Соопштенија
israel
Проштална средба со амбасадорот на Државата Израел, Н.Е. Јозеф Амрани
Вторник, 10 Декември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Државата Израел, Н.Е. Јозеф Амрани.

На средбата, претседателот Иванов изрази благодарноста за досегашниот ангажман на амбасадорот во унапредувањето на односите меѓу двете земји и му посака успех во натамошната кариера.

Двајцата соговорници изразија задоволство од постигнатиот висок степен на политичките односи и позитивниот тренд во соработката. Заедничка констатација беше дека во иднина двете земји треба да се фокусираат на унапредување на економската соработка.

„Сметам дека приоритет во односите меѓу двете земји во претстојниот период треба да биде натамошно унапредување на економската соработка, соработката во сферата на земјоделието, јакнење на трговската размена и зголемување на израелски инвестиции во Македонија", истакна претседателот Иванов на средбата, изразувајќи задоволство од постојаното јакнење и проширувањето на правната рамка меѓу Република Македонија и Државата Израел.

Во разговорите, претседателот Иванов ја поздрави и улогата на еврејската заедница во Република Македонија и изрази уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на добрите односи меѓу двете земји.

Воедно, на средбата беше изразено задоволство од одличната соработка меѓу Република Македонија и Државата Израел на мултилатерален план, и подготвеност за натамошно посеопфатно продлабочување на пријателските односи.

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод празникот Св. Климент Охридски
Недела, 08 Декември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, на сите верници од православна вероисповед, Вам лично и на целото свештенство и монаштво, по повод големиот празник Свети Климент Охридски, да Ви упатам срдечни честитки и најискрени желби за благосостојба и за мирен духовен живот.

Овој голем светител е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Свети Климент Охридски е основоположник на Охридската книжевна школа, а како творец на кирилското писмо ги постави темелите на христијанството и на македонската писменост. Денешниот празник нè потсетува дека треба да продолжиме да ги негуваме неговата благородна мисија и традицијата на промовирање на православието кое се темели на љубовта, мирот, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста.

Одбележувајќи го Денот на свети Климент Охридски ги славиме писмото и пишаниот збор кои се од големо значење за македонскиот народ и за македонската држава, бидејќи со Климентовата просветителска мисија се продолжи делото на светите браќа Кирил и Методиј.

Убеден дека Македонската православна црква како досега, така и во иднина ќе продолжи да го негува делото на големиот просветител, до Вас, Ваше Блаженство, до Светиот архијерејски синод и до сите православни верници, Ви упатувам срдечни честитки.

д-р Ѓорге Иванов

NelsonMandela
Писмо со сочувство по повод смртта на г. Нелсон Мандела, поранешен претседател на Јужноафриканската Република
Петок, 06 Декември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Јужноафриканската Република, г. Нелсон Мандела, испрати писмо со сочувство до претседателот на Јужноафриканската Република, г. Џејкоб Зума.

Почитуван господине Претседателе,

Со голема жалост ја примив веста за смртта на големиот борец за човекови права, борец против злото на апертхејдот, поранешниот претседател Нелсон Мандела. Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за граѓаните на Јужноафриканската Република, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам изрази на искрено и длабоко сочувство.

Во период на неслобода и неправда, тој беше инспирација не само за неговите сограѓани, туку и за многу слободољубиви поединци во целиот свет. Храбро, гласно и истрајно спротивставувајќи се на дискриминацијата и нетолеранцијата во својата земја, тој се стекна со голем углед и почит кај многу слободољубиви народи низ сите меридијани.

Во трајно сеќавање ни остануваат неговите зборови: „Да се биде слободен не значи само да се отфрлат синџирите, туку и да се живее со почитување и унапредување на слободата на другите". Бидете уверени дека Република Македонија и македонските граѓани целосно се препознаваат во ова сфаќање на слободата.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Јужноафриканската Република и до семејството Мандела.


д-р Ѓорге Иванов

inavalidi
Прием на претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември
Понеделник, 02 Декември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември, денеска прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.

На средбата присуствуваа претставници на Сојузот на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – „Мобилност Македонија", Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – „Порака", Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија и на Националниот сојуз на инвалидите на трудот на Република Македонија.

Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија го запознаа претседателот Иванов со тековните активности по повод одбележувањето на 3 декември, со постигнатите резултати во однос на имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, како и со положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија и предизвиците со кои се соочуваат.

Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите на инвалидските организации и истакна дека и натаму ќе се залага во насока на понатамошно подобрување на правата на лицата со инвалидност, како преку подобрувањето на законската легислатива, така и преку нејзиното доследно имплементирање.

„Државата и општеството во целина мора да водат грижа за сите граѓани. Грижата за лицата со инвалидност мора да биде континуирана, како од фактички, така и од правен аспект. Апелирам, унапредувањето на животот на лицата со инвалидност да се води не само преку институциите на системот на општествено ниво, туку и преку општините, преку локалните институции, и најважно од се, преку семејството. Општеството и институциите во целина мора да изнајдат механизми за да ја зајакнат природната улога на семејството, бидејќи ова се и системски, но и индивидуални проблеми, и поддршката мора да дојде прилагодена на индивидуалното прашање", подвлече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател им порача на претставниците од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија дека без разлика на состојбите, треба и понатаму бескомпромисно да се залагаат за афирмирање на нивните потреби и права, изразувајќи поддршка за брзо решавање на приоритетните барања на инвалидските организации.

