Соопштенија
hrvatska_MO
Средба со министерот за одбрана на Република Хрватска, Анте Котромановиќ
Вторник, 10 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Анте Котромановиќ, министер за одбрана на Република Хрватска.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Хрватска на билатерален и на мултилатерален план, особено во сферата на одбраната и регионалната соработка.

Претседателот Иванов ги поздрави досегашните заеднички ангажмани во интегративните процеси, во рамки на Јадранската повелба, и додаде дека реформите и мерките кои се преземаат во Република Македонија за унапредување на стандардите во сферата на одбраната, само ја потврдуваат нашата стратешка цел за членство во НАТО.

Во тој контекст, македонскиот претседател ги поздрави напорите за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка во сферата на одбраната, преку реализација на конкретни проекти и заеднички активности.

Министерот за одбрана г. Котромановиќ, истакна дека Република Хрватска континуирано и активно го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, потенцирајќи дека нашата држава ги исполнува стандардите и високите критериуми за целосно членство.

Двајцата соговорници, разменија мислења и информации за состојбите во регионот, и разговараа за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија, на Република Хрватска и на земјите од регионот, во поглед на соочување со заканата од насилниот екстремизам и радикализам.

RichardvonWeizscker
Писмо со сочуство по повод смртта на поранешниот претседател на СР Германија, г. Рихард фон Вајцсекер
Среда, 04 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Сојузна Република Германија, г. Рихард фон Вајцсекер, испрати писмо со сочуство до г. Јоахим Гаук, Претседател на Сојузна Република Германија.

Почитуван господинe Претседателe,

Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот претседател на Сојузна Република Германија, г. Рихард фон Вајцсекер.

Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за германскиот народ, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам изрази на искрено сочувство. Сакам да Ве уверам, почитуван Претседателе, дека како и германските граѓани, и ние во Република Македонија на него ќе се сеќаваме како голем и храбар државник. Како што може да се заклучи од неговите зборови „Секој оној кој ги затвора очите пред минатото е слеп во сегашноста", тој беше човек со голема мудрост кој несомнено имал и ќе има посебно место во историјата на демократската борба на светот.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот германски народ и до семејството на г. Рихард фон Вајцсекер.

д-р Ѓорге Иванов

sergio-mattarella1
Честитка до г. Серџо Матарела по повод изборот на функцијата Претседател на Италијанската Република
Понеделник, 02 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Италијанската Република, упати честитка до г. Серџо Матарела, Избран претседател на Италијанската Република.

Ваша Екселенцијо,

Mи причинува особена чест и задоволство да Ви го честитам изборот на функцијата Претседател на Италијанската Република и да Ви упатам најискрени желби за успешно извршување на оваа одговорна функција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Италијанската Република. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме практиката што ја имавме со Вашиот ценет претходник на редовни средби и отворен политички дијалог. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите и збогатување на соработката во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Ваша Екселенцијо, за Република Македонија од особено значење e Италијанската поддршка на нашите цели, членството во НАТО и Европската унија. Улогата на Италија како искрен поддржувач на перспективите за евроатланска интеграција на мојата земја, како и досега, и во иднина за нас ќе биде од стратегиско значење.

Честитајќи Ви го уште еднаш Вашиот избор, Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ги примете изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

plevneliev
Средба со г. Росен Плевнелиев, Претседател на Република Бугарија
Недела, 01 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Софија, оствари средба со претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев.

На средбата беше разгледана актуелната состојба во билатералните односи меѓу двете земји, беше разговарано за евроатлантските интеграциски процеси, како и за регионалната соработка.

Претседателот Иванов ја реафирмираше определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.

„Понекогаш меѓу соседите се појавуваат разлики во однос на одредени прашања, но истите на никој начин не смее да влијаат негативно на севкупните односи и соработката. На разликите треба да им се пристапи со заемно почитување и да се надминуваат со дијалог", рече македонскиот претседател.

Бугарскиот претседател Плевнелиев се заблагодари за присуството на претседателот Иванов во Софија, во моменти кога бугарскиот народ се збогува со првиот демократски избран претседател Жељу Желев, оценувајќи го како пријателски гест. Република Бугарија сака да биде најголемиот пријател и најголемиот поддржувач на Република Македонија, нагласи бугарскиот претседател Плевнелиев, согласувајќи се дека на отворените прашања треба да се пристапи со взаемно разбирање и почит, и низ дијалог да се надминат недоразбирањата.

