Соопштенија
PRMportret2
Честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Недела, 05 Април 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и апостолски егзарх, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија да Ви го честитам христијанскиот празник Велигден.

На овој ден сите христијани се присетуваат на пораката испратена со Христовото жртвување за спас на човештвото. На Велигден се разгласува веста за Христовото воскресение која е радост, утеха и поука за верниците. Нема поголема радост од онаа кога се празнува животот.

На овој ден споменуваме за победата на животот над смртта. Христовата жртва нека биде благослов и мотив за да ја шириме пораката за човечноста, мирот, разбирањето и заедништвото.

Нека е за многу години големиот христијански празник!
Христос воскресна!
Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

PRM2
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот еврејски празник Пaсха
Петок, 03 Април 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до г-ѓа Берта Романо-Николиќ, Претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија да Ви го честитам претстојниот празник Пaсха, денот кога се прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство.

Историјата на еврејскиот народ е бурна и познава многу неправди, на раселувања и прогонувања, на големи жртви и страдања. Но, уште позначајно е дека тоа не ја намалила надежта за подобар живот, независност и самостојност, туку напротив само ја зајакнала. Токму затоа ги чествуваме празниците како овој, за да не потсетуваат дека не треба да го заборавиме минатото бидејќи тоа не учи и ни дава надеж за нови предизвици и победи.

Припадниците на Еврејската заедница се прифатени и се почитувани како неотуѓив дел од македонскиот модел на соживот и придонес во општествениот развој на Република Македонија. Негувајќи ги меѓусебните односи и традиции создадовме вредности за идните генерации.

Честитајќи Ви го празникот Пасха примете ги моите искрени желби за мир, меѓусебна доверба и пријателство.

д-р Ѓорге Иванов

Saudiska_Arabija_akreditivi
Новоименуваните амбасадори на Кралството Саудиска Арабија и на Соединетите Мексикански Држави ги предадоа акредитивните писма
Петок, 27 Март 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Саудиска Арабија и на Соединетите Мексикански Држави за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, Н.Е. г. Талам Салем Радван, претседателот Иванов истакна дека во основата на односите меѓу двете земји е духот на меѓусебното разбирање и почитување, со бројни потенцијали за соработка во многу сфери од заемен интерес. Македонскиот претседател ја нагласи потребата од продлабочување на економската соработка како и збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка.

Новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, во поздравното обраќање ги констатираше добрите односи меѓу двете земји, изразувајќи увереност за нивното понатамошно зацврстување.

Meksiko_akreditivi_1На свеченоста по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави, Н.Е. г. Хосе Еваристо Рамон Шилоти Рамирес, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот и нагорен развоен тренд во билатералните односи меѓу двете држави, со надеж за искористување на потенцијалите за соработка во сите области од заемен интерес, особено во економската културната и образовната сфера, како и сферата во доменот на науката и технологијата.

Новоименуваниот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави, истакна дека Македонија и Мексико се географски оддалечени, но кога постои волја за меѓусебно разбирање и соработка, далечината е неважна. Двете нации знаат дека соработката меѓу народите е формулата за реализирање проекти од заемен интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

pavlopoulos
Честитка по повод Националниот празник на Република Грција
Среда, 25 Март 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Република Грција упати честитка до г. Прокопис Павлопулос, Претседател на Република Грција.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви го честитам Националниот празник на Република Грција и да Ви упатам најискрени желби за натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.

Ја користам оваа свечена пригода, да истакнам дека градењето на добрососедските односи, регионалната стабилност и соработка, интегрирањето во Европската унија и НАТО се областите кои за нас претставуваат највисоки приоритети. На овој план сакам да Ве уверам во мојата и на Република Македонија целосна подготвеност за тесна соработка со Вас и Република Грција.

Искрено се надевам дека со заеднички напори ќе ја надминеме разликата во нашите односи и дека ќе успееме да го надоместиме сето она што беше пропуштено во изминатите две децении. Уверен сум дека со заеднички заложби можеме да создадеме попозитивна клима на заемна доверба и почит, со што ќе ја охрабриме соработката во сите области од заемен интерес и ќе обезбедиме просперитетна иднина за нашите граѓани.

Со надеж дека наскоро ќе имаме можност и лично да се сретнеме, честитајќи Ви го уште еднаш празникот, Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ги примите изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

ambasadori1
Средба со амбасадорите на САД, ЕУ, ОБСЕ и претставникот на НАТО во Република Македонија
Четврток, 19 Март 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими г. Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави, г. Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија, г-a Мариан Берец, Вршител на должноста Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетан Румен Радев.

На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо го цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ. Македонскиот претседател изрази благодарност до соговорниците за нивната посветеност кон надминување на предизвиците поврзани со актуелната политичка состојба во земјата, како и за поддршката која Република Македонија ја добива во насока на реализација на надворешно-политичките стратешки приоритети.

Претседателот Иванов потенцира дека евроатлантската интеграција на Република Македонија, не само што претставува највисока стратешка цел за земјата, туку истата има огромна кохезивна и трансформирачка моќ во македонското општество. Дијалогот останува единствениот начин преку кој се надминуваат сите предизвици и сите општествени фактори имаат одговорност за интересите на граѓаните и на државата, посочи претседателот Иванов.

plevneliev
Честитка по повод Националниот празник на Република Бугарија
Вторник, 03 Март 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Република Бугарија упати честитка до г. Росен Плевнелиев, Претседател на Република Бугарија.

Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особена чест и задоволство од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Националниот празник на Република Бугарија.

Дозволете ми во оваа свечена пригода, да го изразам моето уверување дека со заемен ангажман ќе придонесеме за натамошен развој на билатералните односи и за уште поуспешна и поплодна соработка на сите полиња од заеднички интерес.

Градењето на добрососедските односи, регионалната стабилност и соработка, интегрирањето во Европската унија и НАТО се областите кои претставуваат приоритет за Република Македонија. Верувам во заемната подготвеност за блиска соработка со Вас, господине Претседател, на овој план за добробитта на двете држави.

Традиционалното пријателство и меѓучовечките врски се огромен потенцијал што треба со заеднички напори да го ставиме во функција на зајакнување на пријателството и меѓусебната доверба и интензивирање на севкупната соработка.
Дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 67 од 175