Средби со предавачи на Школата за млади лидери
Недела, 16 Август 2015   

OTE_1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во „Вила Билјана" во Охрид оствари средби со предавачи на Школата за млади лидери.

Претседателот Иванов се сретна со амбасадорот Марк Оте, Директор на Кралскиот институт за меѓународни односи на Кралството Белгија ЕГМОНТ, еден од најпрестижните институти од овој тип во Европа. Амбасадорот Оте на покана на претседателот Иванов е еден од предавачите на 6. Школа за млади лидери.

На средбата со амбасадорот Оте, беа разменети мислења околу актуелните геополитички случувања и евроинтегративните процеси на Македонија.

Претседателот Иванов ја поздрави соработката меѓу Кралскиот институт од Белгија и Школата за млади лидери, и притоа беа разменети мислења околу можноста за проширување на соработката помеѓу ЕГМОНТ институтот и други образовни и научни институции во Република Македонија.

Марк Оте искажа задоволство што дел од своето искуство во дипломатијата ќе може да го пренесе на учесниците на шестата Школа за млади лидери, и предложи нови можности за соработка на кои ќе се работи во следниот период.


Претседателот Иванов во „Вила Билјана" во Охрид се сретна и со поранешниот бугарски претседател, г. Петар Стојанов, кој на покана на македонскиот претседател е еден од предавачите на шестата по ред Школа за млади лидери.

На средбата, претседателот Иванов и Петар Стојанов разменија мислења за билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија како и за актуелните прашања од регионот.

Двајцата соговорници се согласија дека двете земји треба и во иднина да ги унапредуваат добрососедските односи, да соработуваат во сферата на евроатлантските интеграциски процеси, и во сите области кои се во интерес на мирот, стабилноста и развојот на регионот.

Стојанов се заблагодари на поканата за учество и ја поздрави иницијативата на претседателот Иванов за одржување на една ваква Школа за млади лидери, како и неговите лични заложби за надградување на образованието, лидерските и менаџерските способности на младите и талентирани луѓе од Република Македонија.


Претседателот Иванов го прими и  г. Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО". ALTVAIJRI_2

Отман Алтваијри на покана на претседателот Иванов ќе одржи предавање на 6. Школа за млади лидери околу улогата на образованието во ширење на вредностите на културната разноликост.

На средбата беа разменети мислења околу актуелните прашања во регионот, Европа и Светот, за улогата на религијата во градењето на демократските општества, но и за нејзината злоупотреба во политички цели. Исто така се разговараше и за активностите и ангажманот на Република Македонија како и на „ИСЕСКО" во рамките на Алијансата на цивилизациите на ОН.

Отман Алтваијри го поздрави македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и заложбите на претседателот Иванов во унапредувањето на меѓусебната почит, толеранција и соживот меѓу сите верски и етнички заедници во Република Македонија.

MURADOV_2Претседателот Иванов се сретна и со г. Ровшан Мурадов, Генерален секретар на Меѓународниот центар „Низами Ганџави" од Азербејџан, кој на покана на македонскиот претседател е гостин на шестата по ред Школа за млади лидери.

Двајцата соговорници уште еднаш го поздравија Меморандумот за соработка кој годинава во Баку беше потпишан помеѓу Школата за млади лидери и Меѓународниот центар „ Низами Ганџави".

Претседателот Иванов и г. Мурадов изразија очекување дека во иднина ќе бидат отворени и нови можности за соработката меѓу Република Македонија и Република Азербејџан, особено во сферата на образованието и науката.

Меѓународен центар„ Низами Ганџави", е главен организатор на Глобалниот Баку форум во Азербејџан, на кој редовно учествуваат околу 40 активни и поранешни претседатели, меѓу кои и претседателот Иванов. 

  Back<<Назад