Соопштенија
Писмо со сочувство до Неговото Кралско Височество Хуан Карлос I, Крал на Кралството Шпанија
Петок, 26 Јули 2013

Претседателот на Република Mакедонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до Неговото Кралско Височество Хуан Карлос I, Крал на Кралството Шпанија, по повод железничката несреќа во Сантјаго де Компостела.

Ваше Кралско Височество,

Веста за големите човечки загуби во железничката несреќа во Сантјаго де Компостела ја примив со огромна тага. Дозволете ми, во овој тажен миг, да Ви пренесам дека болката за загубените животи ја споделувам со Вас и пријателскиот шпански народ.

Дозволете ми, Ваше Височество, во овие моменти на национална тага, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство.

Ве молам, Ваше Кралско Височество, изразите на сочувство да ги пренесете до роднините и блиските на трагично загинатите и повредените од оваа ужасна трагедија.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до нејзиното кралско Височество Елизабета II, Кралица на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска
Среда, 24 Јули 2013

Претседателот на Република Mакедонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до Нејзиното кралско Височество Елизабета II, Кралица на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, по повод приновата во кралското семејство.

Ваше кралско Височество,

Ми претставува голема чест и особено задоволство, по повод раѓањето на првото дете на Војводата и Војвотката од Кембриџ, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и најтопли желби за среќа и просперитет. Ве молам, пренесете ги моите срдечни честитки до Војводата и Војвотката од Кембриџ.

Уверен дека новороденчето е вистински благослов за кралското семејство и за Вашата голема нација, убеден сум дека Вашиот правнук ќе ја обезбеди иднината на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, и дека ќе продолжи по стапките на мудрото и посветено владеење.

Воедно, ја користам оваа свечена пригода за да го поздравам постојаниот подем во развојот на традиционално добрите односи и соработката меѓу нашите две пријателски држави.

Со такво уверување, Ваше кралско Височество, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

davitkovski
Средба на претседателот Иванов со г. Борче Давитковски
Вторник, 23 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Борче Давитковски, претседател на ад-хок комисијата за расветлување на настаните кои се случија и кои претходеа на 24 декември 2012 година.

На средбата, претседателот Иванов беше информиран за досегашните активности и резултати од работата на Комисијата, како и за разликите во ставовите за одредени прашања меѓу членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Претседателот Иванов беше информиран за оставката на г. Борче Давитковски, од должноста претседател на ад-хок комисијата.

Македонскиот претседател констатирајќи ја новонастанатата состојба ја поздрави досегашната работа на Комисијата, која и двете страни ја оценија како добра основа за успешен исход со што би се реализирале обврските од договорот од 1-ви март.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Комисијата покрај новонастанатата состојба ќе изнајде начин успешно да ја доврши преземената обврска.

Членството во ЕУ и НАТО остануваат стратешки цели на Република Македонија - проштална средба со финскиот амбасадор Н.Е. Јуха Отман
Среда, 17 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Финска, Н.Е. Јуха Отман. На средбата е изразена целосна подготвеност за јакнење и унапредување на пријателството со Република Финска. Во таа насока, претседателот Иванов искажа интерес за зајакнување на контактите на сите нивоа.

Македонскиот претседателот го реафирмираше интересот за интензивирање на економската соработка и соработката во сите останати сфери. На средбата претседателот Иванов порача дека членството во Европската унија и НАТО остануваат стратешки цели на Република Македонија.

Претседателот Иванов и амбасадорот Отман разменија мислења и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа. Македонскиот претседател се заблагодари за целокупниот ангажман на амбасадорот Отман во насока на зајакнување на односите меѓу двете земји и му посака натамошен успех на личен и професионален план.

Потребно е јакнење на трговската размена и иницирање на јапонски инвестиции во РМ - проштална средба со јапонскиот амбасадор, Н.Е. Шигео Иватани
Среда, 17 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими Амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Шигео Иватани.

На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи и унапредувањето на соработката меѓу двете земји. Македонскиот претседател укажа на потребата од јакнење на контактите на државно и владино ниво, кои, според него, ќе дадат силен импулс во посакуваната насока. „Постојат голем број неискористени потенцијали за јакнење на соработката во сите области, особено во сферата на економијата. Фокусот на нашето внимание треба да го насочиме кон искористувањето на ваквите потенцијали и можности“, рече претседателот Иванов на средбата.

Македонскиот претседател се заблагодари за досегашната техничка-економска соработка и за бројните донации и реализирани проекти преку програмите на Јапонската агенција за меѓународна соработка. Претседателот Иванов посочи на потребата од јакнење на трговската размена и иницирање на јапонските инвестиции во Република Македонија.

Македонскиот претседател се заблагодари за придонесот на амбасадорот Иватани во унапредувањето на односите и соработката меѓу двете земји и му посака натамошни лични и професионални успеси.

Честитка до францускиот претседател г.Франсоа Оланд, по повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република
Недела, 14 Јули 2013

Почитуван господине Оланд,

По повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое име, Ви упатувам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и благосостојба на пријателскиот народ на Франција.

По 14 јули 1789 година, Франција, Европа и светот веќе не беа исти. Идеалите зацртани во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот – слободата, правото на сопственост, безбедноста, правото на борба против угнетувањето, станаа инспирација за луѓето и народите ширум светот. Овие вредности станаа дел од политичко-правниот поредок на многу земји низ светот, вклучително и на Република Македонија.

Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена пригода, да изразам задоволство од досегашниот развој на односите кои се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Сеќавајќи се на визионерските зборови на големиот Французин и Европеец, Жан Моне - „да се гради Европа значи да се гради мир“ - сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика да искажам благодарност за поддршката која Вашата земја ѝ ја дава на Република Македонија во таа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 99 од 175