениот интерес на Република Македонија на односите со Вашата земја да посветува највисок приоритет, убеден сум дека со заеднички ангажман ќе продолжиме да даваме значаен придонес во таа насока. Ќе се согласите тоа претставува голема обврска за нас, обврска да го продолжиме патот на генерациите кои инвестирале во таквото пријателство меѓу двете земји.

Почитуван господине Претседател, на крајот, сакам уште еднаш да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија и јас лично високо ја цениме и секогаш ќе бидеме благодарни за принципиелната и континуирана поддршка и помош од Народна Република Кина.

Со такво уверување, Ве молам да ги примите изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

prmcestitka
Честитка од претседателот Иванов по повод 11 Октомври - Денот на народното востание
Четврток, 10 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Нека е честит 11 Октомври, Денот на народното востание. И годинава после 72 години од воведот во организираната народно-ослободителна борба со почит и особена гордост се сеќаваме на сите синови и ќерки на Македонија, на сите чеда на нашата татковина, кои учествуваа во големата борба за слободна Македонија. Во 1941 македонскиот народ активно се вклучи во големата антифашистичка коалиција составена од слободољубиви народи и држави. Коалиција која успеа да ја порази оската на злото. Со победата над фашизмот нашата млада Република доби можност рамноправно да застане меѓу слободните нации на Европа и светот.

Почитувани сограѓани

Пред Република Македонија се уште стојат искушенија и предизвици. На нас останува да го продолжиме својот пат, според нашето најдобро знаење и сила. Нека светлината на денешниот ден и понатаму биде водилка во остварувањето на целта. Заедно ги совладавме искушенијата во минатото, заедно ќе се справиме со предизвиците на сегашноста и иднината.

Сакам да ја искористам оваа прилика уште еднаш да ви го честитам Денот на народното востание со најискрени желби за добро здравје, благосостојба и пријатно празнично расположение.

д-р Ѓорге Иванов

ministri3
Претседателот Иванов оствари средба со министрите за надворешни работи на Р. Литванија и Романија
Понеделник, 07 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими министерот за надворешни работи на Република Литванија, г. Линас Линкевичиус и министерот за надворешни работи на Романија, г. Титус Корлацеан.

На средбата беа разменети мислења за европската перспектива на Република Македонија, за актуелните состојби во земјава и регионот, и беше потврден интересот за натамошно унапредување на билатералните односи и соработката на Република Македонија со Република Литванија и Романија. Претседателот Иванов изрази задоволство од честите средби и нивото на политичкиот дијалог со двете земји и ја поздрави успешната соработката на двете министерства со министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Во контекст на евроинтеграциите, претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка од Република Литванија и Романија и изрази очекување дека Република Македонија ќе добие позитивен извештај од Европската комисија и повторување на препораката за почеток на пристапни преговори за членство во Европската унија.

ministri1„Статус кво состојбата не е опција, и не носи ништо добро, напротив ги забавува сите тие процеси и ги продлабочува јазовите. Очекуваме во декември конечно да се деблокира интеграцијата на Република Македонија, бараме позитивниот пример на паралелно движње во интеграциите и надминувањето на билатералните разлики да биде применлив и за нас и очекуваме поддршка од сите пријатели во Европската унија" рече на средбата претседателот Иванов.

На средбата, македонскиот претседател ги запозна соговорниците со најновите случувања во процесот на разговорите за надминување на прашањето за името, истакнувајќи дека Република Македонија останува посветена и конструктивна со цел изнаоѓање на компромисно решение.

Министрите за надворешни работи на Република Литванија и Романија ги поздравија напорите кои Република Македонија ги вложува во реформскиот процес и исполнување на стандардите за членство во Европската унија и се согласија дека земјава заслужува да добие датум за почеток на преговори. Во таа насока, министерот Линкевичиус и министерот Корлацеан за заложија за натамошна поддршка од Литванија и Романија со цел надминување на предизвиците и заокружување на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија.

ministri2

bler1
Средба со поранешниот британски премиер Тони Блер
Среда, 02 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г-дин Тони Блер, поранешен премиер на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од посетата на г-динот Блер, истакнувајќи го значањето што Република Македонија во континуитет го придава на развојот на односите и соработката со Обединетото Кралство.

Двајцата соговорници изразија задоволство од нивото на билатералните односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.

На средбата стана збор за европските и евроатланските перспективи на земјите од регионот. Во тој контекст, претседателот Иванов ги потврди заложбите на Република Македонија и посветеноста на реформските процеси, со цел исполнување на стратешките приоритети - членство во Европската унија и НАТО. Заемен заклучок на средбата беше дека европската идеја и интегративниот процес се незаменлив механизам за реформските процеси и достигнување на европските вредности и критериуми кај земјите аспиранти, но истовремено и механизам за надминување на билатералните разлики. Од тој аспект, поранешниот премиер Блер истакна дека за време на својот мандат, но и сега, силно ги подржувал интегративните процеси на земјите од Западен Балкан во ЕУ и во НАТО и смета дека ЕУ нема да биде комплетен проект без интеграцијата на западниот Балкан во неа.

bler2

italy
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Италијанската Република, на Арапската Република Египет, на Кралството Шведска и на Државата Катар
Петок, 27 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Италијанската Република, на Арапската Република Египет, на Кралството Шведска и на Државата Катар, во Република Македонија.

На свечените церемонии на предавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успешно извршување на амбасадорската должност и ја потврди заложбата за продлабочување и унапредување на соработката во сите области од заеднички интерес.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е г. Ернесто Масимино Белели, македонскиот претседател се заблагодари за досегашната поддршка од Италијанската Република за интегрирањето на Република Македонија во европските и евроатлантските структури и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

„Очекувам ваквата поддршка да продолжи и во наредниот клучен период во пресрет на декемврискиот состанок на Европскиот совет. Република Македонија е охрабрена од позитивните чекори на земјите од Западен Балкан. На тој план, очекуваме Македонија да ужива еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно во услови на блокада, очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај" рече во обраќањето претседателот Иванов, додавајќи дека Република Македонија во октомври очекува петта последователна препорака за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Амбасадорот Белели истакна дека Италијанската Република како претседавач со Европската унија наредната година, ќе се заложи за евроинтеграциите на Република Македонија.

„Можам да ви потврдам дека ќе продолжиме да се залагаме и да ја даваме нашата поддршка за оваа цел да се достигне во разумно време. Всушност Балканот е дел од Европа и интегрираноста на Македонија во европските институции претставува додадена вредност за нејзиниот раст и стабилност", истакна во поздравниот говор амбасадорот Белели.

Двајцата соговорници се согласија дека на економски план, односите меѓу двете држави се солидни, но дека постојат конкретни услови и потенцијали за нивно подобрување.

egyptНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Арапската Република Египет, Н.Е г-ѓа Манал Џеина Ел Шинави, претседателот Иванов и посака многу успех во извршувањето на нејзината функција, изразувајќи очекување за дополнителен импулс во соработката меѓу двете земји.

„Ве уверувам дека Република Македонија ќе продолжи со поддршката за мирољубиво надминување на предизвиците со кои се соочувате и убедени сме дека Египет ќе го поврати своето место, улога и углед во меѓународната заедница како толерантна, слободна и отворена земја, фактор на стабилноста и просперитетот во вашиот регион", рече претседателот Иванов во поздравниот говор.

Новоименуваниот египетски амбасадор порача дека за време на својот мандат ќе работи со македонските институции за постигнување на највисок степен на взаемна корист во односите меѓу двете држави.

„Ве уверувам, Ваша Екселенцијо, дека со Вашето мудро водство, лична поддршка и доверба, ќе направам се во рамките на моите можности и тоа во различни области и на разни нивоа во двете земји, со цел зајакнување на нашите билатерални односи и унапредување на соработката која бележи постојано зајакнување во различни сфери", рече новоименуваниот египетски амбасадор Ел Шинави во говор.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска, Н.Е. г. Матс Стафансон, претседателот Иванов изрази задоволството од успешниот развој на македонско - шведските односи и на соработката во разни области. Истовремено, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната поддршка на Кралството Шведска за европската интеграција на Република Македонија, изразувајќи уверување дека ќе продолжи и во иднина.

„Во услови на блокада, очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај. Со таквиот потег Европската унија ќе го потврди кредибилитетот на процесот на проширувањето и ќе даде директен придонес за севкупниот амбиент во нашиот регион. Република Македонија е земја-кандидат од 2005 година, во октомври очекуваме нова, петта, последователна препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори. Сметам дека е крајно време да и се овозможи следната фаза – почеток на преговорите", рече претседателот Иванов во своето поздравно обраќање.

swedenАмбасадорот Стафансон порача дека ќе даде се од себе во текот на неговиот мандат за натамошен развој на односите меѓу двете земји во сите полиња.

„Мојата влада смета дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ, со цел да еден ден – кога сите услови ќе бидат исполнети – стане рамноправна членка. Ова е долг и тежок пат, но проширувањето на ЕУ е клучното решение за реформите, модернизација и стабилноста во Југоисточна Европа", рече шведскиот амбасадор Стафансон на церемонијата на предавање на акредитивните писма.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Државата Катар, Н.Е. г. Хасан Бин Абдула Заид Ал-Махмуд, претседателот Иванов упати честитки за именувањето на прв амбасадор на Државата Катар во Република Македонија, што претставува придобивка од одличниот политички дијалог и изрази задоволство од развојот на билатералните односи и зголемената динамика во комуникацијата меѓу двете земји на високо и највисоко ниво.

„Уверен сум дека ни претстои период кога одличните политички односи и зачестените контакти ќе придонесат за искористување на можностите и ќе резултираат со конкретни проекти, со зголемена соработка во сферата на економијата, технологијата, културата, науката и образованието. На тој план сакам да ја искажам нашата целосна подготвеност" истакна претседателот Иванов во поздравното обраќање.

Новоименуваниот амбасадор на Државата Катар изрази надеж дека билатералните односи меѓу двете земји ќе бележат натамошен позитивен развој и посака напредок и просперитет на Република Македонија и нејзиниот народ.

qatar

PRMportret
Претседателот Иванов упати честитка по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Петок, 27 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на Бошњаците ја упати следната честитка до припадниците на Бошњачката етничка заедница во Република Македонија.


Почитувани сограѓани,

Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, просперитет и благосостојба.

Република Македонија, како свој врвен приоритет го има поставено негувањето и почитувањето на различностите и претставува пример за највисоки стандарди во заштитата на културниот, етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите нејзини граѓани. Без присуството на граѓаните од бошњачка националност нашата земја ќе беше посиромашна за една специфична традиција и светоглед, која значајно ја збогатува нејзината мултикултурност.

Бошњачката заедница заедно со другите заедници искрено и неуморно го дава својот придонес во сите сфери на општествениот и културниот живот во нашата земја, придонесувајќи во градењето на демократска и економски развиена Република Македонија.

Ве уверувам дека и во иднина сите државни институции, но и секој поединец ќе остане посветен на натамошна промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани.

Нека ви е честит големиот празник.


д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 95 од 175