Соопштенија
PRM2
РЕАКЦИЈА на претседателот Иванов на изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дадена во емисијата „Вин-Вин“
Петок, 18 Септември 2015

Реакција на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дадена во емисијата „Вин-Вин" на телевизијата „24 Вести" на 17 септември 2015 година во 21.00 ч.

Во однос на изјавата на Зоран Заев дадена во емисијата „Вин – Вин", на телевизијата „24 Вести" на 17 септември 2015 г. во 21.00 часот во која вели:

„Уште една потврда дека првиот човек во државата, Претседателот на државата е само статист на македонската политичка сцена. Јас ќе ви кажам вака: бевме во Стразбур, преговаравме во кабинетот на Хан, бевме во Брисел, преговаравме во Кабинетот на Хан, бевме овде во Пржино во резиденцијата на Европската Унија и ако беше се нормално во Македонија требаше да преговараме во Резиденцијата на Претседателот на државата";

сакам да ја информирам јавноста дека токму Зоран Заев е тој што со своите изјави лаже и грубо ја манипулира јавноста, поради следниве аргументи:

Разрешницата на актуелната политичка криза започна на моја лична иницијатива.

- По подолг период без елементарен политички дијалог, на 10 мај 2015, утрото, лично му се јавив на Зоран Заев и го поканив на Советот за безбедност. Тој ја прифати поканата и учествуваше на седницата на Советот одржана во проширен состав. На самата седница, на политичките лидери им најавив дека наредните денови ќе свикам лидерска средба во мојот Кабинет за надминување на политичката криза.

- Три дена подоцна повторно му се јавив за да го поканам тој ден да учествува на лидерска средба во претседателскиот Кабинет. Зоран Заев побара да се консултира со партијата.

- Сега го повикувам Зоран Заев да покаже образ и да ѝ објасни на јавноста и на сопственото членство поради кои причини не ја прифати поканата да учествува на лидерската средба во претседателскиот кабинет. Да го потсетам, аргументот што мене ми го кажа е дека не постојат никакви гаранции дека тој нема да биде уапсен врз основа на обвиненијата кои се поведени против него.

- Мојот Кабинет за овој разговор ги извести амбасадорите на САД и ЕУ, и под нивен притисок, Заев прифати да учествува на лидерската средба, но во Клубот на пратеници.
Кога веќе Зоран Заев сака да манипулира и дрско да ја лаже македонската јавност, ќе дополнам уште неколку работи.

- Првата политичка криза во 2011 беше решена со серија лидерски средби, во потесен и во проширен состав, на моја иницијатива во претседателскиот Kабинет.

- Кризата од 2012 по настаните во Парламентот од 24 декември, беше повторно надмината на моја иницијатива, а со учество на ЕУ и лидерите на политичките партии.

- Веднаш по мојата втора инаугурација, повторно го поканив Заев на средба во Кабинетот. Заев ја прифати поканата, но до ден-денес сè уште се нема појавено.

Сето ова јасно укажува на неговиот континуиран однос кон државните институции.

Република Македонија има сили да ги надмине сите политички предизвици, со сопствени капацитети, но само доколку лидерите на политичките партии се однесуваат одговорно кон државата, кон граѓаните и кон своето членство. За жал лидери од профилот на Зоран Заев очигледно недоволно ја разбираат нивната улога и одговорност, или се заложници на концептот за уривање и дискредитирање на институциите по секоја цена.

На крајот, Зоран Заев вчера кажа „ако беше се нормално во државата требаше да преговараме во резиденцијата на Претседателот". Во резиденцијата на Претседателот секогаш нормално се преговараше кога во Македонија имаше одговорни лидери. За жал, опозицијата сега за лидер го има Зоран Заев.

PRMportret2
Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Рош Хашана
Недела, 13 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Рош Хашана, односно започнувањето на еврејската Нова година, упати честитка до претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Берта Романо-Николиќ и до припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам големиот празник Рош Хашана.

Рош Хашана е празник на кој припадниците на Еврејската заедница се присетуваат на сите добри и лоши дела во текот на изминатата година. Затоа и деновите што следат се поврзуваат со длабока етичка и морална одговорност.

Обичаите кои се карактеристични за овој празник се поврзани со блиските и со семејството, со прошката и поддршката, но и со хуманите вредности кои се наша заложба. Желбата за создавање подобар живот и животни вредности е тоа што нè сплотува во учењето едни од други. Негувајќи ги традициите создаваме позитивни вредности за идните генерации.

По повод големиот празник Ви посакувам претстојните празнични денови да ги прославите во духот на повеќевековната традиција, во семеен мир и добросостојба.

Шана Това

д-р Ѓорге Иванов

prmcestitki
Честитки до претседателот Иванов по повод 8 Септември - Денот на независноста
Петок, 11 Септември 2015

По повод празникот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беа упатени писма со честитки од голем број шефови на држави од светот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама, во името на американскиот народ упати честитка до претседателот Иванов и до македонскиот народ во која вели дека Македонија има со што да се гордее на 24-годишнината од нејзината независност. „Соединетите Држави и натаму ќе бидат Ваш непоколеблив партнер во Вашите напори за создавање на уште попросперитетна, демократска иднина, и очекуваме натамошно зајакнување на нашето пријателство со Македонија и нејзиниот народ во годините што доаѓаат", пишува во честитката претседателот Обама.

Претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, во името на кинескиот народ упати честитка до претседателот Иванов и целиот македонски народ.
„Во изминатите неколку години, билатералните односи меѓу Кина и Македонија забрзано се развиваа. Подготвен сум да работам со вас, врз основа на принципите на заемна почит, еднаквост и заемен интерес, за натамошно јакнење на соработката во разни полиња и да го промовираме сеопфатниот развој на пријателските и односите на соработка меѓу Кина и Македонија", пишува во честитката претседателот Џинпинг.

Во пораката од Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.В. Елизабета ǁ се вели: „Ваша Екселенцијо, ми претставува посебна чест и задоволство да Ви го честитам државниот празник, Денот на независноста, со најискрени желби и честитки за среќа и просперитет на народот на Република Македонија".

Претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоаким Гаук честитајќи го Денот на независноста, изразува уверување дека Германија и натаму како пријател и партнер ќе ја поддржува Република Македонија во своите напори.„Политичките лидери на Вашата земја докажаа дека може да се договорат за доброто на земјата и за нејзините граѓани. Оваа култура на компромис може да се надгради. На тој начин претстојните реформи за заедничката иднина во европското семејство може да се спроведат благовремено, транспарентно и одржливо". Меѓу другото, во упатената честитка германскиот претседател се осврнува и на бегалската криза. „Бројката на бегалци што расте, ја доведува Вашата земја, како и цела Европа, пред дополнителни предизвици. За да ја добијат потребната заштита, потребен е ангажман на секоја поединечна земја како и соработка меѓу сите засегнати држави", пишува претседателот Гаук.

Желби за среќа и просперитет на граѓаните на Република Македонија изрази во честитката до претседателот Иванов императорот на Јапонија, Н.В. Акихито.

Честитка до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Турција, г. Реџеп Тајп Ердоган. „Сакам да потенцирам дека ќе продолжиме со поддршката околу интегрирањето на Република Македонија во НАТО и во ЕУ. Сплотувањето на Македонија во евроатлантските институции, како земја каде различните етнички и верски заедници живеат со меѓусебно почитување, цврсто сум убеден дека ќе придонесе за зачувување на мирот и благосостојбата не само во Вашата земја, туку и во земјите од Балканот", стои во писмото од претседателот Ердоган.

Честитка по повод Денот на независноста пристигна и од претседателот на Унгарија, д-р Јанош Адер, во која се изразува силна поддршка за натамошно развивање на билатералните односи. „Во изминативе години Македонија направи големи чекори во процесот на евроинтеграцијата. Искрено посакувам Вашата држава успешно да ги надмине и преостанатите препреки. Може да сметате на безусловна поддршка на Унгарија во овој поглед", пишува претседателот Адер во писмото до македонскиот претседател.

Успех и просперитет на сите граѓани на Република Македонија во честитката до претседателот Иванов посака претседателот на Чешката Република, г. Милош Земан.

„Цврсто верувам дека заемното разбирање и пријателство меѓу нашите земји ќе продолжи да се развива во интерес на натамошното јакење на нашата заедничка соработка", се вели во честитката од чешкиот претседател Земан.

Честитки во името на граѓаните на Словачката Република упати претседателот на Словачката Република, г. Андреј Киска.

„Нашите нации се поврзани со традициите на Св. Кирил и Методиј и заедничката иднина во европското семејство. Се надевам дека вашата земја ќе го продолжи својот пат на реформи и натамошно зајакнување на демократските традиции", се вели во честитката од словачкиот претседател Киска.

Во писмото упатено од претседателот на Латвија, Н.Е Раимондс Вејонис, се вели дека Латвија високо го цени политичкиот дијалог и конструктивната соработка со Република Македонија. „Верувам дека блиските односи на пријателство меѓу нашите земји ќе продолжат да се унапредуваат и во иднина", стои во честитката од латвискиот претседател.

Писмо со честитки по повод 8 Септември до претседателот Иванов упати и претседателот на Швајцарската Конфедерација, г-ѓа Симонета Сомаруга. „Нека пријателството и соработката кои постојат меѓу нашите две држави продолжат да се унапредуваат и во следните години", стои во честитката со желби за здравје и просперитет на граѓаните на Република Македонија.

Честитки по повод Денот на независноста со желби за добро здравје и просперитет на македонските граѓани упати и кралот на Шведска, Н.В. Карл Густав.

Честитка по повод Денот на независноста на Република Македонија упати претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани.

"По повод овој важен ден за Вашата земја, би сакал да го изразам длабокото уверување дека благодарение на заемната волја, добрососедските и односите на соработка меѓу нашите земји, ќе одбележиме позитивен развој во сите полиња од заемен интерес", се вели во честитката од албанскиот претседател Нишани.

По повод 8 Септември, писмо со честитка до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Косово, г-ѓа Атифете Јахјага. „Република Косово и Република Македонија ги поврзуваат многу заеднички работи: почитта кон човековите права и владеењето на правото, како и заедничката посветеност на демократијата, развојот и просперитетот", пишува Јахјага.

Писма до претседателот Иванов пристигнаа и од претседателите на Алжир, Непал, Палестина, СР Виетнам, кралот на Малезија, со желби за среќа, благосостојба и просперитет на граѓаните на Република Македонија.

cestitka8septemvri
Честитка од претседателот Иванов по повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија
Понеделник, 07 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

На 8 Септември 1991 година го остваривме вековниот стремеж за слободна и независна македонска држава. Гласајќи за независноста и сувереноста на Република Македонија им се оддолживме на нашите храбри предци и се обврзавме кон нашите потомци.

Слободата и независноста не ни беа подарени. Од првиот ден на независноста како држава се соочувавме со двојните стандарди, со предизвикот да се движиме по необележан пат, каде за нас не важеле правилата на меѓународните односи и меѓународното право. Но, не се откажувавме и не отстапивме од нашата праведна цел – да градиме безбедна и стабилна, демократска и развиена, европска и евроатлантска Македонија, отворена кон соседите и кон светот. Ја градиме Македонија како земја на социјална правда, солидарност и напредок на личниот и заедничкиот живот. Ја негуваме вековната традиција на соживот и на прифаќање и почитување на различноста.

Покрај надворешните, се соочувавме и со внатрешни предизвици. Политичката криза не потсети дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. Не потсети на важноста на водење дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Ни останува преку дијалог и соработка да ја градиме довербата неопходна за остварување на споделените цели и визии. Бидејќи, само обединети и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни.

Денес, низ Република Македонија минува река од мигранти. Во трагичната сегашност на мигрантите го препознаваме нашето тажно минато. Додека сме хумани кон луѓето кои бегаат од разрушените општества и пропаднатите држави, да бидеме благодарни на она што го имаме – наша сопствена држава.

Чувањето на независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Имаме енергија за многу нови потфати. Да ја направиме Македонија економски силна и развиена. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство. Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво,за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија.

Тоа можеме да го оствариме само со единство и одговорност, на кое не потсетува и денешниот голем ден.

Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

bezbednost
Работен состанок на претседателот Иванов со субјектите на системот за национална безбедност
Понеделник, 07 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа работен состанок со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, командантот на Здружената оперативна команда, директорите и раководителите на државните органи надлежни за одбраната, безбедноста и разузнавањето, и со националниот координатор за борба против тероризмот.

На работниот состанок надлежните органи го информираа претседателот Иванов за заканите и ризиците кои се последица од регионалните кризи и конфликти, а со кои се соочува Република Македонија, како и за мерките кои се превземаат за превенција и справување со истите.

На средбата беше истакнато дека субјектите на системот за национална безбедност, согласно акциониот план за превенција и справување со влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија на Главниот штаб на Центарот за управување со кризи, учествуваат со мерки и активности за превенција и справување со актуелната кризна состојба зафатена со бранот на илегална миграција, која доаѓа од територијата на држава-членка на Европската Унија.

Надлежните институции го информираа македонскиот претседател дека покрај ангажирањето на дел од армиските и полициските единици за надзор на државната граница и задачите кои произлегуваат од стратегискиот одбранбен преглед, службите разменуваат и добиваат податоци од странски партнери од ЕУ и НАТО и од државите во регионот, а со цел идентификување на ризиците кои произлегуваат од илегалната миграција: трансфер на странски терористички борци, спречување на делување на организирани криминални мрежи кои се олеснувачи во помагање и криумчарење на безбедносно ризични лица без документи или со фалсификувани документи, проверка на идентитетот на странските државјани и идентификација на лица кои учествувале во воени дејствија во кризните региони.

На работниот состанок воедно беа извршени безбедносни консултации поради потребата за промена на поставеноста на субјектите во системот за национална безбедност и нивната надлежност, потреби од материјалната, кадровската и техничката опременост за соочување со заканите и ревизија на механизмот за извршна контрола над работата и примената на мерките од службите.

"Заканите со кои се соочуваме ја наметнуваат потребата од зголемена комуникација и соработка меѓу службите, навремен и превентивен одговор, и поголема транспарентност во работата на системот на контрола во Собранието и институциите", истакна на средбата претседателот Иванов.

На состанокот беше дискутирано и околу можностите за развој на систем за одбрана со акцент на зголемување на капацитетите на специјалните сили и разузнавањето, како и развој на систем за информирање на субјектите надлежни за безбедноста и одбраната, кои ќе бидат дел од обврските во новата Стратегија за одбрана на Република Македонија.

bezbednost1

Desir
Средба со г. Арлем Дезир, Државен секретар за европски прашања во МНР на Француската Република
Среда, 02 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Арлем Дезир, Државен секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Француската Република.

На средбата беа разменети мислења за севкупните односи меѓу Република Македонија и Француската Република на билатерално и на мултилатерално ниво, при што беше констатирана потребата од интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа и продлабочување на економските односи.

Во однос на европската и евроатланската перспектива, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија очекува отворена поддршка за деблокирање на евроинтегративниот процес, што би резултирало со отворање на пристапните преговори со Европската унија.

„Блокадите делуваат демотивирачки, постојано предупредувам на растечките фрустрации во македонското општество. Затоа апелираме до Европската унија билатералните прашања да не бидат пречка за заедничка поддршка и солидарност. Нашите барања се овие два процеси да течат паралелно, или прашањето за името да се решава како последно 35 поглавје од преговорите", рече претседателот Иванов.

Државниот секретар Дезир истакна дека посетата на Република Македонија е со цел да ја пренесе цврстата определба за помош и поддршка од Франција за Република Македонија и целиот регион во евроатлантските интеграции. „Неопходно е Република Македонија посветено да работи на исполнување на препораките од Европската комисија, за што сум тука да ве охрабрам", рече државниот секретар Дезир.

На средбата беа разменети мислења и за актуелната ситуација со мигрантите. Во таа насока, претседателот Иванов нагласи дека на Република Македонија и е неопходна помош и поддршка за справување со оваа криза, и изрази очекување за соодветен одговор од ЕУ во најскоро време.

Двајцата соговорници ја истакнаа и потребата од натамошна соработка на безбедносните служби и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 60 од 175