По повод 65 годишнината од активното делување на Сојузот на глуви и наглуви на Македонија, претседателот на Сојузот го информираше претседателот Иванов со постигнатите резултати од реализираните активности на нивното здружение.

invalidi1

srbija2
Новоименуваните амбасадори на Р. Србија, Јапонија и Р. Казахстан ги предадоа акредитивните писма
Петок, 29 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Србија, Н.Е г-ѓа Душанка Дивјак-Томиќ, на новоименуваниот амбасадор на Јапонија, Н.Е г. Макото Такетоши и на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Н.Е г. Нурбах Рустемов.

На тројцата новоименувани амбасадори, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во извршувањето на дипломатската мисија, и изрази очекување за конструктивна соработка и нивни придонес во унапредување на севкупните билатерални односи.

На свечената церемонија на предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Србија, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на македонско-српските односи и заемната посветеност на негувањето и градењето на добрососедството.

„Уверен сум дека воспоставената правна рамка, Спогодбата за соработка во процесот на евроинтеграциите меѓу нашите земји е одлична основа за соработка, размена на искуства и меѓусебна поддршка. Ние сакаме да бидеме партнери и пријатели во интегративните процеси со Република Србија", истакна во поздравното обраќање македонскиот претседател.

Н.Е Дивјак-Томиќ, изрази подготвеност за целосен придонес во натамошно унапредување на традиционално пријателски односи во сите домени, и доследно спроведување на политиката на добрососедство.

„Главна претпоставка за остварување на поставените цели, за кои е потребен голем труд е искрен политички дијалог, заснован на полно меѓусебно почитување на територијалниот интегритет и основните принципи на меѓународното право", рече во обраќањето при предавање на акредитивните писма, амбасадорката Душанка Дивјак-Томиќ.

japonija1На средбата со новоименуваниот амбасадор на Јапонија, Н.Е Макото Такетоши, претседателот Иванов изрази очекување за натамошно унапредување на билатералните односи меѓу двете земји со внесување нови форми и содржини, пред се на економски план.

„Помошта што Јапонија ја даде по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, како и постојаната финансиско-техничка помош што Јапонија и ја доделува на Република Македонија по нејзиното осамостојување, само го продлабочија цврсто втемеленото пријателство, кое постојано треба да се негува", рече во поздравниот говор претседателот Иванов.

Јапонскиот амбасадор Такетоши истакна дека Јапонија високо го вреднува реформскиот напредок постигнат во Република Македонија од независноста, и се надева на продлабочување на билатералните односи и соработка во пресрет на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.

„Јапонија придава значење на стабилноста и просперитетот во регионот на Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија, и настојува да продолжи да помага во напорите на вашата земја во однос на демократските реформи и економски развој", истакна во обраќањето амбасадорот Такетоши.

kazahstanНа предавањето на акредитивните писма од страна на амбасадорот на Република Казахстан, Н.Е г. Нурбах Рустемов, претседателот Иванов изрази задоволство од воспоставениот политички дијалог на највисоко ниво и очекување за посодржинска соработка во иднина и финализирање на правната рамка меѓу двете држави.

„Целосно сме подготвени за соработка и очекувам во идната економска соработка како стратешки сфери да преовладуваат енергетиката, земјоделието, градежништвото и туризмот, како и инвестициска активност, во двата правци", рече Претседателот во поздравниот говор.

Амбасадорот Рустемов потенцираше дека официјалната посета на Претседателот на Астана минатата година, претставувала важен импулс за динамизирање на билатералната и мултилатерална соработка и изрази подготвеност за унапредување на соработката меѓу двете земји на економски план.

„Приоритет за обете страни е зајакнување на деловните контакти и изработка на заеднички проекти. Во многу области на соработката постои голем потенцијал, пред се, за зголемување на трговската размена, како и проширување на соработката во делот на инвестициите", истакна во обраќањето амбасадорот Рустемов.

PRM
Честитка по повод еврејскиот празник Ханука
Среда, 27 Ноември 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод еврејскиот празник Ханука упати честитка до припадниците на Еврејската заедница.


Почитувани граѓани,

Ми претставува чест и задоволство на сите припадници на Еврејската заедница во нашата земја да Ви упатам искрени честитки по повод големиот еврејски празник на светлината - Ханука.

Празникот Ханука ја слави слободата, победата врз тиранијата, но пред сè слободниот човечки дух. Палењето на свеќите го симболизира непрекинатото горење на маслото во Храмот на победата на Макабејците. Победата значи и празнување на триумфот над насилството и над угнетувањето. Гледајќи наназад низ историјата не можам, а да не споменам низ колку многу страдања и искушенија поминале припадниците на Еврејската заедница, но секогаш успевале да ја најдат светлината на денот. Поривот за победа, потрагата за подобар живот и многуте саможртви ги направи Евреите симбол за непокорност, борба, самосвест и за правичност.

Токму затоа денеска обединети го продолжуваме патот за севкупен развој и за придобивки, создавајќи подобар стандард за живеење и за унапредување на меѓусебните односи со заедничко почитување, славејќи ги традицијата и заедничките принципи за еднаквост и за слобода.

Со традиционалниот поздрав ХАГ ХАНУКА САМЕАХ, Ви го честитам празникот на светлината и победата, и Ви посакувам пријатни празнични денови.


д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 91 92 93 94 95 96 97 98 99 100 Следно > Крај
Страница 92 од 175