Соопштенија
bogov2
Средба со Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија
Понеделник, 22 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Вила Билјана во Охрид го прими г. Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија.

На средбата се разговараше за поставеноста на монетарната политика на Република Македонија, во контекст на последните случувања од грчката должничка криза и за можните рефлексии врз нашата држава.

Гувернерот Богов го информираше македонскиот претседател за преземените мерки и активности на Народната банка на Република Македонија, како и за можните сценарија при разрешувањето на кризата во еврозоната. Тој потенцираше дека македонскиот банкарски систем е отпорен и дека може без поголеми последици да ги издржи ударите од кризата.

Претседателот Иванов и гувернерот Богов констатираа дека Народната банка на Република Македонија претставува стабилна институција која досега покажа капацитет во постигнување на финансиска стабилност и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем.

Kiska_7
Меѓусебно разбирање и пријателство - средба со г. Андреј Киска, претседател на Словачката Република
Петок, 19 Јуни 2015

Претседателот Иванов, во рамки на учеството на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015", денеска во Братислава оствари средба со г. Андреј Киска, претседател на Словачката Република.

На средбата, беа потврдени исклучително добрите билатерални односи и континуираниот политички дијалог меѓу Македонија и Словачка засновани на долги и традиционални врски на меѓусебно разбирање и пријателство.

Македонскиот претседател го информираше претседателот Киска за реализирањето на нашите стратешки цели - членството во НАТО и во ЕУ, како и за моменталната политичка, безбедносна и економска состојба во Република Македонија.

Постојат позитивни примери на паралелно движење во интеграциите или пак проблемот на името да биде последно 35-то поглавје, како можни начини за деблокада на почетокот на преговорите со ЕУ. Во поглед на НАТО апелирам на почитување на пресудата од Хаг и на Времената спогодба, како начин за заземање на заслуженото место, нагласи претседателот Иванов на денешната средба со претседателот на Словачката Република Андреј Киска, во Братислава.

Членството во ЕУ и во НАТО е наш највисок стратешки приотритет за кој постои апсолутен политички, етнички и социјален консензус, потенцира претседателот Иванов, нагласувајќи ја потребата за посериозен ангажман од ЕУ и земјите членки со цел изнаѓање начин за деблокада на евроатлантските интеграции.

Претседателот Киска потенцираше дека Словачка како и досега ќе продолжи со поддршката за македонските евроатлантски аспирации
Двајцата претседатели констатираа дека билатералната соработка меѓу двете земји континуирано се продлабочува, а истовремено постои и неискористен потенцијал за поинтензивна соработка во голем број области од заемен интерес, особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата и туризмот.

Претседателот Иванов ја реафирмираше отворената покана за официјална посета од страна на неговиот колега, претседателот Киска на Република Македонија.
KIISKA

Demirel
Писмо со сочувство по повод смртта на поранешниот претседател на Република Турција, г. Сулејман Демирел
Среда, 17 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Република Турција, г. Сулејман Демирел, упати писмо со сочувство до Претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.


Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот претседател на Република Турција и голем пријател на Република Македонија, господинот Сулејман Демирел. Дозволете ми, господине Претседателе, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да упатам изрази на длабоко сочувство.

Претседателот Демирел беше наш голем и докажан пријател. Во сеќавањата на македонските граѓаните ќе останат врежани спомените за неговата улога во процесот на меѓународното признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име.

Ние остануваме благодарни за неговиот личен придонес во воспоставувањето, развојот и зацврстувањето на односите, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите две држави и народи.

Ќе остане запаметена и почитувана и неговата улога во трансформирањето на целиот балкански регион, постигнувањето на стабилност и безбедност, како и за неговата евроатланска иднина.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Република Турција и до семејството на претседателот Демирел.

д-р Ѓорге Иванов

dacic1
Средба со г. Ивица Дачиќ, прв потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија
Понеделник, 15 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Ивица Дачиќ, прв потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија.

На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, регионалната соработка, евроинтеграциските процеси на двете земји, како и за состојбите во регионот.

Двајцата соговорници оценија дека Република Македонија и Република Србија имаат традиционално пријателски односи, интензивен политички дијалог на највисоко ниво и соработка во повеќе области од заемен интерес, која во наредниот период треба да се продлабочи.

Информирајќи го г.Дачиќ за актуелната политичка состојба во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека е потребен посветен, одговорен и лидерски пристап кон дијалогот од сите политички партии, со цел враќање на политичката стабилност.

