Средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство
Четврток, 25 Декември 2014   

mnr1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, во рамки на годишниот работен состанок што се одржува во Министерството за надворешни работи.

На средбата, прва во неговиот втор мандат, претседателот Иванов повика на проактивност и засилен ангажман на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва, во насока на реализација на поставените стратешки цели во надворешната политика, како што се евроатлантските интеграции, добрососедските односи, регионалната соработка, отвореноста кон сите со зајакнување на постоечките и создавање нови пријателства и партнерства, ангажман на мултилатерален план, економската и јавната дипломатија.

„Нашата дипломатија мора да биде во тек со промените во светот, а и самите знаете дека само во 2014 година бевме сведоци на тектонски поместувања на политичката сцена на глобално ниво", истакна претседателот Иванов.

Клучна задача, според претседателот Иванов, ќе имаат амбасадорите во непосредното соседство.

3„За следната година сметам дека клучна задача ќе имаат амбасадорите на нашата држава во непосредното соседство. Од нив очекувам зголемување на активностите за соработка. Нашиот регион излезе од мачното минато, почна период на градење доверба, но забавеното темпо на интеграциите создаде нова реалност и ново прекршување на интересите на Балканот. Во ваква ситуација, ние во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес", рече претседателот Иванов.

„На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа, со нови потреби, за конкретни проекти во регионалната соработка", рече претседателот Иванов, дополнувајќи дека следната година планира реализација на негови официјални посети на Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Словенија, како и на размени на посети со Босна и Херцеговина и Бугарија. Претседателот Иванов изрази надеж дека со новиот грчки претседател ќе има позитивно поместување во билатералните односи.

Претседателот Иванов посочи дека членството на Република Македонија во Европската унија и во НАТО останува врвен приоритет.

„Иако не дојде до ефектуирање на препораката и добивање на датум за преговори, како и секогаш, наша заедничка задача е да продолжиме со несмалено темпо да работиме на евро-атлантската агенда на Република Македонија", рече македонскиот претседател пред шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија.

Претседателот Иванов од македонските дипломати побара максимална посветеност и на економската, јавната и културната дипломатија.

„Потребна е поголема заложба на македонската дипломатија во насока на обединување на дијаспората и надминување на проблемите со кои се соочуваат", рече македонскиот претседател пред дипломатите.

Претседателот Иванов побара посебно внимание и ангажман да биде посветен и на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји каде истото е во незавидна положба.
4

  Back<<Назад