Соопштенија
PRMportret
Честитка, по повод Денот на наставата на турски јазик - 21 декември
Сабота, 20 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик - 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми до сите припадници на турската заедница во Република Македонија, да упатам искрени честитки по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик.

Јазикот ја претставува душата на една нација. Во него е содржан кодот на идентитетот на еден народ. Можностa за образување, творење и напредување на својот мајчин јазик, е вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам во државава. Република Македонија е сплет на различни култури и религии, кои меѓукултурно нè поврзуваат и нè обединуваат. Почитувајќи ги традицијата и посветеноста за негување и унапредување на меѓусебните односи во земјава, го одбележуваме празникот на турската заедница како ден кој сплотува и ги зацврстува меѓусебните односи.

Во оваа пригода, не можеме а да не ја споменеме и цврстата соработка со Република Турција, која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање. Како долгогодишни пријатели и стратешки партнери, имаме постојан дијалог и интензивна соработка во реализацијата на проекти од различни области.

Во пресрет на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик, сакам да порачам, и во иднина заеднички да продолжиме да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на културниот, образовниот, економскиот и општествен развој на Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка по повод еврејскиот празник Ханука
Понеделник, 15 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод еврејски празник Ханука, упати честитка до г-ѓа Берта Романо Николиќ, Претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, како и до сите припадници на еврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Романо Николиќ,

Со особено задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија како и од свое име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија Ви упатувам искрени честитки по повод големиот еврејски празник на светлината - Ханука.

Секој народ има своја историја и свои херои, победи и загуби, но она што нè сплотува е човечноста и хуманоста, желбата да се помогне и да се биде дел од заедништвото. Палењето на свеќите на Ханука ја слави победата над темнината, симболиката на победата на доброто над злото е и денешна водилка во совладувањето на предизвиците. Овој празник нè потсетува дека треба да ги негуваме семејните и традиционалните вредности за да создадеме подобра иднина. Уверен сум дека Еврејската заедница, која е почитувана и ценета во Република Македонија, ќе продолжи да дава значаен придонес кон нашата заедничка иднина.

Честитајќи го празникот кој ги слави слободата и светлината, на сите припадници на Еврејската заедница во земјава им посакувам мир и благосостојба со желба празникот да го поминат во семејно опкружување со веселба и смеа.

Хаг Ханука Самеах


д-р Ѓорге Иванов

akreditivi_cg_-_1
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Црна Гора
Петок, 12 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Црна Гора во Република Македонија, Н.Е. г. Предраг Митровиќ.

На средбата, претседателот Иванов, изрази задоволство од искреното пријателство што ги карактеризира односите меѓу Република Македонија и Црна Гора, кои претставуваат позитивен пример во регионот, како и од континуираниот отворен дијалог и плодната соработка во сите области од заеднички интерес.

„Членството во НАТО и ЕУ и регионалната соработка со цел стабилност и просперитет на нашиот регион, се сфери во кои бележиме плодна соработка", истакна претседателот Иванов во своето обраќање, и изрази очекување за натамошно интензивирање и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.

Црногорскиот амбасадор г.Митровиќ, истакна дека односите меѓу Црна Гора и Република Македонија се блиски, традиционално добри, без отворени прашања, и додаде дека ќе се заложи за продолжување и зајакнување на политичките и економските релации.

„Нашите две земји имаат не само иста географска област, но, и исти надворешно политички цели кои се однесуваат на зајакнувањето на регионалната соработка и европските и евроатлантските интеграции", порача амбасадорот г. Митровиќ.

Претседателот Иванов, му честита за функцијата на новоименуваниот амбасадор, и му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.
akreditivi_cg_-2

vietnam_4
Писмо од Заменик претседателот на С.Р. Виетнам Н.Е. г-ѓа Нгујен Ти Зоан
Среда, 10 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, доби писмо од Заменик претседателот на Социјалистичка Република Виетнам Н.Е. Нгујен Ти Зоан по повод нејзината официјална посетата на Република Македонија.