Во однос на предизвиците поврзани со стабилноста и безбедноста на регионот, претседателот Иванов и министерот Дачиќ се согласија дека е потребен засилен ангажман од меѓународната заедница, особено од ЕУ, за изнаоѓање начини за деблокада на‎ европските интеграции и реафирмирањето на европската перспектива на Балканот, со цел стабилност, безбедност и просперитет на регионот.

Особено значајна е поголема солидарност меѓу земјите од регионот во поглед на европските интеграции, беше заемен заклучок на соговорниците.

Министерот Дачиќ истакна дека предизвиците во Република Македонија можат да се решат само со политичка волја и пружање на европски перспективи, и додаде дека сите заедно мора да работиме со цел враќање на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот. Во таа насока, беа разменети мислења и информации за улогата и ангажманот на ОБСЕ за зголемување на нивото на безбедност во регионот, и за еден посеопфатен пристап во соочување со предизвиците од радикализам и екстремизам, со феноменот на странски борци, и активирање на проекти за дерадикализација и контрарадикализација. Г. Дачиќ уште еднаш ја нагласи поддршката на напорите на ОБСЕ и на српското претседателство кон Република Македонија

Двајцата соговорници нагласија дека отворените прашања и разлики во нашиот регион, на ниеден начин не смеат да бидат пречка за билатералната и регионалната соработка, како и пречка во интегративните процеси.

dacic2

mitov
Средба со г. Даниел Митов, министер за надворешни работи на Република Бугарија
Понеделник, 15 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера го прими г. Даниел Митов, министер за надворешни работи на Република Бугарија.

На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, како и за севкупните состојби во регионот, со посебен нагласок на предизвиците поврзани со стабилноста, безбедноста и евроатлантските процеси.

Информирајќи го г. Митов за актуелната политичка состојба во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека е неопходно сите политички фактори да делуваат одговорно, да се ангажираат во конструктивен дијалог во насока на институционално решавање на сите предизвици, согласно Уставот и законите на Република Македонија. Во тој контекст, македонскиот претседател укажа на последиците од статус-кво состојбата со македонските евроинтеграции кои излегуваат на површина во моменталната политичко-безбедносна состојба во Република Македонија.

Двајцата соговорници констатираа дека е потребно јасно и категорично ангажирање на Европската унија во процесот на стабилизација на земјата и продолжување со европските и евроатлантските интеграции.

Претседателот Иванов и министерот Митов, го потврдија заемниот интерес за унапредување на политичкиот дијалог на високо ниво. Заедничка констатација е дека постои интерес меѓу двете земји за надминување на предизвиците и за натамошно зајакнување на билатералните односи. Претседателот Иванов ги потврди заложбите за натамошен дијалог и продолжување со работа на групите за усогласување на Договорот за добрососедство пријателство и соработка, притоа реафирмирајќи ја определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.

„Република Македонија и Република Бугарија ја споделуваат визијата за Регионот, целосно интегриран во европските и евроатлантските структури, во овој процес поддршката од соседите е есенцијална", истакна претседателот Иванов, изразувајќи очекување дека Република Бугарија ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори со Република Македонија, како и поддршка за прием во НАТО.

Двајцата соговорници се согласија дека постои простор за интензивирање на соработката меѓу двете земји, како и за зајакнување на меѓусебната доверба, преку реализација на практични проекти во сферата на образованието, културата, економијата, евроинтеграцискиот процес, здравството, инфраструктурното поврзување, енергетиката, транспортот и животната средина.

putin
Честитка до г. Владимир Путин, Претседател на Руската Федерација, по повод Националниот празник на Руската Федерација
Петок, 12 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Руската Федерација, упати честитка до г. Владимир Путин, Претседател на Руската Федерација.

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особена чест и задоволство, по повод Националниот празник на Руската Федерација, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и благосостојба на нејзиниот народ.

Во оваа свечена пригода, сакам да го поздравам традиционалното пријателство меѓу нашите две земји. Воедно, сакам да искажам и задоволство за достигнатото ниво и постојаниот развој на соработката во повеќе сфери од заемен интерес.

Убеден сум дека со заемни ангажмани и во наредниот период ќе продолжи да јакне севкупната соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација за што ја повторувам мојата целосна подготвеност.

Упатувајќи Ви ги моите најискрени желби за Ваше добро здравје и лична среќа Ве молам, господине Претседателе, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 64 од 175