Соопштенија
PRMportret2
Честитка по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици
Недела, 18 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите православни верници во Република Македонија, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Водици е празник кој го потенцира значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовите на христијанството. Одбележувајќи го денот кога свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан, ние го славиме нашето духовно раѓање, што ја зацврстува нашата верба, ни дава надеж за подобро утре и не поттикнува меѓусебно да се почитуваме и да се престигнуваме во добрина. Тоа се вредности врз кои ја темелиме и вековната македонска традиција на соживот и на почитување и прифаќање на различноста.

Нека овој празник, кога ги осветуваме нашите води, ни даде можност да посветиме внимание, почит и љубов кон нашите семејства, соседи и пријатели, свесни дека сплотени можеме да се справиме со сите предизвици и искушенија.

Нека ни е честит и вековит овој голем христијански празник!

д-р Ѓорге Иванов

katar001
Средба со Емирот на Државата Катар, Н.В. Шеик Тамим Бин Хамад Ал Тани
Четврток, 15 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, својата работна посета на Државата Катар денеска ја започна со средба со Емирот на Државата Катар, Н.В. Шеик Тамим Бин Хамад Ал Тани.

На средбата, прва по стапувањето на должноста на емирот Тамим Бин Хамад Ал Тани, е изразено заемно задоволство од подготвеноста за натамошен успешен развој на односите и соработката меѓу двете држави.

„Добрите политички односи, редовниот дијалог на највисоко ниво и солидната правна рамка создаваат услови за интензивирање на економската соработка и за катарски инвестиции во Република Македонија", рече претседателот Иванов на средбата.

Во тој контекст, во наредниот период планирана е размена на официјални посети на највисоко ниво, а времето до нивната реализација ќе се искористи за натамошно унапредување на правната рамка и особено за изработка на конкретни економски проекти, со цел обезбедување на катарски инвестиции.

Емирот Ал Тани истакна дека катарските компании се подготвени за соработка со Република Македонија.

„Во наредниот период очекувам да се интензивираат контактите на бизнис ниво", истакна емирот Ал Тани.

Како области во кои постои интерес за инвестирање се посочени земјоделието, производството на храна, градежништвото, инфраструктурата, туризмот, недвижностите, телекомуникациите.

Претседателот Иванов го запозна емирот Ал Тани со поволниот инвестициски амбиент во нашата држава, со состојбите во македонската економија, како и за оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

На средбата се разговараше и за соработката на мултилатерален план. Договорено е да продолжи соработката и взаемната поддршка во системот на Обединетите Нации, особено во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде Република Македонија и Државата Катар имаат активна улога.

Емирот Ал Тани ја поздрави улогата на Република Македонија во рамките на Алијансата на цивилизациите. „Македонскиот модел на почитување на различностите е исклучително позитивен пример, кој треба да се афирмира во рамките на оваа глобална иницијатива", рече катарскиот емир на средбата.

На средбата беа разменети информации за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Блискиот Исток.

Претседателот Иванов упати честитки за организацијата на Светското првенство во ракомет и на емирот Ал Тани му посака успех на катарската репрезентација.

Претседателот Иванов оствари средба и со шеикот Калифа бин Јасим Ал Тани, претседател на катарската стопанска комора. На средбата беа разменети информации за можностите и интересот за интензивирање на економската соработка. Претседателот Иванов ги претстави поволностите што странските инвеститори ги имаат во Република Македонија. Претседателот на катарската стопанска комора вети дека наскоро ќе испрати тим во Република Македонија за испитување на можностите за економска соработка, и истакна дека ги очекува заинтересираните македонски компании во Доха.

katar002

grabar_kitarovic
Честитка до г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ по повод изборот на функцијата Претседател на Република Хрватска
Вторник, 13 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Република Хрватска, упати честитка до г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ, Избран претседател на Република Хрватска.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Република Хрватска, како и да Ви посакам успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Уверен сум дека под Ваше водство, Република Хрватска и натаму ќе бележи успеси, продолжувајќи ја конструктивната улога во стабилноста и развојот на регионот на Југоисточна Европа.

Ја користам оваа пригода да изразам задоволство за успешниот развој на традиционално пријателските односи меѓу нашите две држави, како и да ја истакнам длабоката увереност за натамошно продлабочување и интензивирање на контактите меѓу двете држави на највисоко ниво.

Длабоко сум убеден дека за време на Вашиот мандат, Република Хрватска како докажан пријател на Република Македонија ќе продолжи силно да ги поддржува нашите заложби за интегрирање во Европската унија и во НАТО и дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за регионалната стабилност и просперитет, но и за интензивирање на регионалната соработка.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, како и со надеж дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

gi01
Средба со претставници на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“
Вторник, 13 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска, по нивно барање, прими претставници на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование".

На средбата претседателот Иванов и претставниците на иницијативата разменија мислења околу севкупните состојби во високото образование во Република Македонија и се согласија за неопходноста од спроведување реформи, како и за потребата од квалитетно високо образование.

Претставниците на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование" ги образложија своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование и потребата од подигнување на квалитетот на високото образование во земјата, во интерес на студентите, професорите и во интерес на развојот на Република Македонија.

Претседателот Иванов уште еднаш изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и изрази жалење што беше одбиена иницијативата за одржување заедничка средба денеска на претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование".

Македонскиот претседател го повтори ставот дека дијалогот, размената на идеи и иницијативи е единствениот начин што може да доведе до успешна трансформација на високото образование.

gi02

plenum_1
Средба со претставници на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум
Понеделник, 12 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска, по нивно барање, прими претставници на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум.

На средбата соговорниците разменија мислења околу севкупните состојби во образованието во Република Македонија и се согласија за неопходноста од спроведување реформи во образованието, како и за потребата од квалитетно високо образование.

Претставниците на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум ги образложија своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование.

Претседателот Иванов рече дека на Република Македонија и е потребна успешна трансформација на високото образование.

На средбата претседателот Иванов изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и повика на единство и дијалог, со цел надминување на актуелните состојби.

Македонскиот претседател најави дека во текот на утрешниот ден, по нивно барање, ќе ги прими и претставниците од „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование".

Претседателот Иванов предложи да се одржи заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование".
plenum_2

prostalna_volers2
Проштална средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. г. Пол Волерс
Понеделник, 12 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Н.Е. Пол Волерс.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од одличните билатерални односи и од долгогодишното стратешко партнерство, меѓу Република Македонија и САД.

Претседателот Иванов, изрази благодарност за досегашниот придонес и ангажман на амбасадорот Волерс, во унапредување на билатералните односи и интензивирање на соработката меѓу двете земји, и искажа очекување дека продлабочувањето на политичкиот дијалог и соработката во сите сфери од заеднички интерес, ќе продолжи и во иднина.

Македонскиот претседател, се заблагодари за постојаната и силна поддршка што САД ја даваат во однос на реализирањето на нашите евро-атлантски интеграции, членството во ЕУ и во НАТО.

Амбасадорот Волерс, изрази задоволство од вршењето на дипломатската функција во земјава и искажа благодарност за поддршката од сите институции во Република Македонија. Тој додаде дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат евро-атлантските аспирации на Република Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи да ги негува пријателството и партнерството со Република Македонија.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорот г. Волерс му посака успех во натамошната работа.

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 72 од 175