Jaс и делегацијата на Социjалистичка Република Виетнам го напуштивме убавиот главен град Скопје, и успешно ја завршивме официјалната посета на Република Македонија со топли чувства и незаборавни сеќавања за државата и граѓаните на Македонија. Би сакала да изразам искрена благодарност до Вас г. Претседател, и до Македонските лидери и граѓаните за гостопримството, топлото добредојде и внимателниот пречек.

Верувам дека оптимистичките резултати од мојата посета, особено потпишувањето на Договорот за економска соработка и Договорот за визно ослободување за носителите на дипломатските или службени /официјални пасоши ќе помогнат за натамошно зајакнување и подобрување на традиционалното пријателство и соработка меѓу нашите две држави.

Се вратив во Виетнам со топлото добредојде и незаборавните сеќавања за убавата држава, како и за гостопримливоста на граѓаните на Македонија и светлата перспектива на билатералните односи меѓу двете држави.

Јас користам ова можност да и посакам:

Просперитет и развој на Република Македонија!

Постојано консолидација и раст на традиционалното пријателство и соработка меѓу Виетнам и Македонија!

Добро здравје и голем успех на Вас г. Претседател и на македонските лидери!

Нгујен Ти Зоан,
Заменик претседател на Социјалистичка Република Виетнам

Tusk
Честитка до г. Доналд Туск, претседател на Европскиот совет, по повод стапувањето на функцијата
Петок, 05 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Доналд Туск, претседател на Европскиот совет, по повод стапувањето на функцијата.

Почитуван господине Туск,

По повод Вашиот избор на функцијата Претседател на Европскиот Совет, дозволете ми од свое лично име и од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и желби за успех во извршувањето на одговорната должност. Сакам да Ве уверам дека во вршењето на Вашата исклучително значајна функција, секогаш можете да сметате на мојата и од Република Македонија цврста и принципиелна поддршка.

Господине Претседател на Европскиот Совет, дозволете ми да ја искористам оваа прилика да Ве запознам со актуелната состојба на интеграцискиот процес на Република Македонија и воедно да замолам за Вашиот ангажман. Во изминатиов период Република Македонија искрено и посветено ги исполнуваше преземените обврски и постигна виден напредок. Како што веќе знаете Република Македонија е земја кандидат од 2005 година, a од 2009 година континуирано добива позитивни препораки од Европската комисија за одредување на датум за почеток на преговори за членство во Европската унија. Овие препораки, за жал, не се валоризираат во Европскиот Совет поради блокирањето на Грција. Како што бевме блокирани на крајот од нашиот пат кон членство на НАТО, така сега сме блокирани на средина на нашиот пат кон членство во Европската унија, и тоа од една земја-членка која ги доведува во прашање колективните интереси и темелни принципи на организациите кон кои сакаме да се приклучиме. Еден од тие темелни принципи е почитувањето на меѓународните договори и меѓународното право.

На 5 декември 2011 година, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Република Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземени обврски. Судот истакна дека очекува Грција да не го повтори нелегалното однесување од Букурешт. После три години ние сè уште чекаме да се испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресудата е констатација на нелегално однесување, но и очекување и повик да се стави крај на кршењето на меѓународното право. А почитувањето на меѓународното право важи и за државата што нè блокира, но и за сите држави-членки на меѓународните организации во кои и натаму сме блокирани.

Во 2008 година нашиот процес на интеграција во НАТО беше блокиран од другата страна со оправдување дека блокадата ќе биде фактор за мотивација за решавање на билатералниот спор со Република Грција.

Во 2009 година, истото се случи и со процесот за интеграција во Европската унија. Сепак, после шест години, очигледно е дека овој пристап не го отвори патот за решавање на билатералниот спор. Веќе е проверено дека ваквата политичка рецепта не создаде услови за постигнување на взаемно прифатливо решение. Напротив, овој пристап фрли сенка на кредибилноста на процесот на проширување на НАТО и на Европската унија. Како резултат на овој пристап, Република Грција наместо да бара решение на спорот со Република Македонија, прифати дека блокадата на Република Македонија е најдобро решение само по себе. Досегашното искуство недвосмислено зборува дека без промена на пристапот, невозможно е да се дојде до решение.

Затоа, во пресрет на Европскиот Совет сакам да побарам поддршка за деблокадата на нашата држава, бидејќи поради предолгата status quo состојба Република Македонија се соочува со сериозни предизвици кои создаваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Дополнително на тоа, се создава негативна слика за кредибилноста на политиката на проширување на Европската унија.

Сето ова е резултат на двојните стандарди и недоволното внимание и посветеност на Унијата кон Република Македонија и нејзините напори и постигнати резултати.

Почитуван Претседателе Туск, во изминатиот период, во нашиот регион на Југоисточна Европа имаше два позитивни примери на паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика. За жал, позитивните искуства од паралелното движење во интеграциите меѓу Словенија и Хрватска и дијалогот меѓу Белград и Приштина што дадоа резултати не се применуваат во случајот со Република Македонија и Грција. Бевме сведоци дека во двата случаи функционерите на Унијата и лидерите на земјите-членки беа активно ангажирани. Убеден сум дека ако Баронесата Ештон посветеше на Република Македонија барем една третина од нејзиното време што го посвети на дијалогот Приштина-Белград, до сега ќе имавме видлив напредок во надминувањето на разликата. За жал, во нашиот случај, од 2009, па до сега, освен напорите на Комесарот Штефан Фуле, не видовме сериозен ангажман.

Сакам да побарам од Вас, како пријател на двете држави, прашањето за деблокада на status quo состојбата во која се наоѓа Република Македонија да го отворите пред Европскиот совет. Клучно прашање што верувам дека треба да се постави до Премиерот Самарас е: што ќе изгуби Грција доколку Република Македонија добие датум за почеток на преговорите? Зарем не е во интерес на Грција на својата северна граница да има европски сосед со повисоки европски стандарди, критериуми и вредности, кои би важеле не само за македонските граѓани, туку и за грчките туристи и стопанственици кои доаѓаат во Република Македонија? Ве уверувам дека Република Македонија сака најдобри можни односи со нашиот јужен сосед. Нашите две општества немаат никакви проблеми. Република Македонија и Република Грција се политички и стратегиски поврзани.

Со само еден гест, како што е деблокадата на Република Македонија, би се создала поголема доверба и атмосфера во која билатералната разлика ќе биде надмината. Тоа недвосмислено ќе придонесе кон стабилноста, просперитетот и благосостојбата на целиот регион на Југоисточна Европа.

Господине Туск, сакам да знаете и дека поканата од Премиерот на Република Македонија, господинот Никола Груевски до Премиерот на Грција господинот Самарас за директни разговори не беше прифатена.

Ве охрабрувам Вие лично или Високиот претставник за надворешна политика и безбедност г-ѓа Могерини, повеќе да бидете ангажирани за деблокирањето на Република Македонија и да ги мотивирате двата премиери да се сретнат за да се надмине билатералната разлика.

Во такво очекување, со надеж дека ќе наидам на разбирање, Ве молам да ги примите изразите на моето највисоко почитување, како и топлите и искрени поздрави од Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_-_Nishani
Честитка по повод Денот на независноста на Република Албанија
Петок, 28 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до албанскиот претседател г. Бујар Нишани, по повод Денот на независноста на Република Албанија

Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особена чест и задоволство, по повод Денот на независноста на Република Албанија, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на пријателска Република Албанија и нејзините граѓани.
Дозволете ми во оваа свечена пригода да го изразам моето задоволство од пријателските и добрососедски односи кои ги негуваат нашите две земји. Постојаниот позитивен тренд во билатералната соработка, како и заемната посветеност на регионалната соработка, претставува значаен фактор во функција на остварувањето на стратешките определби на нашите две држави и во функција на зајакнувањето на дијалогот и стабилноста во регионот.
Длабоко сум убеден дека и во иднина заедно ќе продолжиме да работиме на негувањето и продлабочувањето на меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес. На тој план ја нагласувам мојата целосна подготвеност.
Дозволете ми, господине Претседател, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 74 од 175