Соопштенија
PRMportret
Честитки дo претседателот Иванов по повод 8 ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија (дополнување)
Среда, 17 Септември 2014

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија голем број шефови на држави од светот испратија честитки до претседателот Иванов. Ги пренесуваме дополнително добиените пораки.

Претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. Си Џинпинг во својата честитка порачува дека во изминатите неколку години, билатералните односи меѓу Кина и Македонија се развиваа беспрекорно, додавајќи дека кај двете страни и натаму се продлабочува меѓусебната политичка доверба и е постигнат позитивен напредок во соработката на полето на економијата, културата, но исто така и на други полиња. „Високо го ценам развојот на односите меѓу Кина и Македонија и подготвен сум да соработувам со Вас врз основа на начелата на меѓусебно почитување, еднаквост и меѓусебна корист со цел да се зајакне соработката на различни полиња и да се унапреди сеопфатниот и темелен развој на пријателските односи и соработка меѓу Кина и Македонија", пишува во честитката на кинескиот претседател Џинпинг.

Во честитката на францускиот претседател, Н.Е. Франсоа Оланд се наведува: „Благодарение на вашата посветеност, посакувам забележителниот и брз напредок да и овозможи на Македонија да напредува во процесот за европско приближување и за членство во НАТО. За таа цел многу е важно сите политички чинители од вашата земја да можат да дадат предност на најважниот интерес на Македонија и да учествуваат во работата на Собранието за да се усвојат реформите за кои меѓународната заедница смета дека се неопходни. Посакувам да продолжиме со отпочнатиот дијалог, во рамки на процесот од Брдо, но и на билатерален план, во полза на нашите две земји", пишува во честитката на францускиот претседател Оланд.

Претседателот на Република Турција Н.Е. Таип Ердоган честитајќи ја 23 годишнината од независноста на Република Македонија изразува увереност дека блиските односи и соработката помеѓу Турција и Македонија, кои што се потпираат на цврсти историски и заеднички вредности, во взаемна корист се повеќе ќе се развиваат на сите полиња и ќе продолжат да придонесуваат за стабилноста во регионот. „Особено би сакал да потенцирам дека со почит ги следиме и ги поддржуваме напорите на Република Македонија околу отстранувањето на пречките пред себе и со сплотувањето во Европа и Евро-Атлантските институции да се придонесе во зацврстување на културата за соработка во Балканските земји", пишува турскиот претседател Ердоган.

Во честитката која што македонскиот претседател ја прими од грчкиот претседател, Н.Е. Каролос Папуљас се наведува: „Во името на грчкиот народ, ви упатувам честитки по повод националниот ден, со најискрени желби за мир, напредок и просперитет на Вашата држава".


Претседателот на Република Чешка Н.Е. Милош Земан
, во честитката испратена до претседателот Иванов, вели: Ви посакувам Вам лично, и на сите граѓани на Република Македонија, многу успех и просперитет. Јас цврсто верувам дека разбирањето и пријателството помеѓу нашите две земји ќе продолжи да се развива во насока на понатамошно зацврстување на нашата плодна соработка.

Украинскиот претседател Н.Е. Петро Порошенко посакувајќи мир и просперитет за Република Македонија, во честитката порачува: „Сигурен сум дека пријателските односи меѓу Украина и Република Македонија плодно ќе се развиваат во сите сфери на заемната заинтересираност".

Во честитката од претседателот на Република Косово Н.Е. Атифете Јахјага, по повод 23 годишнината од независноста на Република Македонија, стои: Република Косово останува целосно посветена на изградба на просперитетна демократска и мултиетничка држава која овозможува благосостојба на своите граѓани. Косово е промотор на мирот и стабилноста, во регионот и пошироко, и ние сме решени да ги направиме сите неопходни реформи на патот кон Евроатлантските интеграции.

Претседателот Иванов прими честитка и Н.В. Филип, Крал на Белгија со желби за благосостојба и просперитет на граѓаните на Република Македонија.

Претходно, честитки дo претседателот Иванов по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија упатија и претседателот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Барак Обама, претседателот на Сојузна Република Германија Н.Е. Јоахим Гаук, претседателот на Република Унгарија Н.Е. Јанош Адер, претседателот на Словачката Република Н.Е. Андреј Киска, претседателот на Арапската Република Египет Н.Е. Абдел Фатах ал-Сиси, генералниот гувернер на Канада Н.Е. Дејвид Џонстон, Н.В. Кралицата Елизабета II, Н.В. Вилем-Александар, Крал на Кралството Холандија, императорот на Јапонија Н.В. Акихито и Кралот на Мароко, Н.В. Мохамед VI.

dacik_PRM
Средба со првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија Н.Е. г. Ивица Дачиќ
Понеделник, 15 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија Н.Е. г. Ивица Дачиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, како и за состојбите во регионот, регионалната соработка и евроинтеграциските процеси на двете земји. Двајцата соговорници констатираа дека политичките односи се на исклучително високо ниво, а потврда за добрата билатерална комуникација е континуитетот на средби на официјални претставници од двете држави.

