Честитка по повод верскиот празник Курбан-бајрам
Петок, 03 Октомври 2014   

PRMportret2Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан-бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи.

Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани со исламска вероисповед во земјава да Ви го честитам големиот празник Курбан-бајрам.

Прославувањето на овој празник нека Ви донесе мир, радост и благосостојба, но и нека ја пренесе пораката за големината на овој празник, а тоа е споделувањето со ближните и сиромашните. Вредностите како милосрдието и простувањето се симболи на човечноста, почитувањето и толеранцијата, кои можеме заеднички да ги градиме преку дијалог и меѓусебна доверба.

Честитајќи Ви го Курбан-бајрам Ве повикувам заеднички да им подадеме рака на оние на кои тоа им е најпотребно. Овој празник во муслиманското верување значи обединување, споделување и отвореност. Тоа се вредностите кои нè обврзуваат сите заедно без разлика на нашата вероисповед и верување, вредности кои нè спојуваат и нè прават човечни и хумани.

Нека Ви е честит Курбан-бајрам.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад