Соопштенија
Donald_Tusk
Честитка до г. Доналд Туск, Претседател на Европскиот совет по повод 9 Mај, Денот на Европа
Сабота, 09 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 9 Mај, Денот на Европа, упати честитка до г. Доналд Туск, Претседател на Европскиот совет.

Ваша Екселенцијо,

Дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод 9 Mај, Денот на Европа.

Одбележувајќи 65 години од Шумановата декларација, се потсетуваме на благородната визија за Европа како мировен проект што треба да донесе мир, надеж, просперитет на нашиот континент.

Ваша Екселенцијо, ја користам оваа пригода да Ве уверам дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес со цел достигнување на европските стандарди и критериуми и ќе продолжи да придонесува за регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа.
Република Македонија е подготвена, веднаш и неодложно, да ја започне следната фаза од интеграцијата во Европската унија, но истовремено бара почитување на меѓународното право и на меѓународно преземените обврски. Република Македонија бара еднаков и правичен однос од европското лидерство и од сите земји-членки на Европската унија и очекува да се примени позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на отворените билатерални прашања.

На Република Македонија како и на целиот регион на Југоисточна Европа потребна им е забрзана интеграција во Европската унија. Тоа е најдобриот начин нашиот Регион целосно да се консолидира, да влезе во фаза на поголема стабилност и просперитет. Истовремено со интеграцијата на Република Македонија и сите држави од Југоисточна Европа, ќе се консолидира и Европската унија.

Со такво очекување и со желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод 7 Мај – Денот на полицијата и безбедноста
Четврток, 07 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 7 Мај – Денот на полицијата и безбедноста, упати честитки до министерот за внатрешни работи, м-р Гордана Јанкулоска и до министерот за одбрана, д-р Зоран Јолевски.

Почитувана г-ѓо Јанкулоска,

Како Претседател на Република Македонија и како врховен командант, ми претставува задоволство Вам, на директорот на Бирото за јавна безбедност, на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и на сите припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, да Ви го честитам 7 Мај – Денот на полицијата и безбедноста.

Македонската полиција постои за да им служи на македонските граѓани, да се грижи за секојдневната заштита на нивните животи, личната безбедност и сопственост. Борејќи се против организираниот и сериозен криминал, заштита на демократските институции утврдени со Уставот и заштита од тероризмот, овластените службени лица придонесуваат кон добросостојбата и напредокот на Република Македонија и македонското општество. Преку чесноста и професионализмот во работата, припадниците на Министерството за внатрешни работи на дело ја покажуваат посветеноста кон добробитта на македонските граѓани.

На сите припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија им честитам за професионализмот во извршувањето на одговорните задачи, но пред сè за лојалноста кон татковината – Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Почитуван г. Јолевски,

Како Претседател на Република Македонија и како врховен командант, ми претставува задоволство Вам, на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, на раководителот на секторот Служба за воена безбедност и разузнавање, на командантот на баталјонот за Воена полиција и на сите овластени службени лица во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија, да ви го честитам 7 Мај – Денот на полицијата и безбедноста.

Давајќи придонес кон одбраната на Републиката, секторот Служба за воена безбедност и разузнавање и припадниците кои се наоѓаат во секциите Ј-2 и С-2 во структурата на командите и штабовите на Армијата на Република Македонија и припадниците на баталјонот за Воена полиција ја исполнуваат својата мисија кон добросостојбата и напредокот на Република Македонија и македонското општество. Преку чесноста и професионализмот во работата, припадниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија на дело ја покажуваат посветеноста кон добробитта на македонските граѓани.

На сите овластени службени лица во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија им честитам за професионализмот во извршувањето на одговорните задачи, но пред сè за лојалноста кон татковината – Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

drzaven
Средба на државниот врв на Република Македонија
Среда, 22 Април 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов вчеравечер свика состанок на кој надлежните институции од областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето го информираа државниот врв на Република Македонија за инцидентот во липковскиот регион.

На состанокот беа разменети првичните информации за нападот на караулата Гошинце, при што државниот врв го осуди инцидентот на северната граница на Република Македонија.

Државниот врв констатираше дека надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки и активности за расветлување на случајот, пронаоѓање на сторителите и нивно санкционирање. Воедно, државниот врв повикува на одговорно однесување на сите општествени фактори и да не се злоупотребува настанот во какви било цели.

Покрај македонскиот претседател, на состанокот присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, министерот за внатрешни работи на Република Македонија, министерот за одбрана на Република Македонија, началникот на Генералштабот на АРМ, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, директорот на Агенцијата за разузнавање и раководителот на Службата за воена безбедност и разузнавање при МО на РМ.

drzaven1

PRMportret2
Честитка од претседателот Иванов по повод Воскресение Христово – Велигден
Недела, 12 Април 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија:

Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед, и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден.

На овој значаен ден сите христијани се присетуваат на Христовото жртвување за спас на човештвото. На Велигден се разгласува веста за Христовото воскресение кое го празнуваме како победа на животот.

Чествувањето на Велигден е дел од нашето духовно и национално богатство. Празнувањето на овој светол ден е темелот на нашата вера и ја симболизира богатата македонска традиција која години наназад не учи на заедништво, да си помагаме еден со друг и да го почитуваме семејството и блиските.

Нека овој празник вдахнува со добра мисла, мир и спокој за сите верници, да побараме милост и благослов за изнемоштените и молитва за немоќните и слабите.

Честитајќи ви го овој голем христијански празник ви посакувам добро здравје и духовен мир.

Велигден е празник на семејството и ближните, затоа на сите верници им посакувам топлина во домот и светлина во пораката која треба да ја шириме за човечност, мир и разбирање.

Нека е за многу години големиот празник!
Христос воскресна!
Навистина воскресна!

cestitkaromi
Честитка по повод 8 април - Меѓународниот ден на Ромите
Вторник, 07 Април 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 април - Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите во Република Македонија е чествување на заложбите за афирмирање и вклученост на ромската заедница во современите општествени текови. Подигањето на свеста за интеграцијата во општеството е една од главните цели преку кои се врши подобрувањето на социјалната и економска положба на Ромите во Македонија. Заложбата за зголемување на свеста за значењето на образованието, еманципацијата на жената, како и подобрувањето на социјалната состојба се дел од политиките и светските стандарди за континуиран и хуман развој на општеството.

Наша визија е социјално интегрирање на ромската заедница преку активно вклучување и унапредување на принципите на еднаквост, солидарност, недискриминација и заштита на човековите права и слободи.

Ромите се лојални граѓани на Република Македонија и заедно со другите граѓани придонесуваат за развојот и за демократијата во неа. Уверен сум дека и во иднина, како и досега, заеднички ќе дејствуваме кон градење еднакви можности за сите, почитувајќи го принципот на еднаквост, недискриминација, промовирајќи ја заштитата на правата и владеењето на правото.

Нека ви е честит празникот!

д-р Ѓорге Иванов


Rejnders
Средба со г. Дидие Рејндерс, заменик премиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија
Понеделник, 06 Април 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Дидие Рејндерс, заменик премиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија.

Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Кралството Белгија. Заедничка констатација е дека односите и соработката меѓу двете земји имаат позитивна развојна динамика, а особено задоволство беше истакнато од фактот што трговската размена меѓу двете земји е во континуиран пораст.

Македонскиот претседател ја поздрави и соработката во другите области, особено во областа на одбраната, здравството, внатрешните работи, труд и социјална политика, животната средина.

На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Претседателот Иванов истакна дека членството во Европската унија и во НАТО останува највисок приоритет за Република Македонија, за што земјата посветено ги исполнува преземените обврски.

„Поради предолгата статус-кво состојба во интеграциите, Република Македонија се соочува со сериозни предизвици кои создаваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи", рече претседателот Иванов на средбата, истакнувајќи дека позитивните примери на паралелно движење на преговорите за членство и надминувањето на билатералните разлики, треба да се примени и во случајот на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот и актуелните случувања на меѓународен план.

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 66 од 175