Претседателот Иванов упати писмо со сочувство до претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин по повод терористичките напади во Волгоград
Понеделник, 30 Декември 2013   

putinПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Волгоград, упати писмо со сочувство до претседателот на Руската Федерација, Н.Е. г. Владимир Путин.

Почитуван господине Претседателе,

Со длабока тага и чувство на огорченост ја примив веста за терористичките напади во Волгоград, Руската Федарација, и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички акт.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на настраданите и повредените, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Сакам да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со Вас и со пријателскиот руски народ.

Господине Претседателе, овој грозоморен чин, како и впрочем сите кукавички акти на тероризмот, чија цел е сеење страв и чувство на несигурност, чии жртви се недолжни луѓе, нема да не поколеба во истрајноста на зачувување на споделените човечки и цивилизациски вредности и придобивки. Напротив, овој глобален предизвик бара и глобален одговор, соработка и взаемна поддршка.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад