Соопштенија
akreditivi_danska_1
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Данска и на Народна Демократска Република Алжир
Вторник, 28 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Данска за Република Македонија, со седиште во Виена, Н.Е. г-ѓа Лиселоте Плеснер, и на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир за Република Македонија, со седиште во Букурешт, Н.Е. г-ѓа Таоус Џелули.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Данска, Н.Е. г-ѓа Лиселоте Плеснер, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот развој на македонско-данските односи и од плодната соработка во разни области од заемен интерес, како и очекување од натамошно интензивирање и унапредување на соработката меѓу двете земји.

„Нашите стратешки определби се поврзани со што поскоро зачленување во Северноатлантската алијанса и во Европската унија. Остануваме силно посветени во исполнувањето на нашиот дел од обврските за просперитетна Европа. Сигурен сум дека европската и евроатлантската интеграциска определба и во иднина ќе претставува силен мост на поврзување во односите меѓу Република Македонија и Кралството Данска", рече претседателот Иванов дополнувајќи дека Република Македонија ги негува истите akreditivi_danska_2европски вредности како и Кралството Данска.

Данскиот амбасадор, г-ѓа Плеснер, порача дека нашите две држави, мали по големина, ги споделуваат вредностите и интересите во Европа којашто има корист од зголемена соработка, и изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе ги одржи и дополнително ќе ги зајакне одличните релации меѓу Република Македонија и Кралството Данска.

„Трговската размена меѓу двете земји заостанува од објективниот потенцијал, но јас верувам дека Вашиот позитивен развој кон членството во ЕУ ќе придонесе за подобрување на оваа состојба. Нашите две држави можат да се потпрат на своите традиции во трговијата и талентот за бизнис", рече данскиот амбасадор, изразувајќи надеж за што поскоро зачленување на Република Македонија во евроатлантското семејство.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, Н.Е. г-ѓа Таоус Џелули, претседателот Иванов, истакна дека во основата на односите меѓу двете земји постои дух на пријателство и меѓусебно разбирање, заедничка желба за нивно поинтензивно развивање како и за унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

akreditivi_alzir_1„Со oглед на фактот што постигнатата соработка меѓу двете земји во изминатиот период е далеку под објективните можности и потребите на двете земји, би сакал да ја истакнам нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, како и нашиот интерес за јакнење на економската соработка", порача македонскиот претседател во поздравното обраќање.

Новиот алжирски амбасадор, г-ѓа Џелули, ја истакна својата амбиција за развивање на врските на пријателство и соработка меѓу две земји кои нудат многубројни можности за искористување, и додаде дека за неа е голема чест што ќе биде амбасадор на Алжир во Република Македонија, земја чиј горд народ се соочил со бројни предизвици во текот на неговата историја.

„Нашите две нации поминаа низ тешки периоди кои, за среќа, успеаја да ги надминат. Остануваме соочени со голем број предизвици и закани, но имаме волја и определба да ги надминеме преку дијалог и соработка. Во таа смисла, одблиску ги следиме напорите кои ги правите за напредок и мир, особено во регионот на Балканот", порача алжирскиот амбасадор.

Претседателот Иванов на двајцата амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.
akreditivi_alzir_2

Ban
Честитка до генералниот секретар на ОН г. Бан Ки-мун, по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации
Петок, 24 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати писмо до генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации.

Почитуван господине Генерален секретар,

По повод 24 октомври, Денот на Обединетите Нации, дозволете ми во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки.
Ја користам оваа пригода да Ви изразам признание Вам и на Светската организација за ангажманите и напорите кои ги вложувате во справувањето со бројните предизвици со кои се соочува човештвото денес. Сакам и во оваа прилика да го нагласам она што го кажав на последното Генерално собрание дека "Во нашиот динамичен, хиперповрзан и променлив свет, едно нешто останува непроменето, а тоа е потребата за поголема предвидливост. Предвидливост од која зависи мирот, безбедноста и стабилноста, но и благосостојбата и напредокот на светот. Човештвото денес е исправено пред многу предизвици, но два предизвика го бараат нашето целосно внимание. Првиот предизвик ни доаѓа од поредокот на природата, а вториот од меѓународниот поредок. Коренот на првиот предизвик е во човековото занемарување на природните закони, додека вториот предизвик произлегува од непочитувањето на меѓународните закони."
Оттука, ја поздравувам Вашата посветена работа и заложбите за ефикасно функционирање на Светската организација. Особено значаен сегмент и клучна позиција во Вашата и наша работа имаат младите и нивната иднина, намалувањето на нееднаквоста и сиромаштијата, обезбедувањето на поздрав живот и благосостојба, ублажувањето на последиците од климатските промени, односно целосно спроведување на Милениумските развојни цели.
Но она што би сакал да го потенцирам во оваа прилика е нашата заедничка посветеност на младите. Затоа сакам да го поздравам настанот што го организира Резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија за одбележување на овој ден, посветен токму на младите и на нивната визија за иднината, под наслов „Свет каков што сакаме во 2030 година".