Поздравувајќи ја досегашната соработка на владино ниво и одржаната заедничка седница на двете Влади, претседателот Иванов оцени дека ваквата соработка е посебно значајна за севкупните пријателски односи меѓу двете земји. Фокусот на соработката во наредниот период треба да биде на јакнење на економските врски, балансирање на трговската размена, промовирање на заемни инвестиции, подобрување на комуникацијата меѓу бизнис заедниците и ангажман на двете држави во олеснување на ваквите приоритети, со проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура, нагласи претседателот Иванов.

Министерот Дачиќ ја искажа подготвеноста на Република Србија за градење и унапредување на добрососедските односи, во функција на безбедност, стабилност и просперитет на регионот, за соработката во рамките на регионалните иницијативи, и на мултилатерален план. Република Србија и Република Македонија имаат заеднички интерес за соработка во бројни сфери, и целосно се согласувам со она што треба да претставува централен фокус на нашата соработка за наредниот период, истакна министерот Дачиќ.

Македонскиот претседател дополни дека мостови во соработката се и Македонците во Србија и Србите во Македонија, чиј статус претставува пример во регионот, за почитување на јазичните и националните разноликости.

PRMportret
Честитки дo претседателот Иванов по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија
Четврток, 11 Септември 2014

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија голем број шефови на држави од светот испратија честитки до претседателот Иванов. Ги пренесуваме пораките добиени до овој момент.

По повод националниот празник честитка упати претседателот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Барак Обама, во која се наведува дека 23-годишнината од независноста на Македонија е повод за одбележување на прогресот на вашата држава и обновување на посветеноста во споделувањето на заедничките демократски вредности. Американскиот народ ми се придружи во испраќањето најдобри желби до Вас и до граѓаните на Република Македонија, по повод одбележувањето на 8 Септември, денот на вашата независност. Соединетите американски држави ги ценат пријателството и соработката со Македонија и ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија, на нејзиниот пат кон поголема интеграција во евроатлантската заедница, пишува во честитката на американскиот претседател Обама.

Претседателот на Сојузна Република Германија Н.Е. Јоахим Гаук, во својата честитка истакнува дека Германија и натаму останува наш силен поддржувач пријател и партнер. „Вашата земја одлучи да ги прифати предизвиците кои се поврзани со приближувањето кон евроатлантските структури. Патот кон европската интеграција, кој започна со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и беше потврден со препораката на Европската комисија за започнување на пристапни преговори меѓу Европската Унија и Вашата земја, води преку решителен курс на реформи, особено во областите на правната држава и демократскиот плурализам. Вам, на македонската Влада и на граѓаните на Вашата земја Ви посакувам храброст, сила и сигурност за успешно да продолжите по овој пат како мултиетничко општество, се вели во честитката на германскиот претседател Гаук.

Во честитката од претседателот на Унгарија Н.Е. Јанош Адер, се наведува дека одличната соработка меѓу двете земји се унапредува постојано, врз основа на заеднички вредности. Неодамна имавме задоволство да ја прославиме 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Господин Претседателе, Ве уверувам дека Унгарија ќе остане посветена на натамошно унапредување на заемно корисните односи меѓу двете земји, стои во честитката на унгарскиот претседател Јанош, посакувајќи успешно и ефикасно надминување на сите предизвици со кои што се соочува Република Македонија на патот на евроатлантската интеграција.

Претседателот на Словачката Република Н.Е. Андреј Киска, во својата честитка изрази уверување дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Словачката Република ќе продолжат да се развиваат успешно. „Нашите народи не се поврзани само преку традицијата на Кирил и Методиј, но исто така и преку заедничката иднина во европското семејство. Словачка ќе продолжи активно да ги поддржува напорите на Република Македонија за целосна интеграција во Европската Унија и НАТО, се вели во честитката на словачкиот претседател Киска.

Во честитката од генералниот гувернер на Канада Н.Е. Дејвид Џонстон, во името на канадскиот народ и во негово лично име се упатуваат желби за мир, среќа и просперитет. „Задоволство ми е да го констатирам постојаниот напредок во политичките и економските врски меѓу Канада и Македонија, и убеден сум дека овие односи ќе продолжат да се унапредуваат, во времето кога Вашата држава прави значен прогрес во реализацијата на Вашите евро-атлански аспирации. И посакавуам на Македонија постојан успех на ова поле", пишува во честитката на канадскиот генерален гувернер Џонстон.

