Соопштенија
polska
Претседателот Иванов упати честитка по повод Денот на независноста на Република Полска
Понеделник, 11 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на независноста на Република Полска, упати честитка до Претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски.

Во името на граѓаните на Република Македонија и во мое име, со особено задоволство, Ви го честитам Денот на независноста на Република Полска и Ви упатувам најискрени желби за натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.
Изразувајќи задоволство од досегашниот успешен развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Полска, убеден сум дека со наш заеднички ангажман, во духот на пријателството и меѓусебното разбирање, можеме да дадеме дополнителен поттик за натамошно унапредување на односите и интензивирање на соработката во разни сфери од заемен интерес.

И во оваа пригода сакам уште еднаш да изразам благодарност за поддршката од Република Полска, во реализацијата на стратешките цели на мојата земја за зачленувањето во Европската Унија и во НАТО. Република Македонија и нејзините граѓани високо ја ценат таквата принципиелна поддршка.
Примете ги почитуван господин Претседател, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

rama
Претседателот Иванов оствари средба со претседателот на Владата на Р. Албанија, Еди Рама
Среда, 06 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Владата на Република Албанија, г. Еди Рама.

На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, при што заедничка констатација е дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран и плоден политички дијалог, и дека во иднина двете земји треба да се фокусираат на можностите за унапредување и продлабочување на економската соработка.

„Политичките односи меѓу нашите земји достигнаа ниво кое ни овозможува целосно да се фокусираме на она што е најзначајно за благосостојбата на нашите граѓани, тоа е економијата, инвестициите, инфраструктурното и енергетското поврзување, прекуграничната соработка, туризмот итн. Тоа се областите во кои треба да ја насочиме целокупната наша енергија", истакна на средбата претседателот Иванов, притоа посочувајќи ја потребата од што побрзо завршувањето на Јадранско-јонската магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8.

Претседателот Иванов ја поздрави соработката меѓу двете влади и изрази надеж за нејзино интензивирање, а со цел конкретизирање на проектите од заеднички интерес.

Во однос на заедничката стратешка цел - членството во Европската унија, на средбата беше потврдена заемната поддршка со цел побрза интеграција на двете земји во ЕУ. Во однос на НАТО, претседателот на албанската Влада, г. Рама ја реафирмираше заложбата на Република Албанија за полноправно членство на Република Македонија во Алијансата. Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

Двајцата соговорници изразија подготвеност за унапредување на добрососедските односи и јакнење на регионалната соработка.

rama1

slovacka
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Словачката Република и на Кралството Мароко
Четврток, 31 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Словачката Република и на Кралството Мароко во Република Македонија.

На церемонијата по повод предавањето на акредитивните писма од страна на амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Мартин Безак, претседателот Иванов, упати честитки за именувањето на прв резидентен aмбасадор на Словачката Република во Република Македонија, и му посака успех во извршувањето на одговорната функција.

На средбата беше истакнато дека Република Македонија и Словачката Република имаат традиционално добри и пријателски односи и беше изразено очекување за унапредување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и динамизирање на севкупните односи, особено на економски план.

„Сакам да се заблагодарам за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за поддршката на евроатлантските аспирации на Република Македонија. Огромниот економски и севкупен општествен прогрес што го забележа Словачката Република, но и останатите земји од Централна Европа во последните две децении, ќе продолжи да биде инспирација за Република Македонија, од аспект на изградбата на просперитетна држава, така и од аспект на нејзиното целосно вклучување во евроатлантските интегративни процеси", истакна во обраќањето претседателот Иванов.

„Ве уверам дека во периодот на вршењето на мојата дипломатска функција во Вашата земја ќе направам се, со цел пријателските односи и коректната соработка меѓу Словачката Република и Република Македонија да се продлабочи и да се унапреди во сите области од заеднички интерес за доброто на граѓаните на двете земји", рече амбасадорот Безак во поздравното обраќање.

На средбата со новиот амбасадор на Кралството Мароко, Н.Е. г-ѓа Латифа Акарбах, претседателот Иванов упати честитки за именувањето на должноста и изрази очекување за продолжување на успешниот политички дијалог и интерес за посодржинско развивање и унапредување на меѓусебните односи.

„Ценам дека постои потенцијал во нашите две земји за унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, а особено за зголемување на економската соработка и на трговската размена. Затоа е потребно понатамошно зајакнување на правната рамка и се надевам дека сите договори кои се веќе усогласени ќе се потпишат во најскоро време", порача во поздравното обраќање претседателот Иванов.

Новиот амбасадор на Кралството Мароко, г-ѓа Акарбах, потенцирајќи дека е почестена што е именувана за амбасадор во земја со богато културно и историско наследство, истакна дека ќе се залага за унапредување на билатералните односи и остварување на соработка во сите полиња од заеднички интерес.

„Кралството Мароко верува во европската перспектива на Македонија и цени дека вашата земја ќе даде значајна додадена вредност во Европската Унија. Како што Мароко има напреден статус во односите со Унијата, вашето интегрирање со сигурност ќе отвори нови хоризонти во нашите билатерални односи", истакна во поздравното обраќање новоименуваниот амбасадор на Кралството Мароко.

maroko

cestitka23
Честитка од претседателот Иванов по повод 23 Oктомври - Ден на македонската револуционерна борба
Вторник, 22 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври - Ден на македонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

На денешен ден пред 120 години шестмина македонски визионери под мотото „Смрт или слобода за Македонија" со страст и решителност започнаа да ја шират идејата за создавање на сопствена, самостојна и независна држава. Овие идеали прераснаа во водилка на македонските граѓани, круна на револуционерното движење за споделување на една заедничка идеја за сплотеност, непоколебливост и аманет за идните генерации.

Сплотени во победите и поразите, со стремеж и надеж за создавање на слободна и самостојна македонска држава ја славиме храброста и подвизите на македонските револуционери, кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал за наша една и единствена Македонија.

Наша должност и завет е достојно да ги продолжиме идеалите на следбениците на македонската револуционерна борба, кои преку Крушевската Република и државотворниот АСНОМ создадоа демократска, правна, силна и модерна Република Македонија.

Почитувани,

Визијата на шестмината дејци кои на денешен ден ја создадоа првата семакедонска организација ја славиме како државен празник на независна, суверена, демократска и европска Македонија. Горди на минатото, решително и заеднички чекориме кон иднината подготвени за нови предизвици. Наша обврска и должност е да се поклониме на генерациите пред нас и да го продолжиме патот кој води кон силна и напредна Република Македонија.

Македонскиот народ е еден и единствен без разлика на вера, етничка или политичка припадност. 23 Октомври е ден кој обединува многу генерации, татковци, синови и ќерки, сите со иста историска мисија за среќна и сплотена европска Македонија.

Нека ни е вечен Денот на Македонската револуционерна борба!

д-р Ѓорге Иванов

orav
Амбасадорот Аиво Орав го предаде извештајот за напредок на Република Македонија за 2013 година
Среда, 16 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

На средбата, амбасадорот Орав на претседателот Иванов му го врачи Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2013 година, подготвен од Европската комисија и информираше за клучните оценки во истиот.

Претседателот Иванов, изразувајќи задоволство од потврдената препорака за подготвеноста на Република Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ, истакна дека Извештајот на Европската комисија и оваа година, дава реална слика на сработеното и на постигнувањата на земјата.

Амбасадорот Орав изрази надеж дека реформскиот процес во земјава ќе продолжи и дека Република Македонија што поскоро ќе ги отпочне преговорите за членство во Европската унија.

Претседателот Иванов рече дека посветеноста кон реформските процеси останува високо на агендата на Македонија и изрази надеж дека на следниот Европски совет, членките на ЕУ ќе покажат лидерство и решителност.

„Крајно време е Република Македонија да ја продолжи интеграцијата, крајно време е на Република Македонија да и се овозможи паралелно движење. Статус-кво состојбата никому не носи ништо добро. Нема поголем и посилен импулс за реформите и надминување на слабостите, од почеток на преговорите", заклучи на средбата претседателот Иванов.

orav1

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам
Понеделник, 14 Октомври 2013

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи.


Почитуван Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верисповед во Република Македонија да им упатам срдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам.

Најискрено посакувам Курбан Бајрам да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија. И годинешново празнување нека биде во духот на помагањето и солидарноста, споделувањето и грижата. И овој Курбан Бајрам да им подадеме рака и да бидеме дарежливи кон помалку имотните и на сите на кои им е потребна поддршка.

Уверен сум дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, како нераскинлив дел од македонското општество, и понатаму ќе бидат активни чинители во градењето на соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.

Да продолжиме заедно да работиме на добросостојбата на сите наши граѓани и да продолжиме да создаваме услови за просперитетна и развиена Република Македонија.


Нека Ви е честит Курбан Бајрам.


д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 94 од 175