Двајцата претседатели се договорија во наредниот период да се интензивираат контактите, не само на највисоко ниво, туку на сите нивоа.

Информирајќи го својот бугарски колега за актуелностите во евроатлантските интеграции и негативното влијание на статус кво состојбата за Република Македонија и генерално за регионот, претседателот Иванов побара поддршка од Република Бугарија за деблокада на интеграциите во наредниот период.

„Очекувањата на граѓаните на Република Македонија се дека Република Бугарија ќе биде еден од најсилните поддржувачи на нашата земја. Проширувањето на НАТО и завземањето на заслуженото членство на Република Македонија ќе влијае позитивно за стабилноста и безбедноста на нашиот регион", истакна претседателот Иванов.

Двајцата соговорници изразија очекување работните групи на министерствата за надворешни работи на двете земји да продолжат со работа во наредниот период, со цел усогласување на Договорот за добрососедство врз основа на принципиелниот став и размената на писма на двајцата претседатели - декларацијата од 1999 година да се трансформира во Договор за добрососедство.

Претседателот Иванов и претседателот Плевнелиев изразија очекување со потпишувањето на договорот меѓу двете земји да се влезе во фаза на поинтензивна соработка за искористување на потенцијалите во повеќе сфери, економска, инфраструктурна, прекугранична соработка, соработка во областа на културата, образованието и туризмот.

На средбата, беше нагласена и потребата за зголемување на соработката на безбедносните служби, со цел превенција и соочувања со појавите кои што се закана и за нашиот регион.

zhelev
Писмо со сочувство по повод смртта на г. Жељу Желев, поранешен претседател на Република Бугарија
Петок, 30 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на г. Жељу Желев, поранешен претседател на Република Бугарија, упати писмо со сочувство до г. Росен Плевнелиев, Претседател на Република Бугарија.

Почитуван господине Претседателe,

Дозволете ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам длабоко сочувство по повод смртта на поранешниот претседател на Република Бугарија, Жељу Желев.

Како голем државник и визионер, претседателот Желев покажа вистинско лидерство и храброст во забрзувањетo на процесот на транзиција и демократизација во Република Бугарија, како и во остварувањето на нејзината европска и евроатлантска перспектива. Токму благодарение на неговата посветеност и ангажман, Република Бугарија денес го живее сонот и ги ужива привилегиите од визијата за обединета Европа и од членството во големото евроатлантско семејство.

Претседателот Желев беше голем и докажан пријател на Република Македонија и мој личен пријател. Република Македонија никогаш нема да ја заборави неговата улога во процесот на меѓународното признавање под нејзиното уставно име. Ние остануваме благодарни за неговиот личен придонес во воспоставувањето, развојот и зацврстувањето на односите, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите две држави и народи.

Ќе остане запаметена и неговата улога во трансформирањето на целиот балкански регион, постигнувањето на стабилност и безбедност, како и за неговата евроатланска иднина.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Република Бугарија и до семејството на претседателот Желев.

д-р Ѓорге Иванов

PRM
Честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија по повод празникот Свети Сава
Вторник, 27 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Почитувани сограѓани,

Ми претставува особено задоволство на сите припадници на српската заедница да им го честитам големиот празник Свети Сава и да им посакам здравје, радост и благосостојба.

Прославата на 27 јануари - Денот на првиот српски архиепископ, кој е прогласен и за Национален ден на српската заедница во Република Македонија, е можност да потенцираме дека српската заедница како нераскинлив дел од македонското општество заедно со другите заедници активно придонесува кон соживотот во нашата татковина.

Св. Сава со својата неуморна просветителска и црковна дејност остави трајни вредности кои ги надминуваат етничките рамки давајќи пример за сите кои живеат на овие простори. Нека значењето на неговото дело и севкупната симболика на празнувањето бидат и натаму духовна и културна крепост и инспирација за градење просперитетна и успешна Република Македонија во која се почитуваат и се негуваат различните култури и традиции на сите граѓани.

За многу години!

д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 70 од 175