|
Честитка до г. Јенс Столтенберг, Генерален секретар на НАТО по повод превземањето на функцијата
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до г. Јенс Столтенберг по повод превземањето на функцијата Генерален секретар на НАТО.
Ваша Екселенцијо,
Mи претставува особена чест и големо задоволство да Ви го честитам преземањето на функцијата генерален секретар на НАТО и да Ви упатам најискрени желби за успешно извршување на оваа одговорна функција.
Почитуван господине Столтенберг, јасно е дека оваа одговорна должност ја преземате во време на сериозни предизвици за Алијансата, но и за меѓународната заедница, воопшто. Сакам да Ве уверам дека во Република Македонија и во мене, лично, секогаш можете да имате доверлив партнер и секогаш можете да сметате на нашата поддршка во вршењето на Вашата должност. Република Македонија е решителна и одлучна во исполнувањето на поставената стратешка цел, членство во НАТО. Република Македонија одамна ги има исполнето сите критериуми за членство во Алијансата, и предолго чека да го заземе местото кое ѝ припаѓа и кое го заслужува. Република Македонија е соочена со блокада на членството во Алијансата, и тоа блокада која е нелегална. Нашите аргументи за симнување на нелегалната блокада на нашето членство, нашите барања и очекувања се базираат на она што всушност е неминовна потреба на денешницата, потреба која ќе нè води кон посигурен и попредвидлив свет. А тоа се почитување на меѓународното право, почитување на меѓународните договори и обврски кои произлегуваат од нив, почитување на пресудите на Меѓународниот суд на правдата. Членството на Република Македонија во НАТО не е придобивка само за нас, туку и за Алијансата и за нашиот регион. Искрено се надевам дека како прв човек на Алијансата, ќе дадете свој придонес и дека ќе се ангажирате во насока на отстранување на блокадата со која се соочуваме.
Очекувајќи блиска и отворена соработка во наредниот период, Ви ги испраќам искрените поздрави од Република Македонија и Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов
|