Претседателот Иванов прими честитки и од Нејзиното Височество, Кралицата Елизабета II, Неговото Височество Вилем-Александар, Крал на Кралството Холандија, императорот на Јапонија Н.В. Акихито, претседателот на Арапската Република Египет Н.Е. Абдел Фатах ал-Сиси, како и од Кралот на Мароко Неговото Височество Мохамед VI со желби за среќа благосостојба и просперитет на граѓаните на Република Македонија.

PRM-PVRH1
Средба со Претседателот на Владата на Република Хрватска Н.Е. г. Зоран Милановиќ
Вторник, 09 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Претседателот на Владата на Република Хрватска Н.Е. г. Зоран Милановиќ, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за натамошно јакнење на билатералните односи меѓу двете земји, за економската и регионалната соработка како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји се пријателски и со доверба, без отворени прашања, со заеднички стратешки цели за мир и стабилност во регионот.

Претседателот Иванов ја реафирмираше нашата подготвеност за унапредување и зголемување на соработка во економијата, трговијата, туризмот, дополнувајќи дека за таа цел особено е значајно подобрувањето на инфраструктурата, со реализација на проектот Јадранско-јонска магистрала. Претседателот Иванов ја потенцираше важноста на „Брдо-Бриони Процесот" кој е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.

Во однос на реализацијата на нашите стратешки цели, претседателот Иванов се заблагодари за отворената поддршка и помош од страна на Република Хрватска за интеграциите на Република Македонија во ЕУ и НАТО, како и за конструктивниот став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат. Во тој контекст македонскиот претседател изрази очекување дека истите ќе продолжат и во иднина, со цел деблокада на македонските евроатлантски интеграции.

Претседателот Иванов ја поздрави и соработката меѓу двете влади и изрази надеж за нејзино интензивирање, со цел конкретизирање на проектите од заеднички интерес.

Премиерот Милановиќ, истакна дека стратешки интерес на Република Хрватска е целосна интеграција на регионот во евроатлантските структури, дополнувајќи дека ќе продолжат со нивната конструктивна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

Претседателот Иванов и премиерот Милановиќ изразија задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Хрватска, кои ги карактеризира силно пријателство и идентични ставови во однос на развојот на регионалната и на меѓународната соработка.
PRM-PVRH2

PRMportret
Честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија
Недела, 07 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Пред 23 години, единствени во намерата да бидат свои на своето, македонските граѓани на 8 Септември 1991 година, на нашиот трет Илинден, храбро, решително и одговорно го остварија вековниот сон на нашите предци за слободна, независна и суверена Република Македонија.

Во изминатите 23 години доживеавме моменти на славење, но и на разочарување. Се радувавме на стекнатата независност, издржавме пред бројните искушенија и, покрај се, останавме доследни на нашиот праведен пат. Патот беше трнлив, но ни помогна да изградиме силно чувство за сопствената држава, да бидеме посилни, посплотени и поуспешни.

Денес сме горди што успеавме да ја изградиме Македонија како демократска држава во која владее правото. Посветени кон остварување на нашата европска и евроатлантска иднина, ја отворивме Македонија кон светот и ја направивме меѓународно призната и почитувана.

Третиот Илинден е ден на благодарност кон хероите, Илинденците и АСНОМ-ците, но и ден на обврска кон хеорите на иднината – нашите деца. Заветот на нашите предци е да трасираме сигурен пат за нашите потомци. Секоја нова реформа, секој нов закон, секоја нова инвестиција, секое ново работно место е влог во иднина на младите луѓе.

Вложувањето во нашата сегашност е вложување и во нивната иднина. Продолжуваме да ја градиме Македонија како економски силна и развиена, напредна и успешна. Македонија во која се негува вековната традиција на соживот, прифаќање и почитување на различноста, држава на благосостојба и солидарност, земја на иновации и нови технологии. Тоа можеме да го оствариме само со единство, на кое најгласно не потсетува и денешниот голем ден.

Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

CAD_3
Проштална средба со амбасадорот на Канада Н.Е. Руман Вашчук
Среда, 03 Септември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Канада во Република Македонија, Н.Е. Руман Вашчук.

Двајцата соговорници изразија задоволство од севкупните односи на двете земји кои ги карактеризира позитивна развојна динамика без отворени прашања, континуиран политички дијалог, зајакнати билатерални контакти и значајна соработка во повеќе области од заемен интерес.

Претседателот Иванов изрази благодарност за личниот ангажман и придонес на амбасадорот Вашчук во развојот на билатералните односи и интензивирањето на соработката помеѓу двете земји, реафирмирајќи ја нашата подготвеност за зајакнување и продлабочување на политичките односи, и зголемување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Амбасадорот Вашчук се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат и изрази задоволство од соработката со сите македонски институции.

Двајцата соговорници ја истакнаа и значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 79 од 175