Соопштенија
oland
Писмо со сочувство до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд
Четврток, 08 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд.

Почитуван господине Претседателе,

Со шокираност, длабока тага и со чувство на огорченост ја примив веста за масакрот во Париз и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички чин. Нападите против „Шарли Ебдо" претставуваат и ги доживуваме како напад на демократијата, како напад против принципите и слободата на мислата и на говорот.

Господине Претседателе, овој грозоморен чин спроведен од поединците со затворени умови, чија цел е сеење страв и чувство на несигурност, чии жртви се недолжни луѓе, нема да не поколеба во истрајноста на зачувување на споделените човечки и цивилизациски вредности и придобивки на целиот демократски свет. Република Македонија силно ги поддржува глобалните напори за борба против тероризмот, и како и досега така и во иднина е подготвена да соработува со демократскиот свет во соочувањето со оваа закана како едно од најголемите зла на денешницата.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Сакам да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со Вас и со граѓаните на Франција.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret2
Честитка по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ
Вторник, 06 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово - Божиќ.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рождество Христово - Божиќ.

На овој величествен ден чувствуваме радост и благодарност кон блиските, потсетувајќи се дека најголемата среќа е во едноставните работи, во топлината на домот и миговите поминати со семејството и ближните, во благородните дела кон оние на кои им е потребна нашата помош споделувајќи добрина и меѓусебно разбирање. Божиќ е празник на мирот, празник на слогата и на единството. Одбележувајќи го Христовото раѓање ја славиме безусловната љубов како онаа која мајката ја дава на своето дете, ја славиме победата над предрасудите, разликите и поделбите. Овој празник нe потсетува на учењето на Божјиот син, да бидеме човечни и хумани, да бидеме солидарни и праведни. И во годините кои следат соживотот, заемното помагање и почитување треба да се наша водилка, наш белег и заложба.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник, Ви посакувам добро здравје и спокоен духовен живот. На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам убаво празнично расположение, опкружени со своите најблиски и исполнети со радост.

Христос се роди!

д-р Ѓорге Иванов

mnr1
Средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство
Четврток, 25 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, во рамки на годишниот работен состанок што се одржува во Министерството за надворешни работи.

На средбата, прва во неговиот втор мандат, претседателот Иванов повика на проактивност и засилен ангажман на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва, во насока на реализација на поставените стратешки цели во надворешната политика, како што се евроатлантските интеграции, добрососедските односи, регионалната соработка, отвореноста кон сите со зајакнување на постоечките и создавање нови пријателства и партнерства, ангажман на мултилатерален план, економската и јавната дипломатија.

„Нашата дипломатија мора да биде во тек со промените во светот, а и самите знаете дека само во 2014 година бевме сведоци на тектонски поместувања на политичката сцена на глобално ниво", истакна претседателот Иванов.

Клучна задача, според претседателот Иванов, ќе имаат амбасадорите во непосредното соседство.

3„За следната година сметам дека клучна задача ќе имаат амбасадорите на нашата држава во непосредното соседство. Од нив очекувам зголемување на активностите за соработка. Нашиот регион излезе од мачното минато, почна период на градење доверба, но забавеното темпо на интеграциите создаде нова реалност и ново прекршување на интересите на Балканот. Во ваква ситуација, ние во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес", рече претседателот Иванов.

„На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа, со нови потреби, за конкретни проекти во регионалната соработка", рече претседателот Иванов, дополнувајќи дека следната година планира реализација на негови официјални посети на Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Словенија, како и на размени на посети со Босна и Херцеговина и Бугарија. Претседателот Иванов изрази надеж дека со новиот грчки претседател ќе има позитивно поместување во билатералните односи.

Претседателот Иванов посочи дека членството на Република Македонија во Европската унија и во НАТО останува врвен приоритет.

„Иако не дојде до ефектуирање на препораката и добивање на датум за преговори, како и секогаш, наша заедничка задача е да продолжиме со несмалено темпо да работиме на евро-атлантската агенда на Република Македонија", рече македонскиот претседател пред шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија.

Претседателот Иванов од македонските дипломати побара максимална посветеност и на економската, јавната и културната дипломатија.

„Потребна е поголема заложба на македонската дипломатија во насока на обединување на дијаспората и надминување на проблемите со кои се соочуваат", рече македонскиот претседател пред дипломатите.

Претседателот Иванов побара посебно внимание и ангажман да биде посветен и на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји каде истото е во незавидна положба.
4

PRMportret
Честитка до верниците кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар
Среда, 24 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Ми претставува задоволство во овие празнични денови на сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар да им го честитам претстојниот празник на Раѓањето Христово.

Божиќ е симбол на Божјата љубов, простување и милост од кои извира новата надеж за нов почеток. Овој голем празник нè учи да ги следиме врвните морални и етички закони и да дејствуваме во согласност со начелата на вистината.

Божиќ е време кога одново ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и за почитување на различноста како врвна вредност на македонското повеќеетничко, повеќерелигиско и повеќејазично општество. Време што нè инспирира да придонесуваме кон мирот, благосостојбата, среќата и севкупниот напредок на нашата татковина Македонија.

Честитајќи им го Денот на Раѓањето Христово на сите македонски граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, посакувам да продолжиме да ја пренесуваме божиќната порака за вистината за верата според која живееме.

Христос се роди – вистина се роди!

д-р Ѓорге Иванов

davutoglu
Средба со Претседателот на Владата на Република Турција, Н.Е. д-р Ахмет Давутоглу
Вторник, 23 Декември 2014

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Претседателот на Владата на Република Турција, Н.Е. д-р Ахмет Давутоглу.

На средбата, беше разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи, и зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција. Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционалното пријателство и партнерство, и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, кои се потврда за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, членството во Европската Унија и во НАТО, претседателот Иванов, нагласи дека Република Македонија високо ги цени турските активности и напори по овие прашања.

Македонскиот претседател и турскиот премиер ја поздравија економската соработка, која е највисоко на агендата на меѓусебните односи, со очекување за натамошно интензивирање. Беше разговарано и во однос на соработката во сферата на одбраната и безбедноста, културата, туризмот, образованието, како и на мултилатерален план во меѓународните организации.

Во тој контекст, претседателот Иванов, изрази очекување за зајакната соработка во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде што Република Турција е земја-основач на оваа иницијатива, во рамките на Обединетите Нации.

Претседателот Иванов и премиерот Давутоглу, разменија мислења и информации за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно политички интерес за двете земји, и разговараа за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и на Република Турција, во поглед на соочување со заканата од странските терористички борци.

Претседателот на Владата на Република Турција, г. Давутоглу, истакна дека Република Македонија е важен пријател и партнер на Република Турција, и дека, како и досега така и во иднина, Република Македонија може да смета на безусловна поддршка и помош од Република Турција, и додаде дека нашата држава со својот модел на соживот претставува позитивен пример не само во регионот, туку и многу пошироко.
davutoglu1

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 73 од 175