Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Евелин Н. Фаркас, заменик-помошник на секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави.
Претседателот Иванов ја поздрави соработката во областа на одбраната меѓу двете земји и изрази задоволство од севкупната поддршка која Армијата на Република Македонија ја добива од страна на Соединетите Американски Држави, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка, преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Воедно, на средбата беа разменети мислења околу можностите за натамошно продлабочување на соработката во одбраната, при што беше поздравена иницијативата за трилатерално партнерство меѓу армиите на Република Македонија, Вермонт и Сенегал.
„Република Македонија е благодарна за пријателството, помошта и поддршката која ја добива од САД од првите денови на независноста до денес, особено за напорите и поддршката во реализација на нашите стратешките цели. Во Република Македонија секогаш можете да гледате како на искрен пријател и партнер", рече претседателот Иванов.
На средбата со г-ѓа Фаркас, која воедно е главен советник на командантот на НАТО за Европа и специјален советник на секретарот за одбрана за самитите на НАТО, претседателот Иванов го потенцираше очекувањето дека во пресрет на следниот НАТО Самит поддршката од САД ќе продолжи, со цел Република Македонија да го заземе заслуженото место во Алијансата.
Двајцата соговорници изразија задоволство од нивото на политичките односи меѓу двете земји, и се согласија дека воената соработка и соработката меѓу безбедносните служби, се исклучително значаен сегмент во севкупната соработка и партнерство.
Заменик-помошникот на секретарот за одбрана изрази благодарност за досегашниот ангажман на АРМ во меѓународните мировни мисии. „САД како и досега ќе продолжи да биде поддржуваш на стратешката определба на земјата за целосна интеграција во евроатланските структури", истакна Фаркас.