Почитуван Генерален секретар,

Како што истакнав за време на нашата неодамнешна средба, сакам да Ве уверам дека во вршењето на Вашата исклучително значајна мисија, секогаш можете да сметате на мојата и од Република Македонија цврста и принципиелна поддршка.
Посакувајќи Ви уште многу натамошни успеси во вршењето на оваа одговорна функција, Ви ги упатувам господине Генерален секретар, изразите на моето највисоко почитување.
Нека ни е честит денот на Светската организација!

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка по повод 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба
Четврток, 23 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба го симболизира континуитетот на македонскиот стремеж кон слобода и државност. На овој ден им оддаваме почит на македонските визионери и револуционери, на сите знајни и незнајни дејци и борци кои се бореа и изборија за нашата слобода.

Патот до слободата што на 23 октомври 1893 година го започнаа шестмината македонски родољуби, го изодеа и Илинденците од 1903-та и борците во Народноослободителната и антифашистичка борба од 1944-та. Патот до слободата конечно го завршија македонските граѓани, на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година.

Наша должност е да го исполнуваме заветот на предците - сложно и заеднички да ја чуваме нашата Република Македонија, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност. Македонија е една и единствена, а наша задача е да им ја предадеме на нашите потомци. Заедно и обединети да ја градиме иднината и напредокот на европска и евроатлантска Република Македонија. Оние кои мечтаеа за независна и демократска македонска држава може да се гордеат со генерациите што доаѓаат.

Нека ни е вечен Денот на македонската револуционерна борба!

д-р Ѓорге Иванов

prm_ebor
Средба со делегација од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој
Среда, 22 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој.

На средбата стана збор за соработката помеѓу Република Македонија и Европската банка за обнова и развој, која датира од 1993 година и се оценува за исклучително успешна.

Претседателот Иванов, искажа благодарност за улогата и ангажманот на ЕБОР како еден од најголемите поддржувачи на развојот на Република Македонија, преку реализација на повеќе проекти, а како посебно значајни ги нагласи проектите од областа на патната инфраструктура, транспортот и енергетиката.

Соговорниците разменија мислења и информации за состојбите во поширокиот регион. Во тој контекст делегацијата од ЕБОР искажа благодарност и ја нагласи улогата на Република Македонија и на претседателот Иванов за неговиот ангажман на регионален план, и ги поздравија напорите за конкретизирање на проектите кои ќе овозможат инфраструктурно поврзување на целиот регион на Југоисточна Европа.

На средбата делагацијата од ЕБОР ја реафирмираа подготвеноста за натамошна поддршка на развојот на Република Македонија во согласност со нашите потреби. Особено внимание беше ставено на големите инфраструктурни проекти, како што се Коридорите 8 и 10, како и на енергетските проекти.

Соговорниците заклучија дека соработката помеѓу Република Македонија и Европската банка за обнова и развој има основи да се продлабочи и интензивира во наредниот период, во насока на зајакнување на економскиот развој на државата.

На интерес на членовите на бордот на директори од ЕБОР, претседателот Иванов ги информираше за актуелните економски состојби во Република Македонија, за регионалната соработка, како и за стратешките цели на земјата, односно за актуелностите на планот на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Во тој контекст, претседателот Иванов ги запозна соговорниците со процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси, нагласувајќи дека блокадите не не обесхрабруваат сами да ги продолжиме реформите, да ги достигнуваме европските вредности и критериуми, и да постигнуваме економски резултати.
prm_ebor_1

prm_shurman_
Проштална средба со амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. г-ѓа Марија Шурман
Вторник, 14 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба ја прими Н.Е. г-ѓа Марија Шурман, амбасадор на Кралството Холандија.
На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот Шурман, посакувајќи ѝ успех во натамошната кариера.
Билатералните односи меѓу двете земји се пријателски и бележат континуиран позитивен развој, оценија двајцата соговорници. Македонскиот претседател изрази благодарност за поддршката што Кралството Холандија ѝ ја дава на Република Македонија во остварувањето на највисоките стратешки цели, полноправно членство во Европската унија и во НАТО. Во однос на натамошната соработка, претседателот Иванов го истакна интересот и подготвеноста за интензивирање и унапредување на севкупните односи со Кралството Холандија.
Амбасадорот на Кралството Холандија, г-ѓа Шурман, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на нејзиниот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава.
На средбата, беа разменети мислења и информации околу стратешките цели на Република Македонија и за актуелните случувања во двете земји.

akreditivi_turcija_2
Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Република Турција и на Кралството Шпанија за Република Македонија.
Понеделник, 13 Октомври 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Турција и на Кралството Шпанија за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Н.Е. г. Омур Шолендил, беше изразено задоволство за одличните билатерални односи помеѓу Република Македонија и Република Турција кои се се на ниво на стратешко партнерство, и подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на соработката во економијата, туризмот, културата, образованието и во други области од взаемен интерес.

Претседателот Иванов истакна дека високо го цениме фактот што Република Турција е долгогодишен и гласен поддржувач на употребата на уставното имe на нашата држава, и еден од најгласните промотори за интеграција на Македонија во НАТО.

„Република Македонија особено го вреднува фактот што Република Турција е конзистентна во безрезервната поддршка што ја дава за наше полноправно членство во НАТО. Мојот став е јасен и добро познат, членството на Македонија во НАТО не е придобивка само за нас, туку и за целиот регион и за Алијансата. Искрено, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име ви благодариме за севкупната силна и отворена поддршка" истакна претседателот Иванов и додаде дека нашата држава е заинтересиранa за максимална соработка со Република Турција во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде што двете држави имаат што да кажат и што да понудат, и која од ден на ден ја потврдува својата оправданост.

Амбасадорот на Република Турција, Н.Е. г. Омур Шолендил истакна дека ќе ги вложи сите свои напори се со цел да ги развиеме уште повеќе, веќе постојните извонредни билатерални односи и соработка.

„Нашата заедничка историја и култура, ја претставуваат потребната основа со цел нашите билатерални или мултилатерални односи и соработка да бидат постојано на едно привилегирано ниво. Една од основните постулати на овие односи е и присуството на нашите сонародници кои што живеат како лојални граѓани во една мултиетничка Македонија и чија што најголема желба е јакнењето на Република Македонија на секое поле", порача амбасадорот Шолендил.

akreditivi_spanija2На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија, Н.Е. г. Рамон Абароа Каранс, беше изразено задоволство од пријателските македонско–шпански односи кои оваа година прослуваат јубилеј - 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и очекување за интензивирање на политичкиот дијалог, и продлабочување на соработката во сферата на економијата, образованието и науката.

Претседателот Иванов во поздравното обраќање се заблагодари за досегашната поддршка од Кралството Шпанија на планот на македонските европски и евроатланските интеграции, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

„Високо ја уважуваме принципиелната и конзистентна политика на Кралството Шпанија за продолжување на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан. Европските идеали и вредности се цврсто вкоренети во македонското општество. Ние сме безусловно посветени на процесот на консолидирање на една просперитетна Европа и градењето на заедничка европска иднина" порача македонскиот претседател.

Новоименуваниот амбасадор Н.Е. г. Рамон Абароа Каранс, истакна дека ќе се заложи за продлабочување и проширување на билатералните односи помеѓу двете земји, како и за поддршка на евроатланските аспирации на Република Македонија.

„Шпанија секогаш ги подржуваше вашите евро-атлантски аспирации. Шпанија силно се залагаше за Процесот за Стабилизација и Асоциација за целиот Регион, усвоен на Европскиот Совет во Солун, во 2003 година. Исто така, Шпанија безрезервно го поддржува вашето зачленување во НАТО, особено во моменти кога во светот се случуваат големи конфликти и кризи од различен тип и кои претставуваат закана за сите" истакна амбасадорот Каранс.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 76 од 175