Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Си Џинпинг, претседател на Народна Република Кина, по повод одбележувањето на Националниот празник на Народна Република Кина.
Почитуван господине Претседател,
Ми претставува особена чест и големо задоволство, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви го честитам Националниот празник на Народна Република Кина, со најискрени желби за Вашата земја да продолжи да се развива на патот кон просперитетот, стабилноста, мирот и благосостојбата, и да продолжи, како досега, да дава драгоцен придонес кон севкупниот мир и напредок на светот.
Дозволете ми по повод оваа свечена пригода, да ги изразам нашата искрена подготвеност и посветеност да продолжиме да ги негуваме искреното пријателство и одличните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, што ги краси заемна доверба и разбирање.
Почитуван господине Претседателе, сакам уште еднаш да ги искажам личната благодарност и благодарноста на граѓаните на Република Македонија за принципиелната и континуираната поддршка и помош од Народна Република Кина. Во таа насока сакам да ја пренесам цврстата определба за односите меѓу нашите пријателски земји и во иднина да бележат позитивен развој и зголемена динамика во градењето на пријателството и партнерството.
Со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов