Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати честитки до претседателот на Сојузна Република Германија, Н.Е. г. Јоахим Гаук, по повод Националниот празник на Сојузна Република Германија.
Ваша Екселенцијо,
Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам честитки по повод Националниот празник на Сојузна Република Германија и најискрени желби за напредок и просперитет на Вашата земја и пријателскиот германски народ.
Дозволете ми во оваа свечена пригода да го реафирмирам интересот на Република Македонија за натамошно унапредување на блиските односи со пријателска Германија, како и својата лична подготвеност за соработка со Вас во насока на интензивирање на политичкиот дијалог во периодот што следи.
Почитуван господине Гаук, поддршката од Сојузна Република Германија во процесот на интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО има посебно значење, а соработката со Вашата земја, во сите области од заемен интерес, во континуитет останува еден од нашите главни приоритети. Се надевам дека Сојузна Република Германија ќе ги има предвид нашите аргументи, заложби и постигнувања и дека поддршката во исполнувањето на нашите цели ќе продолжи и во наредниот, исклучително значаен, период. Во овој контекст, сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес со цел достигнување на европските стандарди и критериуми, и ќе продолжи да придонесува во регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа.
Со такво уверување, и со надеж дека ќе можам да ве поздравам во Република Македонија, честитајќи Ви го уште еднаш Денот на германското обединување, Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ги примите изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов