Соопштенија
1
Традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите членки на Вишеградската група
Понеделник, 24 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска беше домаќин на традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија. На средбата присуствуваа амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Јожеф Бенце, амбасадорот на Чешка, Н.Е. Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачка, Н.Е. Мартин Бежак и амбасадорот на Полска, Н.Е. Јацек Стефан Мултановски.

Теми на разговорите беа политичките односи, македонските евроатлатнски интеграции, соработката во сферата на економија, како и регионалната и мултилатералната соработка.

Претседателот Иванов изрази задоволство од високото ниво во билатералните односи и од плодниот политички дијалог меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група, кои се засновани на долга традиција на меѓусебно разбирање, пријателството и заемното почитување. Беше разговарано и за натамошна размена на посети на највисоко ниво.

Македонскиот претседател ја поздрави континуираната и принципиелна поддршка на земјите од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и особено силната поддршка кон Република Македонија за што поскоро започнување на преговорите за членство.

„Членството во ЕУ и НАТО е стратешки приоритет за Република Македонија, и потребно е позитивните препораки од Европската Комисија да се трансферираат во конечна одлука за датум за почеток на преговори", истакна претседателот Иванов, и додаде дека нелегалната блокада на заслуженото членство на нашата држава во НАТО е сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот.

Амбасадорите ги поздравија напорите на Република Македонија за што поскоро зачленување во ЕУ и НАТО, и изразија уверување дека земјите членки на Вишеградската група како влијателен фактор во рамките на ЕУ, ќе продолжат со поддршката на европските и евроатлантските аспирации на Република Македонија.

На средбата, соговорниците констатираа дека меѓусебната билатерална соработка континуирано се продлабочува, но дека постојат и неискористени потенцијали за поголема и сеопфатна соработка во голем број области од заемен интерес, а особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата, туризмот, како и земјоделството.

TR01
Средба со г. Џемил Чичек, Претседател на Големото Национално Собрание на Република Турција
Понеделник, 24 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Претседателот на Големото Национално Собрание на Република Турција, г. Џемил Чичек.

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од одличните односи и континуираниот нагорен тренд во соработката меѓу Република Македонија и Република Турција на сите нивоа.

Поздравувајќи ја досегашната парламентарна соработка, претседателот Иванов изрази надеж дека и во наредниот период парламентарната соработка ќе даде свој придонес во натамошното јакнење на односите и збогатувањето на соработката.

Претседателот Иванов изрази благодарност за принципиелната поддршка од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО.

„Високо го вреднуваме фактот што Република Турција е долгогодишен и гласен поддржувач и промотор на стратешките цели на Република Македонија", рече претседателот Иванов на средбата.

Двајцата соговорници ја поздравија економската соработка која бележи нагорен тренд, со очекување за нејзино интензивирање. На средбата беше разговарано и за интензивирање на соработката во сферата на одбраната и безбедноста, културата, образованието, како и на мултилатерален план.

Претседателот Иванов изрази очекување за зајакната соработка во рамките на Алијансата на цивилизациите, имајќи предвид дека Република Турција е еден од основачите на оваа иницијатива во Обединетите Нации.

Претседателот на Големото Национално Собрание на Република Турција, г. Чичек, нагласи дека Република Македонија е важен партнер на Република Турција и дека, како и досега, Република Македонија може да смета на поддршка од Анкара.

На средбата беа разменети мислења и информации и за регионалните состојби.

TR02

PRMportret
Честитка по повод 22 Ноември - Денот на aлбанската азбука
Петок, 21 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 22 Ноември - Денот на aлбанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Одбележувајќи го Денот на албанската азбука во Република Македонија ја потврдуваме определбата за негување на нашето мултиетничко општество и почитувањето на етничките и културни различности.

Прославувањето на 22-ри Ноември значи негување на културните вредности и особености на албанската етничка заедница во Република Македонија. Почитувајќи, зацврстувајќи и унапредувајќи ги меѓусебните односи ние придонесуваме во градењето на заеднички соживот.

Богатството на еден народ се темели врз почитувањето на традицијата, на јазичното и културното наследство кое е јадро што во себе ги содржи минатото, сегашноста и иднината. Уважувајќи ги разликите градиме доверба и разбирање во општество во кое не треба да има предрасуди за етничките, националните и верските разлики.

Почитувани,

На припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на албанската азбука, а на сите граѓани, без разлика на верската и етничката припадност во земјава, сакам да им порачам дека само доколку се почитуваме меѓусебно, доколку вистински ги негуваме меѓусебните разлики ќе придонесеме за напредокот и развојот на просперитетна Република Македонија.

Д-р Ѓорге Иванов

ROUSIERS_1
Средба со претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Патрик де Роусиерс
Петок, 21 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија, генерал Патрик де Роусиерс.

На средбата беа разменети мислења и информации во однос на македонските евроатлантски интеграции, учеството на АРМ во борбените групи предводени од Европската Унија, како и за унапредувањето на натамошната соработка на Република Македонија во рамки на Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата.

Претседателот Иванов, истакна дека Република Македонија е целосно посветена на членството во Европската Унија и НАТО, и додаде дека нашата држава дава значаен придонес на мирот, безбедноста и стабилноста како во нашиот регион, така и надвор од него. Македонскиот претседател во тој контекст го потенцираше учеството на АРМ во мировните мисии на ЕУ и НАТО, и порача дека нашата поддршка ќе продолжи и во иднина.

Генералот Роусиерс изрази благодарност за придонесот и активното учество на АРМ  во Европската безбедносна и одбранбена политика, потенцирајќи го учеството на припадниците на АРМ во рамките на мисијата на ЕУ „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, и во борбените групи на ЕУ од 2012 и 2014 година. Притоа генералот Роусиерс ја истакна потребата од натамошно унапредување на соработка со Република Македонија, како дел од соработка помеѓу Европската Унија и земјите-партнери меѓу кои е и нашата држава.



poraka00
Правата на детето претставуваат основа на слободата, правдата и мирот во светот – порака по повод 20 Ноември, Меѓународниот ден на детето и 25-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации
Четврток, 20 Ноември 2014


poraka01Пред 25 години светот ја усвои Конвенцијата за правата на детето. Со оваа Конвенција човештвото за прв пат во историјата јасно и недвосмислено ги дефинираше неотуѓивите права на најмладите граѓани на државите во светот. Правото на живот и здравје, опстанок и развој, заштита, образование и еднакви можности, независно од полот, јазикот, етничката, верската, социјалната или која било друга припадност. Конвенцијата утврди дека, како и возрасните, така и детето има неотуѓиво право на човечко достоинство, на слобода на мислење, совест и вероисповед но и право на зачувување на сопствениот идентитет.

Правата на детето претставуваат основа на слободата, правдата и мирот во светот. Од почитувањето на нивните права зависи иднината на секоја држава. За кого инаку градиме патишта ако не за нашите деца? За кого градиме училишта и спортски сали? Дали можеме да имаме економски раст ако дозволиме да се занемари најважното во нас, а тоа е грижата за нашето потомство?

Кога пред 35 години Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир, ја прашале што може да се направи за да се унапреди светскиот мир. Таа рекла „оди дома и сакај го твоето семејство." Мајката на 20 век, родена во Скопје, во Македонија, беше свесна за основната, света должност на родителот кон детето.

Состојбата со правата на децата е нераскинливо поврзано со условите за живот на нивните семејства, кои се столб на секое општество. Како лулка и светилник на вистинските вредности, во која непрестајно зрачи сигурност, светлина и топлина на животот, семејството мора да се негува, поттикнува и зајакнува. Семејството е засолниште од животните бури, и заштитник од не ретко присутните девијации. Во добро семејство растат и живеат среќни луѓе. Во семејството родителите им даваат на своите деца безусловна љубов и успеваат да ги подготват за сите предизвици што ќе ги имаат во животот.

Во Република Македонија, како и на многу други места низ светот, семејството се наоѓа под удар на повеќе фактори. Од многуте ги издвојуваме социоекономските предизвици, губењето на традиционалните семејни вредности под влијание на модерното темпо на живот, се поголемите обврски кои не дозволуваат доволно заедничко време со децата.

Затоа, семејството треба да има примат при заштита и поддршка на децата. Неопходно е семејството да остане основен стожер на општеството и уште повеќе да ја зајакне својата улога. Мора да продолжиме да се залагаме за негова посебна заштита од страна на институциите. Државата мора да биде и да остане најсилниот сојузник на семејството, на родителите и на нивните деца. Мора да работиме на намалување на социјалните ризици на кои е изложено семејството, а со тоа и децата. Секое семејство треба да биде дел од големото семејство, државата.

poraka02Свесна дека ништо не може да го замени семејството, сепак, државата преку институциите се наоѓа и во улога на семејство на децата без родителска нега. Посветена на солидарноста, и свесна за потребата за поголемо интегрирање на децата со пречки во развојот во образовните и рекреативните програми, државата мора да обрне повеќе сметка на можностите, за нивно добро.

Неопходно е да се погрижиме релативно добрите услови за живот, развој образование на децата во голем број на семејства, да важат кај сите. Не смееме да дозволиме кршењето на правата на децата да биде игнорирано или, уште полошо, сфатено како нешто што е нормално и прифатливо. Затоа, да издвоиме повеќе време за поддршка на децата од понесреќните семејства. Важно е да се истакне дека решенијата ги имаме, и се тука, пред нас. Посветена на реформите, Република Македонија со своите постоечки институции, системи за заштита и подобрување на животот на децата, добива солидни резултати. Потребно е нашите позитивни искуства да се пренесат кај семејствата и во заедниците во кои се уште се случува децата да бидат ранлива категорија.

Партнерството меѓу државните институции, УНИЦЕФ, специјализираните невладини организации и медиумите е многу значајно и не снабдува со неопходните информации за состојбата на децата. За поздравување е активизмот за отворање на ова прашање пред политичките институции и застапувањето на правата и потребите на децата. Согласни сме дека на децата им е потребно некој да крене глас во нивно име и да ни помогне како да ги примениме светските искуства и придобивки и кај нас.

Децата учат од возрасните. Она што го примаат, тоа и го рефлектираат. Неопходно e децата во Република Македонија да растат во духот на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. Градењето доверба го градиме и институционално, но и вонинституционално. Преку образованието, спортот, културата, уметноста, со натпревари, концерти, изложби и заеднички проекти. Сето тоа ни е неопходно за да подигнеме здрави генерации кои ќе бидат носители на идниот севкупен развој на општеството во духот на заедништво, соработка и другарување, без разлика на етничкото, религиозното или социјалното потекло. Со тоа градиме култура на почитување на правата на децата и инвестираме во иднината на Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

romanija_pretsedatel
Честитка до новоизбраниот претседател на Романија, Н.Е. г. Клаус Јоханис
Четврток, 20 Ноември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до новоизбраниот претседател на Романија, Н.Е. г. Клаус Јоханис.

Ваша Eкселенцијо,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име,  да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Романија, како и да Ви посакам натамошен успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Ја користам оваа пригода да изразам задоволство за успешниот развој на традиционалните пријателски односи меѓу нашите две земји и да го изразам своето уверување дека билатералните односи и соработката ќе продолжат успешно да се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и почитување. На тој план, сакам да знаете дека сум целосно подготвен.

Длабоко сум убеден дека за време на Вашиот мандат, Романија како докажан пријател на Република Македонија ќе продолжи да ги поддржува нашите заложби за интегрирање во Европската унија и во НАТО и дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за регионалната  стабилност и просперитет.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Eкселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.
 
д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 75 од 175