Соопштенија
ambasador_baer
Проштална средба со амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Томас Михаел Баер
Вторник, 21 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Томас Михаел Баер.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од ‎одличните билатерални односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира континуиран политички дијалог и динамична соработка во повеќе области од заемен интерес.

Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека бројните средби и контакти со неговиот австриски колега, претседателот Фишер, само го потврдуваат искреното пријателство и позитивниот развој на односите меѓу Македонија и Австрија.

Македонскиот претседател, изрази благодарност за отворената и силна поддршка од страна на Република Австрија за највисоките стратешки цели на Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО.

„Граѓаните на Република Македонија во Австрија го гледаат најголемиот и најпринципијалниот поддржувач на европската интеграција на Република Македонија, и поради овој факт, како и поради економските врски и австриските инвестиции, вашата држава ужива голем углед во Република Македонија", истакна претседателот Иванов.

Австрискиот амбасадор Баер, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава. Тој додаде дека Австрија ќе продолжи да ги поддржува евро-атлантските аспирации на Република Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи да ги негува пријателството и соработката со Република Македонија.

По постигнатиот политички договор, во пресрет на Виенската конференција во август, амбасадорт Баер, истакна дека заминува со оптимизам за евроатлантската перспектива на Република Македонија, и со позитивни искуства и голема почит за моделот на меѓуетнички соживот кој се практикува во Македонија.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот Баер, посакувајќи му успех во натамошната кариера.

erdogan
Писмо со сочувство до турскиот претседател Ердоган по повод терористичките напади во Суруч
Вторник, 21 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо со сочувство до г. Реџеп Таип Ердоган, Претседател на Република Турција, по повод терористичките напади во Суруч, Република Турција.

Почитуван господине Претседателе,

Со длабока тага и чувство на огорченост ја примив веста за терористичките напади во Суруч, Република Турција, и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички акт.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејствата на настраданите и повредените, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое, лично, име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Сакам да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со Вас и со пријателскиот турски народ.

Господине Претседателе, овој грозоморен чин, како и впрочем сите кукавички акти на тероризмот, чии жртви се недолжни луѓе, нема да не поколеба во истрајноста на зачувување на споделените човечки и цивилизациски вредности и придобивки. Напротив, овој брутален терористички напад уште еднаш го покажа значењето на универзалните вредности кои се промовирани од страна на Република Македонија во рамките на Алијансата на цивилизациите.

Видовме дека тероризмот нема ниту одредена религија, ниту националност. За жал, тероризмот е глобална закана која бара глобална соработка и заемна поддршка, без каков било вид на предрасуди.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

PRM2
Честитка од претседателот Иванов по повод празникот Рамазан-бајрам
Четврток, 16 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник – Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и завршувањето на рамазанските пости.

По повод чествувањето на светиот месец Рамазан, на покана на моите пријатели од исламска вероисповед, присуствував на повеќе ифтарски вечери. Овие средби се секогаш добра можност да ја пратиме пораката дека соживотот и меѓусебното почитување се вековна традиција на овие простори.

Одбележувањето на овој голем исламски празник не потсетува дека верата, посветеноста и молитвата даваат духовен мир, а почитувањето на блиските и споделувањето со оние кои имаат помалку се универзални вредности за кои сите се залагаме.
Солидарноста и меѓусебната доверба се заеднички вредности кои секогаш не обединуваат. Искрено сум убеден дека и во иднина ќе го негуваме меѓуверското и меѓурелигиското почитување.

Со овие мисли дозволете, уште еднаш, Вам и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и да Ви посакам пријатни денови исполнети со мир и благосостојба.

д-р Ѓорге Иванов

francija-cestitka
Честитка од претседателот Иванов по повод Националниот празник на Француската Република
Вторник, 14 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, упати честитка до г. Франсоа Оланд, претседател на Француската Република.

Почитуван господине Претседателе,

По повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, го имам задоволството, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најискрени честитки и желби за просперитет на пријателска Франција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам високо уважување за зацврстувањето на односите меѓу Република Македонија и Француската Република.

За Република Македонија од особено значење e француската поддршка на нашите цели, членството во НАТО и Европската унија. Имајќи ги предвид бројните безбедносни закани за регионот, пролонгираната status quo состојба во европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија веќе не е само политичко туку и безбедносно прашање. Затоа, улогата на Франција како искрен поддржувач на перспективите за евроатланска интеграција на мојата земја, како и досега, и во иднина за нас ќе биде од стратегиско значење.

Честитајќи Ви го уште еднаш Националниот празник, Ве молам, господине Претседателе, да ги примете изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Obama1
Честитка до г. Барак Обама, претседател на САД, по повод 4 јули - Денот на независноста
Петок, 03 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 јули – Денот на независноста, упати честитка до Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама.

Почитуван господине Претседателе,

По повод 4 јули - Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и големо задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и срдечни желби за просперитет на Вашата држава, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Односите со Соединетите Американски Држави за нас се исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Соединетите Американски Држави даваат силна и континуирана поддршка на напорите за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешнополитички цели на Република Македонија.

Одамна заслуженото полноправно членство на нашата држава во НАТО, како и натамошната интеграција во Европската унија, стабилноста и просперитетот на регионот, продлабочувањето на регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи остануваат да бидат највисоки приоритети но и предизвици на нашата надворешна политика. Имајќи ги предвид бројните безбедносни закани за регионот, пролонгираната status quo состојба во евроатлантската интеграција на Република Македонија веќе не е само политичко туку и безбедносно прашање. Затоа, искрено се надеваме на Вашата лична поддршка и поддршката од Соединетите Американски Држави во насока на добивање на заслуженото полноправно членство во НАТО.

На крајот би сакал да ја пренесам подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со Соединетите Американски Држави во сите области од заемен интерес, како заеднички придонес кон просперитетот на регионот на Југоисточна Европа, но и воопшто, во глобални рамки, како стратешка определба на нашите држави.

Со такво убедување, дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRM-Kosias
Средба со г. Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција
Среда, 24 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција. Во тој контекст, претседателот Иванов го поздрави усогласувањето на мерките за доверба меѓу двете земји, оценувајќи дека тоа претставува значаен чекор за понатамошно унапредување на билатералните односи и може да придонесе за создавање позитивна атмосфера за надминување на разликата околу името.

Претседателот Иванов констатираше дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу двете општества никогаш не била на подобро ниво и порача дека политичарите треба да ја следат таа нова реалност што постои меѓу општествата, граѓаните и бизнис-заедницата на двете земји.

„Република Македонија опстојува на определбата за градење добрососедски односи и сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог да се бара решение за надминување на разликата за отвореното прашање", рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов ја истакна подготвеноста од македонска страна за натамошно јакнење на соработката со Република Грција во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст ја реафирмираше подготвеноста за средба со неговиот грчки колега, претседателот Павлопулос.

На средбата беа разменети мислења за севкупните состојби во регионот, во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Претседателот Иванов нагласи дека интеграцијата на државите од западен Балкан во ЕУ е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, и порача дека ЕУ мора да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нејзина најуспешна политика.

Двајцата соговорници се согласија за неопходност од соработка и доверба на македонските и грчките разузнавачки и полициски служби за заканите со кои се соочува регионот, но и за заканите по националната безбедност на двете држави.

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 63 од 175