Соопштенија
akreditivi_PRM-Sacdeva
Новоименуваниот амбасадор на Индија за Република Македонија ги предаде акредитивните писма
Петок, 27 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Индија за Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г. Раџеш Кумар Сачдева.

На свечената церемонија, претседателот Иванов на амбасадорот Сачдева му посака успешно извршување на дипломатските должности во земјата, и изрази задоволство од односите меѓу Република Македонија и Индија, кои ги карактеризира искрено пријателство, меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Иванов, изрази очекување за поинтензивно развивање и за унапредување на досегашната соработка во сите сфери од заеднички интерес, со надеж за содржински побогат заемен ангажман, во наредниот период.

„Би сакал да ја истакнам нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка, како и нашиот интерес за воспоставување поинтензивна економска соработка. Сакам да знаете дека на тој план Република Македонија е целосно подготвена", рече македонскиот претседател во поздравното обраќање.

Амбасадорот Сачдева, истакна дека односите меѓу Индија и Македонија во последните две децении, се развиваат на високо и пријателско ниво, базирано на континуираните заложби меѓу двете влади, бизнисот и народот на двете земји, додавајќи дека потврда за тоа се и посетите на високо ниво во изминативе неколку години.

„Се надевам дека во годините што следат, ќе бидеме сведоци на зголемување на трговската размена и на инвестициите меѓу Индија и Македонија. Ве уверувам дека промоцијата на трговската размена и на инвестициите меѓу двете земји, ќе биде највисок приоритет за мене", потенцираше индискиот амбасадор Сачдева во својот говор.
akreditivi_PRM-Sacdeva2

PRM_-_Mornar
Средба со Министерот за наука, образование и спорт на Република Хрватска, г. Ведран Морнар
Вторник, 24 Февруари 2015
PRM_-_Lukshic
Средба со г. Игор Лукшиќ, потпретседател на Владата и Министер за надворешни работи и евроинтеграции на Црна Гора
Понеделник, 23 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими д-р Игор Лукшиќ, потпретседател на Владата и Министер за надворешни работи и евроинтеграции на Црна Гора.

На средбата, соговорниците изразија задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Црна Гора и беа реафирмирани заедничките стратешки цели, мир и стабилност во регионот и членство во европските и евроатлантските структури.

Претседателот Иванов ја поздрави одличната политичка соработка и континуираните средби на сите нивоа и истовремено потенцираше дека економската соработка, инвестициите и инфраструктурното поврзување меѓу двете земји, како и регионалната соработка и соработката во евроатлантските интеграции, треба да бидат врвни приоритети во натамошните односи меѓу двете земји.

На средбата беше изразено заемно задоволство од потпишувањето на Протокол за колокација на дипломатско-конзуларните претставништва.

dacic
Средба со г. Ивица Дачиќ, претседавач на ОБСЕ
Среда, 18 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Ивица Дачиќ, прв потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија, кој во улога на претседавач на ОБСЕ престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на земјата во повеќе сфери - владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

Претседателот Иванов изрази задоволство од фактот што Република Србија, како земја сосед на Република Македонија, претседава со ОБСЕ, и во тој контекст изрази уверување дека српското претседателство на соодветен начин ќе ги изрази интересите на регионот.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, целосно ја поддржува работата на организацијата и на српското претседателство.

Македонскиот претседател го запозна претседавачот на ОБСЕ, г. Дачиќ, дека за Република Македонија останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во интеграциите, додавајќи дека евро-атлантските интеграции даваат дополнителна кохезивна сила во нашето општество.

На средбата се разговараше за состојбите во поширокиот регион, како и за актуелните ангажмани на српското претседателство со ОБСЕ, особено во контекст на справувањето со феноменот на странски борци и насилниот екстремизам.

Српското претседавање со ОБСЕ, порача претседателот Иванов, треба да се искористи за зајакнување на соработката во нашиот регион по прашањето за справување со насилниот екстремизам и странските борци, истакнувајќи дека се потребни соодветни проекти, во соработка со ОБСЕ, за соочување и превенција од овие закани.

Соговорниците разменија мислења и за кризата во Украина, како еден од актуелните приоритети на организацијата. Во таа насока, претседателот Иванов уште еднаш ја нагласи поддршката на напорите на ОБСЕ и на српското претседателство за изнаоѓање на дипломатско решение на проблемот.

jahjaga
Честитка по повод Денот на независноста на Република Косово
Вторник, 17 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до косовскиот претседател г-ѓа Атифете Јахјага, по повод Денот на независноста на Република Косово.

Почитувана г-ѓа Претседател,


Ми претставува особено задоволство, по повод Денот на независноста на Република Косово, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и благосостојба на нејзините граѓани.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од високиот степен на пријателски односи и соработка меѓу нашите држави. Уверен сум дека соработката меѓу нашите две држави не само што ќе продолжи, туку во наредниот период и ќе се интензивира во сите области од заемен интерес. Споделувајќи идентична визија за стабилност и просперитет на нашиот регион, освен на билатерално ниво, очекувам интензивирање на соработката и на регионален план, како и во поглед на евроатланските интеграции. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, Почитувана г-ѓа Претседател, изразите на моето највисоко почитување.


д-р Ѓорге Иванов


han1
Средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, г. Јоханес Хан
Вторник, 17 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, г. Јоханес Хан.

На средбата беше разговарано за интеграцискиот процес на Република Македонија во Европската унија, за унапредувањето на добрососедските односи, како и за актуелните случувања во земјава.

Претседателот Иванов истакна дека нашата држава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека е потребно Европскиот Совет да ги согледа последиците од моменталната статус кво состојба и да најде начин за валоризација на позитивните препораки од Европската Комисија.

Во тој контекст, македонскиот претседател побара поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан, и укажа дека предолгото чекање за следниот исчекор во евроатлантските интеграции, предизвикува фрустрации во нашето општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи.

Претседателот Иванов го реафирмираше ставот на Република Македонија за градење и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, како и подготвеноста за решавањето на сите отворени прашања, со цел придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион.

„Позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики, треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед", рече претседателот Иванов.

Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порача политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

„Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството, и истите мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог. Како Претседател давам целосна поддршка за ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела", истакна македонскиот претседател.

Комесарот Хан, изрази надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

„Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во парламентот, а не надвор од парламентот. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања", порача комерасорот Хан, и додаде дека е потребно Македонија напорно да работи на клучните забелешки од Извештајот за напредокот на Европската Комисија.
han2

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 68 од 175