Соопштенија
Akreditivi_Kanada
Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Канада, на Р. Намибија и на Р. Екваторијална Гвинеја
Четврток, 22 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Канада, на Република Намибија и на Република Екваторијална Гвинеја за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Канада, Н.Е. г. Филип Пинингтон, претседателот Иванов, истакна дека Република Македонија ќе продолжи да придава големо значење на натамошното унапредување на севкупните односи, со фокус на интензивирањето на економската соработка, трговијата и инвестициите, како и на унапредување на правната рамка. Македонскиот претседател изрази благодарност за континуираната и безрезервна поддршка што Канада ѝ ја дава на Република Македонија, во процесот на нејзиното евроатлантско интегрирање.

„Во претстојниот период се надеваме на уште позасилена поддршка и лобирање од влијателна Канада во рамките на Алијансата, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Македонија во Алијансата", порача во поздравниот говор претседателот Иванов, и додаде дека Република Македонија континуирано ја докажува својата посветеност за вредностите што ги споделуваат членките на НАТО, во насока на заштита на регионалниот и на светскиот мир и безбедноста, вклучително и преку учеството на македонските војници во меѓународните мировни мисии.

Akreditivi_NamibijaСредбата по повод предавањето на акредитивните писма од страна на амбасадорот на Република Намибија, Н.Е. г. Симон Мадјумо Марута, беше искористена за реафирмирање на заедничката желба за развивање на соработката меѓу двете земји, како на билатерален така и на мултилатерален план.

„Посебно би сакал да ја истакнам нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, како и нашиот интерес за испитување на можностите и воспоставување на економска соработка", истакна претседателот Иванов.

На средбата по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Екваторијална Гвинеја, Н.Е. г-ѓа Сесилиа Обоно Ндонг, претседателот Иванов го нагласи интересот за поинтензивно развивање на пријателските односи меѓу двете земји, во сите сфери од заеднички интерес.

Akreditivi_Gvineja„Ја користам оваа пригода, да ја нагласам нашата подготвеност за содржинско унапредување на меѓусебната соработка, подеднакво на билатерален и на мултилатерален план. Верувам дека и Вие со Вашиот ангажман, ќе дадете свој придонес во оваа насока. Бидете уверени дека во вршењето на Вашите дипломатски должности ќе ги уживате нашата целосна поддршка и помош", рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов, на новоименуваните амбасадори, им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

tacii
Средба со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Косово, г. Хашим Тачи
Четврток, 22 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Косово, г. Хашим Тачи.

На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, како и за состојбите во регионот, и евроинтеграциските процеси на двете земји.

Двајцата соговорници изразија задоволство од нивото на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Косово, и од заемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на добрососедски односи низ отворен и конструктивен дијалог.

Претседателот Иванов и министерот Тачи ги реафирмираа заедничките стратешки цели за мир и стабилност во регионот, и членство во европските и евроатлантските структури.

Македонскиот претседател нагласи дека фокусот во наредниот период треба да биде на соработка во сферата на економијата како исклучително значаен сегмент во нашите односи, преку заедничка посветеност за подобрување на инфраструктурата .

Министерот Тачи ја истакна подготвеноста за градење и унапредување на добрососедските односи, и интензивирање на соработката меѓу Република Македонија и Република Косово во сите области од заемен интерес.

kodeli
Средба со г-ѓа Мими Кодели, министер за одбрана на Република Албанија
Четврток, 22 Јануари 2015
PRMportret2
Претседателот Иванов ги потпиша указите за прогласување на законите од областа на образованието
Среда, 21 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов врз основа на сите извршени анализи и консултации во изминатиот период, како и од констатациите произлезени од бројните средби со најдобрите студенти од сите универзитети во Република Македонија што редовно се одржуваа изминатите шест години, денеска ги потпиша указите за прогласување на законите од областа на образованието, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 14 јануари 2015 година.

Заедничка констатација од сите овие средби беше дека Република Македонија има неспорна потреба од успешна трансформација на високото образование, дека на нашата земја ѝ се потребни студенти и професори препознатливи и конкурентни на глобалниот пазар на знаење.

Претседателот Иванов доби цврсто уверување од предлагачот на законите дека во наредниот период ќе биде организирана сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од сферата на високото образование со релевантните субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти за високо образование. Од сите овие активности и инклузивен дијалог ќе произлезе целосно нов закон за високо образование.

Македонскиот претседател исто така доби ветување од предлагачот на законите дека обврските на академската заедница, предвидени со овие законски измени, ќе кореспондираат со зголемено вложување на државата во научноистражувачката дејност, со што ќе се овозможат неопходните предуслови за исполнување на тие обврски. Претседателот Иванов смета дека само на овој начин Република Македонија ќе може да се приближи кон современите меѓународни научни достигнувања.

kurc_1
Средба со федералниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Себастијан Курц
Среда, 21 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими федералниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, г. Себастијан Курц.

На средбата беа разменети мислења и информации за натамошното продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и Република Австрија, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија.

Двајцата соговорници констатираа одлични билатерални односи меѓу двете земји, со континуиран политички дијалог и динамична соработка во повеќе области од заеднички интерес. Во тој контекст посебно беше потенцирана добрата соработка во сферата на економијата и инвестициите, а претседателот Иванов ја реафирмираше нашата подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во оваа сфера.

Македонскиот претседател се заблагодари на отворената и континуирана поддршка од страна на Република Австрија за европските аспирации на Република Македонија, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина, со цел деблокада на македонските интегративни процеси.

Претседателот Иванов нагласи дека отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ како најважна цел за Република Македонија, ќе придонесат за засилување на реформските процеси и за поуспешно соочување со предизвиците. Заемен заклучок беше дека европската интеграција на земјите од Западен Балкан е клучен предуслов за трајна стабилност и просперитет на регионот.

Министер Курц, истакна дека стратешки интерес на Република Австрија е целосна интеграција на регионот во евроатланските структури, и дека ќе продолжат со нивната активна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ.

На интерес на соговорникот претседателот Иванов истакна дека Република Македонија изгради и негува модел на соживот и почитување на различностите кој претставува исклучително позитивен пример не само во нашиот регион туку и многу пошироко.
kurc_2

meta
Средба со г. Илир Мета, претседател на Собранието на Република Албанија
Вторник, 20 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Илир Мета, претседател на Собранието на Република Албанија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Иванов и претседателот на албанското собрание Мета разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, констатирајќи дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран и плоден политички дијалог, а се осврнаа и на потребата од продлабочување на економската соработка.

Двајцата соговорници констатираа дека Република Македонија и Република Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на евроатлантските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот. Претседателот Иванов и претседателот на албанското собрание Мета се согласија дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

На средбата беа разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна беше изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО.

Македонскиот претседател и претседателот на албанското собрание ја истакнаа потребата од понатамошно унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, особено во областа на трговијата, туризмот и инфраструктурата, констатирајќи дека е од заеднички интерес. На средбата беше истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти кои вклучуваат патна, железничка и енергетска инфраструктура, во рамките на Коридорот 8.

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 71 од 175