Соопштенија
kiska
Честитка до г. Андреј Киска, Претседател на Словачката Република, по повод Националниот празник на Словачката Република
Вторник, 01 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Словачката Република, упати честитка до г. Андреј Киска, Претседател на Словачката Република.

Ваша Екселенцијо,

По повод Националниот празник на Словачката Република, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, Ви упатувам срдечни честитки и желби за натамошен просперитет на Вашата пријателска држава и на Вашиот народ.

Дозволете ми, во оваа пригода, да го поздравам досегашниот развој на односите и соработката меѓу нашите две пријателски земји и, воедно, да ги искажам интересот и подготвеноста за нивно натамошно унапредување и интензивирање, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Воедно, сакам да изразам благодарност за принципиелната поддршка од Словачката Република за реализацијата на нашите стратегиски цели за евроатлантска интеграција.

Со искрени желби за лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам Ваша Екселенцијо, изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица
Четврток, 27 Август 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

На овој голем христијански празник го прославуваме небесното вознесение на Мајката Божја. Празнувајќи ги животот, љубовта и посветеноста на Мајката кон своето чедо, ги славиме христијанските начела и вредности за праведност, прошка, хуманост и добрина. Нејзиниот живот, нејзината големина и посветеност кон верата нека се наша водилка кон почитување на мајката која дарува живот, љубов и трпеливост. Таа нé учи да ги почитуваме своите блиски, да споделиме љубов и грижа за блиските и да дадеме помош на оние на кои најмногу им е потребна.

Во Република Македонија, Мајката Божја е почитувана и прославувана како заштитничка на сите жени и мајки, закрилник на сите христијани. Нејзиното успение е симбол за големината на неизмерливата вера и верба за човечност, мир и разбирање.

Нека е света, вечна и почитувана Мајка Богородица.

д-р Ѓорге Иванов

malezija1
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Малезија
Среда, 26 Август 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид ги прими акредитивните писма од Н.Е. г. Мохамед Садик Кетергани, новоименуван амбасадор на Кралството Малезија за Република Македонија, со седиште во Будимпешта.

Посакувајќи му добредојде на амбасадорот Кетергани во Република Македонија, претседателот Иванов рече дека меѓу двете земји постои голем потенцијал за развој и унапредување на меѓусебните односи.

„Вашето именување за вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Малезија во Република Македонија претставува уште една потврда на успешните и пријателски односи меѓу двете држави. Дозволете ми, во тој контекст, да нагласам дека Република Македонија придава посебно внимание на развојот и унапредувањето на севкупните односи со пријателска Малезија, на билатерален и на мултилатерален план. Секако, посебен акцент во идниот период треба да се стави на економската соработка", рече претседателот Иванов.

Амбасадорот Кетергани истакна дека Малезија придава големо значење на билатералните односи со Република Македонија, оценувајќи ги како срдечни. Тој се осврна и на соработката на мултилатерален, културен и на економски план.

„Трговската размена меѓу двете земји е охрабрувачка. Но, многу повеќе може да се направи за натамошно подобрување на билатералните економски и трговски врски, во заеднички интерес на двете земји. Во насока на ова, ги охрабруваме бизнисмените од двете земји да го испитаат потенцијалот што постои во двете земји", рече амбасадорот Кетергани.

Претседателот Иванов на амбсадорот Кетергани му посака успешно вршење на оваа високо ценета и одговорна функција.

malezija2

MNR
Работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство
Понеделник, 24 Август 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, во рамки на Амбасадорскиот совет што се одржува во Министерството за надворешни работи.

На средбата беа разменети мислења за работата и активноста на македонската дипломатија, приоритетите поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија и НАТО, добрососедските односи, регионалната соработка, ангажманот на мултилатерален план, економската и јавната дипломатија.

„Наша заедничка задача е да продолжиме со несмалено темпо да работиме на евро-атлантската агенда на Република Македонија", рече претседателот Иванов.

Во фокусот на средбата со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство беа приоритетите на македонската дипломатија до Самитот на НАТО во Варшава во 2016 година, при што претседателот Иванов даде насоки и идеи како да се помести статус-кво состојбата во поглед на интеграцијата на Република Македонија.

„Очигледната стагнација во однос на едно важно прашање може и треба да се увиди и констатира од наша страна, но не смее никако да не натера да ја прифатиме како наша постојана реалност, и особено не како наша иднина", рече претседателот Иванов на средбата.

„Македонија се соочува со закани што бара развој на сосема поинаков систем за информирање на сите надлежни субјекти вклучени во сферата на безбедноста".

„Специјалната војна на Исламската држава и водењето на пропаганда во остварување на нивните интереси бара соодветен одговор содржан во еден таков систем за информирање", додаде македонскиот претседател.

Претседателот Иванов се осврна и на актуелната мигрантска криза, oсобено на безбедносните, економските и хуманитарните аспекти и нагласи дека на сето тоа мора да се пристапи со сериозна анализа, со цел да се преземат соодветни чекори. Претседателот Иванов рече дека мигрантската криза не може да се реши со бирократски средства, туку дека е потребна сериозна акција и организиран европски одговор за нејзино дневно управување.

„Кризата покажа дека Македонија е на главниот европски коридор кон Блискиот Исток и Северна Африка, иако, за жал, земјата сеуште не е членка на ЕУ. За дипломатијата ќе биде клучно интензивно да информираат за мигрантската криза во земјите кадешто се акредитирани и да овозможат дневна координација меѓу безбедносните, разузнавачките и хуманитарните институции на Република Македонија, на Европската унија и земјите-членки", рече претседателот Иванов.

Тој од шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва побара проактивност, изнаоѓање нови начини за промоција на Република Македонија, за зајакнување на постоечките и создавање нови пријателства. Претседателот Иванов побара зајакнување на кадровскиот и финансискиот капацитет на дипломатијата.

Клучна улога имаат амбасадорите во непосредното соседство, од кои очекува удвојување на активностите за соработка.

„Во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес. На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа со нови потреби за конкретни проекти во регионалната соработка".

Тој од шефовите на ДКП-а во странство побара поинтензивен ангажман во однос на јавната дипломатија и афирмацијата на македонските позиции во разни области.

„Не можам да бидам задоволен од активноста на македонската дипломатија во сферата на јавната дипломатија", и ја посочи како пример пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 5 декември 2011 година, која не смее да биде ставена на страна, заборавена, минимизирана. „Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е еден од најголемите македонски дипломатски успеси, која има свое влијание и во процесот што се води во Обединетите нации и е потврда за исправноста на македонските позиции".

На средбата беа разменети мислења околу потребата за обединување на дијаспората и надминување на проблемите со кои се соочуваат, за што побара поголема заложба од шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва.

Akreditivi_Avstrija
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Р. Австрија, на Кралството Холандија и на Р. Хрватска
Понеделник, 24 Август 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Австрија, на Кралството Холандија и на Република Хрватска во Република Македонија.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Н.Е. г-ѓа Ренате Коблер, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и Република Австрија во изминативе две децении изградија стабилни и цврсти пријателски и партнерски односи, засновани на меѓусебна доверба и заемно почитување.

„Република Австрија е втор инвеститор во Република Македонија, а австриската бизнис-заедница и австриските компании со успех дејствуваат на македонскиот пазар. Отворени сме и подготвени за натамошно продлабочување на овој посебно значен сегмент од нашата соработка. Се надевам дека и Вашето богато дипломатско искуство, кое високо го цениме, несомнено ќе даде голем придонес за таа цел", рече претседателот Иванов во поздравното обраќање и додаде дека со заеднички напори очекува во наредниот период нов импулс и дополнителна енергија за преоѓање во уште подинамична и понапредна фаза од развојот на односите и соработката меѓу двете земји.

Новоименуваниот амбасадор Ренате Коблер истакна дека ќе се заложи за продлабочување и проширување на односите помеѓу двете земји, како и за унапредување на евроатланската интеграција на Република Македонија. Во поглед на актуелната состојба со мигрантите на македонската граница, амбасадорката Коблер изрази подготвеност за да се продолжи со напорите и поддршката за Македонија во однос на зголемувањето на капацитетите на граничната администрација и системот за азил, заедно со европските институции и другите земји – членки на ЕУ.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија Н.Е. г. Вилем Ваутер Пломп, претседателот Иванов истакна дека помеѓу двете земји веќе две децении постои континуирана и тесна соработка во повеќе области од заемен интерес, што е во полза на граѓаните на двете земји. Македонскиот претседател рече дека Република Македонија високо ги вреднува несебичните и посветени активности кои Кралството Холандија ги вложува за директно помагање на македонското општество во однос на процесите кои водат кон европска трансформација.Akreditivi_Holandija

„Развојната соработка е јадрото на традиционалното партнерство меѓу нашите две држави и двигател на сè поинтензивната соработка на секторско ниво. Привилегија за Република Македонија е да гради и да одржува сеопфатна интеракција со Кралството Холандија, земја-основач на НАТО и на Европската унија, како и предводник на полето на владеењето на правото", рече претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор Вилем Ваутер Пломп нагласи дека Кралството Холандија и понатаму ќе остане силен поддржувач на интеграцијата на Република Македонија во евро-атланските структури, а во однос на билатералната соработка ќе се продолжи со пружање на практична помош преку ИПА инструментите на ЕУ, твининг договори и билатералната програма МАТРА.

„Нема сомнение дека Македонија, која секогаш била дел од европската историја и која во последните денови се справува со зголемениот број на бегалци и мигранти кои се на пат кон Западна Европа, ќе може да го даде својот придонес кон развојот на европските институции во 21. век како мулти-етничка и мулти-културна демократија," истакна г. Ваутер Пломп.

На свеченоста по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска, Н.Е. г-ѓа Данијела Баришиќ, претседателот Иванов ја нагласи сестраната соработка меѓу двете земји на сите полиња од заеднички интерес и констатираше дека постои јасно изразена волја за интензивирање на економската соработка и трговската размена, со заедничка цел за целосно искористување на економските потенцијали на двете земји. Македонскиот претседател изрази задоволство и од соработката кои двете земји ја имаат и на мултилатерален план за што е доказ редовната меѓусебна поддршка во меѓународните организации.

Akreditivi_Hrvatska„Во целиот регион сè уште има сериозни предизвици, чиишто извори се од минатото. Нема друга одржлива сила што неповратно ќе го стабилизира Балканот и ќе донесе траен мир, освен евроатлантските интеграции. Затоа, оправдано очекуваме од Република Хрватска уште позасилена поддршка во наредниот период", подвлече претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор Данијела Баришиќ истакна дека нејзиниот мандат ќе биде насочен кон зајакнување на заемните економски односи, за што постојат многу можности, особено во прехрамбената, фармацевтската индустрија и градежништвото, како и на политички и на безбедносен план, нагласувајќи дека Хрватска и понатаму е подготвена на секој начин да и помогне на Македонија на нејзиниот пат во Европската унија и НАТО и тоа не како патрон, туку како партнер.

„Нашиот заеднички интерес како на земјите од регионот и на Европска унија е политичка стабилност, а спроведување на реформи на патот на евро атлантските интеграции е најдобра гаранција за постигнување на безбедност и стабилност", рече г-ѓа Баришиќ.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност

OTE_1
Средби со предавачи на Школата за млади лидери
Недела, 16 Август 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во „Вила Билјана" во Охрид оствари средби со предавачи на Школата за млади лидери.

Претседателот Иванов се сретна со амбасадорот Марк Оте, Директор на Кралскиот институт за меѓународни односи на Кралството Белгија ЕГМОНТ, еден од најпрестижните институти од овој тип во Европа. Амбасадорот Оте на покана на претседателот Иванов е еден од предавачите на 6. Школа за млади лидери.

На средбата со амбасадорот Оте, беа разменети мислења околу актуелните геополитички случувања и евроинтегративните процеси на Македонија.

Претседателот Иванов ја поздрави соработката меѓу Кралскиот институт од Белгија и Школата за млади лидери, и притоа беа разменети мислења околу можноста за проширување на соработката помеѓу ЕГМОНТ институтот и други образовни и научни институции во Република Македонија.

Марк Оте искажа задоволство што дел од своето искуство во дипломатијата ќе може да го пренесе на учесниците на шестата Школа за млади лидери, и предложи нови можности за соработка на кои ќе се работи во следниот период.


Претседателот Иванов во „Вила Билјана" во Охрид се сретна и со поранешниот бугарски претседател, г. Петар Стојанов, кој на покана на македонскиот претседател е еден од предавачите на шестата по ред Школа за млади лидери.

На средбата, претседателот Иванов и Петар Стојанов разменија мислења за билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија како и за актуелните прашања од регионот.

Двајцата соговорници се согласија дека двете земји треба и во иднина да ги унапредуваат добрососедските односи, да соработуваат во сферата на евроатлантските интеграциски процеси, и во сите области кои се во интерес на мирот, стабилноста и развојот на регионот.

Стојанов се заблагодари на поканата за учество и ја поздрави иницијативата на претседателот Иванов за одржување на една ваква Школа за млади лидери, како и неговите лични заложби за надградување на образованието, лидерските и менаџерските способности на младите и талентирани луѓе од Република Македонија.


Претседателот Иванов го прими и  г. Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО". ALTVAIJRI_2

Отман Алтваијри на покана на претседателот Иванов ќе одржи предавање на 6. Школа за млади лидери околу улогата на образованието во ширење на вредностите на културната разноликост.

На средбата беа разменети мислења околу актуелните прашања во регионот, Европа и Светот, за улогата на религијата во градењето на демократските општества, но и за нејзината злоупотреба во политички цели. Исто така се разговараше и за активностите и ангажманот на Република Македонија како и на „ИСЕСКО" во рамките на Алијансата на цивилизациите на ОН.

Отман Алтваијри го поздрави македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и заложбите на претседателот Иванов во унапредувањето на меѓусебната почит, толеранција и соживот меѓу сите верски и етнички заедници во Република Македонија.

MURADOV_2Претседателот Иванов се сретна и со г. Ровшан Мурадов, Генерален секретар на Меѓународниот центар „Низами Ганџави" од Азербејџан, кој на покана на македонскиот претседател е гостин на шестата по ред Школа за млади лидери.

Двајцата соговорници уште еднаш го поздравија Меморандумот за соработка кој годинава во Баку беше потпишан помеѓу Школата за млади лидери и Меѓународниот центар „ Низами Ганџави".

Претседателот Иванов и г. Мурадов изразија очекување дека во иднина ќе бидат отворени и нови можности за соработката меѓу Република Македонија и Република Азербејџан, особено во сферата на образованието и науката.

Меѓународен центар„ Низами Ганџави", е главен организатор на Глобалниот Баку форум во Азербејџан, на кој редовно учествуваат околу 40 активни и поранешни претседатели, меѓу кои и претседателот Иванов. 

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 61 од 175