Соопштенија
baronesa1
Средба со баронесата Д’Соуза, претседател на Горниот дом на Британскиот парламент
Четврток, 26 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими баронесата Франсис Д'Соуза, претседател на Горниот дом на Британскиот парламент.

На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од посетата на баронесата Д'Соуза, истакнувајќи дека Република Македонија во континуитет придава особено значење на развојот на односите и соработката со Обединетото Кралство.

Двајцата соговорници разменија мислења околу билатералните односи меѓу двете земји, економската соработка, како и за состојбите и перспективите на земјите од регионот за членство во Европската унија и НАТО.

Во тој контекст, претседателот Иванов нагласи дека единствена движечка сила во регионот која упатува на соработка и взаемна поддршка и со која се истиснуваат анимозитетите и предрасудите од минатото, е идејата за Европа. Во таа смисла претседателот Иванов изрази очекување земјите членки на ЕУ, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, да бидат адвокати на македонските аспирации за членство во евро-атланските структури, да помогнат и да ги забрзаат тие процеси.

orav
Претседателот Иванов на шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав, му го предаде меморандумот за членството на Македонија во ЕУ
Четврток, 19 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, г. Аиво Орав.

На средбата, претседателот Иванов на шефот на Делегацијата на Европската унија, официјално му го предаде потпишаниот меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.

Двајцата соговорници го поздравија потпишувањето на меморандумот, што подразбира исполнување на уште една од обврските од мартовскиот политички договор, и изразија задоволство од потврдениот меѓупартиски консензус во однос на стратешките цели на Република Македонија, евроинтеграциските перспективи и европската ориентација на земјава. „Нема прашање во државата за кое може да се постигне толку широк политички консензус и толкава поддршка, освен за европската идеја, што треба да претставува јасен сигнал за Европската унија", истакна претседателот Иванов.

На средбата беа разменети мислења и информации во врска со претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Македонија ќе добие уште еден позитивен извештај.

„И покрај политичките предизвици со кои се соочивме, постигнуваме добри резултати во сите области кои беа посочени во пролетниот Извештај, континуирано сме посветени на реформските процеси во клучните области, на промоцијата на добрососедските односи со сите наши соседи, на регионалната соработка и конструктивно учествуваме во напорите за надминување на прашањето за името", истакна во разговорот со амбасадорот Орав претседателот Иванов. Воедно, македонскиот претседател изрази очекување дека Европскиот совет конечно ќе и го овозможи следниот чекор во интеграцијата на Република Македонија, и ќе и додели датум за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

„Крајно време е Република Македонија да ја продолжи интеграцијата, крајно време е на Република Македонија да и се овозможи паралелно движење. Статус-кво состојбата никому не носи ништо добро. Нема поголем и посилен импулс за реформите и надминување на слабостите, од почеток на преговорите", порача на средбата претседателот Иванов.

orav1

vermont1
Средба со генерал-мајор Стивен Креј, командант на Националната гарда на Сојузната држава на САД, Вермонт
Четврток, 12 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими генерал-мајор Стивен Креј, командант на Националната гарда на Сојузната држава на Соединетите Американски Држави, Вермонт.

На средбата, беа разменети мислења и информации околу реформскиот процес во одбраната на Република Македонија, како и за достигнувањата на Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт од заедничкото учество во меѓународните мировни мисии во Ирак и во Авганистан.

Претседателот Иванов ја истакна важноста од заедничкиот придонес кон зачувување на мирот и слободата во светот, а особено во регионите кои подолго време се борат да ја надминат дестабилизацијата. Македонскиот претседател го поздрави стратешкото партнерство на Армијата на Република Македонија со Националната гарда на Вермонт и изрази надеж дека успешната соработка со оваа сојузна држава во делот на одбраната ќе претставува поттик за проширување на соработката и во останатите области од заемен интерес. Воедно, претседателот Иванов посочи дека меѓусебната соработка во изминатиов период даде придонес и во достигнување на НАТО стандардите во повеќе области, што е од стратешко значење за Република Македонија.

Генералот Креј изрази задоволство од заеднички реализираните проекти, вежби и обуки со Армијата на Република Македонија и изрази надеж дека партнерството ќе продолжи и понатаму. Во тој контекст, генералот Креј го поздрави големиот ангажман на македонската армија во мировните операции, додавајќи дека Соединетите Американски Држави високо го ценат континуираниот македонски придонес, како одраз на вистинско и длабоко пријателство меѓу двете земји.

Соговорниците оценија дека Република Македонија заслужува што поскоро да стане членка на НАТО Алијансата, што ќе претставува дополнителен придонес кон напредокот и развојот на Балканот.

vermont2

obamasocustvo
Писмо до претседателот на САД, Барак Обама, по повод годишнината од терористичките напади од 11 септември 2001
Среда, 11 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод годишнината од терористичките напади од 11 септември 2001 година, упати писмо со жалење до претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама.

Почитуван Претседател,

Сеќавајќи се на тажната годишнина од терористичките напади од 11 септември 2001 година, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија, и во свое лично име да изразам длабоко жалење за големите човечки загуби и најдлабоко сочувство до целиот американски народ и семејствата на настраданите.

Tој грозоморен напад, како и впрочем сите кукавички акти на тероризмот чија цел е сеење страв и чувство на несигурност и чии жртви се недолжни луѓе, нема да не поколеба во истрајноста кон зачувување на споделените човечки и цивилизациски вредности и придобивки. Бидејќи никој и никаде не е безбеден, за тероризмот нема место во нашиот свет. Затоа, со сите сили и капацитети треба заедно со глобален одговор и соработка да му застанеме на патот на ова зло.

Сеќавајќи се на жртвите и на секое семејство што живее во тага, сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија ќе продолжат да бидат ваш партнер и ќе ги поддржува американските напори за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот.

Со такво уверување господине Претседателе, Ве молам примете ги изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

nimic
Средба со амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на ОН за прашањето за името
Вторник, 10 Септември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името.

На средбата, претседателот Иванов ја реафирмираше македонската државна позиција и посветеностa за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за разликата околу името. Беше разгледана актуелната состојба на процесот кој се води под покровителство на ОН и беа разменети информации и мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник Нимиц, како и со исходот од неговата посета на Атина.

Македонскиот претседател потенцираше дека како и досега, Република Македонија и натаму активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение.

Претседателот Иванов изрази очекување, грчката страна, во духот на добрососедството, да покаже добра волја со цел создавање на позитивна атмосфера, за придвижување на процесот и надминување на разликата околу името.

Подготвени сме за средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот, рече претседателот Иванов.

Република Македонија инсистира на целосно почитување на рамката во која се води процесот, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во таа насока, македонскиот претседател очекува поддршка од медијаторот Нимиц, со цел доследност кон меѓународно преземените обврски и прифатената рамка, што е од пресудно значење за процесот.

komorovskiorden
Претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски, одликуван со Орден „ 8 Септември“
Сабота, 07 Септември 2013

Во пресрет на официјалната посета на претседателот на Република Полска на Република Македонија, Бронислав Коморовски на 10 и 11 септември 2013 година, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов донесе указ со кој претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски се одликува со Орден „ 8 Септември".

Орденот „8 Септември" му се доделува на претседателот на Република Полска за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива рамноправна соработка меѓу Република Македонија и Република Полска, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија.

Оваа година се одбележува дваесет годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Полска. Двете земји во изминатиот период изградија односи на искрено пријателство, кое се карактеризира со меѓусебно разбирање и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план. Двете земји остваруваат плодна соработка во повеќе сфери од заемен интерес.

Орденот „8 Септември" се доделува како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Република Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 96 од 175